Во книгата има 24 раскази, кои зборуваат за трите периоди од детството на Конески: годините поминати во родното село Небрегово, потоа училишните години во Прилеп и дел од настаните во гимназијата во Крагуевац, во соседна Србија. За да се откријат делови од тоа време на школување на нашиот великан беше потребно да се истражува, односно, она што низ годините како професионален новинар го имав забележано како сеќавања од повеќе негови соученици сокласници и соработници да го раскажам за младите читатели, вели Китаноски
ЕКСКЛУЗИВНО – Разговор со писателот Мишо Китаноски, автор на романот „Детството на Конески“
Мишо Китаноски е познат македонски писател, новинар, публицист… Уште од почетоците на неговиот креативен раст, тој со својот професионален ангажман многу придонел за развојот на македонската литература за возрасни, а особено за деца, како претставник на третата генерација македонски писатели. Негови песни се застапени во буквари, читанки, зборници и прирачници, како и во три антологии на македонската поезија за деца, издадени во странство. Исто така се преведени на десетина странски јазици. Автор е на повеќе книги поезија и проза, повеќето наградени, а деновиве е актуелен со романот „Детството на Конески“, кој содржи 24 раскази за детството и младешките години на великанот на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески.
Минатата година ексклузивно на страниците на „Колибри“ објавивме 10 раскази од Вашата нова книга, Ви благодариме на честа и довербата.
– Ако не беше прилогот за деца „Колибри“, каде што се објавени првите десет раскази од книгата, можеби немаше да го напишам романот „Детството на Конески“. Најпрво чувствувам потреба да искажам искрена благодарност до редакцијата на „Нова Македонија“ и нејзиниот многу значаен прилог „Колибри“, на чело со уредничката М. Таушанска, што ме поддржа и ми овозможи да бидат објавени првите 10 раскази за деца од тогашниот ракопис „Детството на Конески“. Овој поттик во исто време беше и стимул да продолжам со истражувањето за вистинските настани од детството на нашиот великан Блаже Конески и истите тие да бидат раскажани. Ете, така се роди и веќе е пред нас мојата книга „Детството на Конески“.
Кажете ни, што беше клучно да се зафатите за овој голем предизвик?
– Веднаш да кажам, две појави го диктираа тоа. Првата беше што веќе 80 години од постоењето на самостојна Република Македонија, никако да стивне крајно негаторскиот однос кон постоењето и потврденоста во светски рамки на историската вистина дека македонскиот јазик од кирило-методиевската и Климентово-охридската историска потврда, како и од непобитниот факт од Крстемисирковата мисија и книга, е автентичен јазик на Македонците, кој е познат и признаен и се изучува во светски рамки. Вториот предизвик беше појавата на некои непотребни изливи и кај нас, кои на општо задоволство беа во корен сосечени и сега се веќе заборавени. Низ расказите од детството на Блаже Конески може да се видат отпорите на страдалниот македонски народ низ вековите, кој бранејќи го својот мајчин македонски јазик, всушност и во исто време ги бранел и својот автентичен македонски идентитет, историјата, традицијата и исконското постоење.
За да се создаде едно вакво дело, потребно е да се вложат многу труд, часови и часови посветена работа, истражувања, обмислувања, средби… Според Вас, што е она најважното што го карактеризира делото, а што го откривте во текот на работата?
– Збор станува за 24 литературни раскази, кои еднакво зборуваат за трите периоди од неговото детство: годините поминати во родното село Небрегово, потоа училишните години на Блаже Конески во Прилеп и дел од настаните во гимназијата во Крагуевац, во соседна Србија. Прашањето зошто Блаже Конески отишол да се школува дури таму се сведува на следното: Македонија меѓу двете светски војни се нашла во рамките на Кралството Југославија кога било забрането да се зборува и пишува на мајчин македонски јазик од една и обидот на режимот да се врши асимилација и денационализација на македонскиот народ од друга страна. За да се откријат делови од тоа време на школување на нашиот великан Блаже Конески беше потребно да се истражува, односно, она што низ годините како професионален новинар го имав забележано како сеќавања од повеќе негови соученици сокласници и соработници да го стокмам/раскажам за младите читатели. Оттука, јас во 24 раскази пишувам за вистински настани што ги доживеал Блаже Конески, на кои не само тој туку и неговите другари и пријатели подоцна се сеќаваа.
Што Ве импресионираше најмногу во процесот на создавањето на делото?
