РЕЦЕНЗИЈА
Новото ТВ-шоу на Ејч-би-о насловено едноставно „Пингвинот“ дефинитивно ги освои срцата на најголемиот дел од филмските обожаватели. Тие беа воодушевени од овој спиноф на „Бетмен“ на Мет Ривс, кој излезе во 2022 година, и побрзаа да го оценат ова остварување како една од најдобрите приказни за супернегативци во последнава деценија, а со сигурност најдобро приквел-шоу за 2024 година.
Според филмските обожаватели што се љубители на франшизата за Бетмен, „Пингвинот“ е возбудливо нуркање во криминалното подземје на Готам Сити. Наедно, покрај извонредниот Колин Фарел во улога на насловниот лик Освалд Кобплот, познат како Пингвинот, оваа серија своето дејство го базира врз жесток, бурен тон и на обожавателите им нуди свежо, но познато искуство во универзумот на Бетмен. За разлика од повеќето содржини поврзани со суперхерои, Пингвинот се фокусира на помрачните, почовечки елементи на криминалниот Готам, оддалечувајќи се од централната фигура на Бетмен и целата негова иконографија и ставајќи се себеси во центарот на вниманието.
По доста лошите критики што ги доби неговиот претходник од истиот град („Џокер, лудило за двајца“), обожавателите сметаат дека „Пингвинот“ е токму она што им било потребно за да ги вратат надежта и вербата во оваа франшиза. Оваа серија на младата режисерка Лорен Лефранк, која во филмскиот свет нема многу успеси и е доста непозната, во основа нема никаква врска со Бетмен освен фактот дека е сместен во Готам. Ова е самостојна драма за мафијата, криминалот и желбата за моќ.
Иако во неа глуми Колин Фарел, кого го гледаме и во филмот „Бетмен“ на Мет Ривс од 2022 година, гледајќи го „Пингвинот“ стекнувате впечаток дека гледате некое продолжение на „Сопранови“ наместо продолжение на „Бетмен“. Познатиот херој со црна наметка воопшто не се појавува и сета злоба на шоуто, вклучувајќи ја и онаа на Пингвинот, е од човечки вид.
Наедно, покрај извонредниот Колин Фарел во улога на насловниот лик Освалд Кобплот, познат како Пингвинот, оваа серија своето дејство го базира врз жесток, бурен тон и на обожавателите им нуди свежо, но познато искуство во универзумот на Бетмен. За разлика од повеќето содржини поврзани со суперхерои, Пингвинот се фокусира на помрачните, почовечки елементи на криминалниот Готам, оддалечувајќи се од централната фигура на Бетмен и целата негова иконографија и ставајќи се себеси во центарот на вниманието
Кармин, неговиот шеф и глава на криминалното семејство Фалконе, беше убиен на крајот на „Бетмен“. Сега постои вакуум на моќта во градот и серијата ги следи обидите на Пингвинот да се издигне од својата позиција на гангстер од средно ниво, кој се обидува да води ноќен клуб и дел од бизнисот со дрога што сѐ уште им припаѓа гангстерите, но никогаш не бил целосно прифатен. Неговиот копнеж за почит е тоа што го води низ смртоносната игра на подеми и падови кон неговата цел да доминира во Готам.
Дали „Пингвинот“ е навистина толку добро шоу или станува збор за просечна крими-драма, која нималку не излегува од стандардните холивудски клишеа?
Но, и покрај екстремно високите оценки што ги доби оваа серија, меѓу мал дел од филмската критика, која трезвено и без субјективна наклонетост гледа на суперхеројските остварувања, виси прашањето дали „Пингвинот“ е навистина толку добро шоу или станува збор за просечна крими-драма, која нималку не излегува од стандардните холивудски клишеа?
Па, да почнеме од почеток.
Од самиот почеток лесно можеме да воочиме дека станува збор за превласт на две фамилии што се борат за поседот врз наркокартелите. Тоа се фамилиите Фалконе и Марони, со кои Оз повремено кокетира. Но неговите намери не се искрени. Неговата крајна цел е да ги собори двете фамилии и тој конечно да завладее со криминалот во Готам. Но каде е тука Готам? Целото шоу се чувствува како да постои во генерички, премногу нормален свет, лишен од мистичноста и жарот што ги дефинираат Готам и неговите иконски негативци. Естетиката на шоуто не се ни обидува да се совпадне со мрачниот готички изглед на Готам од филмот. Во суштина изгледа само како филм за гангстер што живее во Квинс. Се чини дека ова шоу ја промашува целта, не успевајќи да ја долови суштината на универзумот на Бетмен. Наместо да нѐ потопи во светот на Готам, тоа бесцелно лебди, нудејќи мала незабележителна гангстерска драма. Пингвинот е сведен на патетичен уличен силеџија со тинејџерски придружник – чуден непотребен додаток што уште повеќе ја разводнува целата приказна.
„Пингвинот“ ги имаше сите можности за да биде возбудливо истражување за еден од најозлогласените негативци на Готам, но наместо тоа, тој се претвора во мала незабележителна мелодрама. За шоуто што треба да навлезе подлабоко во криминалното подземје, дејството е чудно плитко, нудејќи малку, можеби само малку повеќе од гангстерскиот шмек, на ниво на балканска крими-драма од редот на „Клан“, „Беса“ или „Јужни ветар“.
Шоуто се бори да најде свој идентитет. Помалку или повеќе, сѐ изгледа како многупати видено досега, позајмувајќи многу од „Сопранови