– Среќен сум што моите љубопитства во новинарството ме водеа кон тоа, мојот ученички идол, восхит и вознес кон големиот поет и лингвист Блаже Конески да го читам и препрочитувам, но и да се интересирам за тоа каков бил, односно како му поминал неговиот детско-младешки живот во двојно окупираната македонска историја. Во тоа се уверив кога пред 30 години го слушнав првото кажување за Блаже Конески и за неговото школување во Крагуевац од Лазар Мојсов, тогаш негов сокласник и гимназиски другар. Потоа сѐ одеше полесно. Разговарав со пријателот и соработник на Блаже Конески, истакнат македонски лингвист Трајко Стаматовски, кој патем да истакнам вложи усилби на моите прашања да дава и потврдува оригинални одговори, за она што сакам да го пишувам дека било така. Кон нив, исто така, голема помош и поддршка постојано добивав од писателот Коце Солунски, човекот што од второ одделение останал неразделен другар со Блаже Конески до крајот на неговиот живот. Можам да кажам дека настаните од детството на нашиот великан Конески се поделени во три групи: животот на Конески во родното Небрегово и во Прилеп за што ми помагаше со свои сеќавања К. Солунски, додека за школувањето во Крагуевац и почетоците за пишувањето поезија на македонски јазик ми зборуваше и сведочеше Лазар Мојсов. Сите овие три периоди и настаните одиграни во нив ги „проверуваше“ неговиот долгогодишен пријател и соработник Трајко Стаматовски. Ним им должам голема благодарност за помошта што ми ја даваа, но и за поддршката да издржам во мојата намера да се опише детството на нашиот великан Блаже Конески, кој до последниот здив, несебично го посвети целиот свој живот на науката. Тоа се потврди низ неговите дела посветени на македонскиот јазик, азбуката, правописот и граматиката. Со тоа нашиот мајчин македонски јазик стана составен дел од атласот на светските јазици, а тоа значи дека делото на Б. Конески има трајна историска потврда. Повеќе од сигурно е дека заслуга за тоа без отстапка има некогашното дете од с. Небрегово, кое со многу работа израсна во светски славист и потврден и признаен литерат и историчар на македонската литература и култура.
Која беше Вашата главна цел во текот на создавањето на овој роман?
– Книгата „Детството на Конески“ е прва од ваков вид кај нас, ја напишав со една единствена цел, на младите читатели, но и на нивните родители да им покажам дека низ работа и со работа Блаже Конески го постигна она што за нас Македонците е трајна тапија. Кон книгата го додадов родословието (семејното стебло на Блаже Конески), но и почетоците – запишувањето песни на македонски јазик. Со ова сакам читателот сам да си извлече поука како од едно селско дете (Конески понекогаш го потенцираше тоа), со работа може да се стане познат и признаен светски лингвист и писател. Сега на составувачите на новата лектира за основно образование и на учебникарите им стои на располагање и мојата книга „Детството на Конески“. Нивна должност е да ја вреднуваат и што од неа ќе користат оставам на слободен избор, а дали ќе се преведе на друг јазик, оставам времето да покаже…
Често ја посетувате родната куќа на Конески во Небрегово, Прилепско, која, за среќа, е заштитена од забот на времето, за разлика од куќите на други наши писатели, кои речиси веќе не постојат. Како да ги поттикнеме надлежните повеќе да се грижат за чување на споменот на нашите значајни културни дејци?
– Горд сум што куќата на Блаже Конески во Небрегово е нашето вистинско место – светилиште и духовен простор за нашата опстојба. Имам чувство дека таа куќа е и мојот дом. Секоја чест на луѓето што се грижат за неа и ја одржуваат. На вработените од Музејот во Прилеп ќе им предложам уште ова лето да го збогатат просторот/дворот со уште неколку елементи што биле присутни во детството на Блаже Конески. Дел од нив оставиле длабоки траги во сеќавањето на самиот Б. Конески, кога како дете живеел тука. Воодушевен сум што ООУ во селото Скудриње го носи името на нашиот великан и ќе им подарам примероци од мојата книга „Детството на Конески“.
Бидејќи по природа сум оптимист, се надевам дека сите следни министри за култура ќе сфатат дека културниот туризам е движечка сила на секоја држава. Сѐ уште нема обележје за Иван Точко во Охрид или за Лазо Каровски во Кавадарци, за херојот Евреин Рафаел Батино од Битола, кој по налог на КПМ почнал да собира материјали за да напише граматика на македонскиот јазик. Нема споменик ниту за Лазар Мојсов во Неготино или за новинарот и прекрасен фељтонист Верољуб Андоновски во Куманово. Имам програма што ја нудам без никаков надоместок како нашата бескрајно убава Македонија да ја закитиме со спомен-обележја на значајни личности, кои ќе бидат вистински предизвици и за странските туристи.
Планирате ли да напишете втор дел од романот „Детството на Конески“?
– Сознанието дека не само во соседните држави туку и пошироко за составувачите на азбуката и кодификаторите на нивниот јазик (на пример за Вук Караџиќ во Србија) има дваесетина и повеќе книги од десетина автори, кои го осветлуваат нивниот животен пат, мојата книга „Детството на Конески“ е почеток, односно повод одблиску да погледнеме во неговото детство и растење, но и развивање. Притоа, се разбира водев грижа неговиот лик да биде ослободен од сите стеги и недоследности. Дека е така ќе покажам во мојата следна, втора по ред книга за нашиот великан со наслов „Конески од блиску“. Во неа отворено ќе кажам многу непознати настани, кои се многу значајни за целосно согледување на вистинскиот творечки лик и дело на Блаже Конески. Можеби звучи парадоксално, но верувајте ми, утврдив дека најнапаѓан и најнавредуван Македонец во изминатите 80 години е токму Блаже Конески, а дури по него доаѓа Лазар Колишевски.
Посакувате ли да се сними игран филм, најпрво за раните денови на Блаже Конески, според Вашата нова книга, а подоцна и за неговиот живот, исто така според Ваше сценарио?
– Кај нас веќе има два филма за Блаже Конески. Првиот е со наслов „Големиот од Небрегово“, а вториот се вика „Јанѕа“. Сценарист и на двата филма е документаристот Никола Т. Калајџиски, кој на нему својствен начин го направил тоа што можел и сакал да го направи. Во филмовите убаво и аргументирано се зборува за волуменозното дело на Блаже Конески од познати домашни и странски стручњаци. Тоа е она што импресионира, но ние досега немаме документарно-игран филм за Блаже Конески и неговата работа, го немаме овековечено неговиот животен пат, никој не знае, на пример, дека во октомври 1944 година Блаже Конески во директна борба во Прилеп со германскиот окупатор е ранет, за тоа никогаш не зборуваше, а со такви пресвртни, клучни настани и состојби премногу е исполнет неговиот живот.
Јас такво сценарио напишав пред пет години, но ниеден продуцент (и покрај пофалните зборови за сценариото) не прифаќаше да го реализира, со оправдување дека Фондот за филм никогаш нема да даде средства за него. Верувам дека ќе се најде разбирање да се сними и таков филм, зашто Блаже Конески беше една питома, милозлива, па дури и срамежлива личност. Вонсериски работлив интелектуалец и човекољубец, а овие карактеристики погледнати низ објективот на камерата ќе ни го претстават великанот во своето трајно величие. Тоа, искрено, им го должиме на нашите потомци, зашто имаат со кого да се гордеат, трајно да го почитуваат и никогаш да не ги заборават ликот и делото на великанот од селото Небрегово, нашата вечна икона…
Која е Вашата порака до младите читатели?
– Животниот пат на Блаже Конески нека биде и ваш вечен завет да имате свој сопствен творечки пат!
Можеше да нема пари за леб, но мораше да има за „Нова Македонија“
Во Вашите младешки години велите дека весникот „Нова Македонија“ многу придонел за Вашата едукација. На кој начин?
– Јас уште како ученик во Кавадарци бев обземен од фактот што слободно зборуваме, пишуваме и учиме на милозвучниот мајчин македонски јазик. Тоа во мене предизвика таква опсесија, восхит и вознес што буквално сѐ што во тоа време излегуваше во нашата слободна татковина Македонија (книги и весници) купував, читав и чував како своите очи. Зашто татко ми до слободата на Република Македонија бил роб, национално непризнаен, а јазикот му бил забранет да го зборува како Македонец, за што бил и казнуван. Тој скок од роб кому му било забрането да зборува на македонски јазик до (о)слободен човек и Македонец, јас како дете го чувствував на необјаснив начин, затоа првиот весник на македонски јазик – „Нова Македонија“ – секојдневно го купувавме, а јас кога ќе го прочитав од прва до последна страница без многу нешто да разберам го врзував со конец во комплет. Тој восхит што дома и насекаде ечи и се зборува на македонски јазик за мене беше блескотен историски настан и скок, а сето тоа го доживував детски исполнет со радост и безброј копнежи. Можеше дома да нема во некои денови доволно пари за леб, но мораше да има за весникот „Нова Македонија“, водоскокот и изгрејсонцето напишани и нацртани на македонски јазик. Овој период на мојата и на следните генерации се градеше и потврдуваше, но и силно се зацврстуваше во сите нас македонското национално самосознание, но и обврската истото тоа со секој нов ден да го градиме и браниме. Ваквото чувство со годините полека се разводнуваше со несоодветните школски реформи.
Потребно е потемелно изучување на македонскиот јазик
Дали според Вас, изучувањето на македонскиот јазик денес се одвива на вистинскиот начин во училиштата?
– Потребно е потемелно изучување на македонскиот јазик. Многу се оддалечивме од суштината во изучувањето на македонската азбука, поради што нашето образовно дело, чии темели во ослободена Македонија ги постави Блаже Конески, излезе од шините и стана дел од глобалниот светски образовен систем што ни се продава по поевтина цена. Децата, по сегашната каква-таква букварска настава, не знаат убаво да читаат дури ни до петто одделение. Предупредувам, ако сакаме вистинска реформа на нашето образование, мораме да почнеме со враќање на букварската настава за изучување на македонската азбука чиј автор е неповторливиот македонски великан Блаже Конески.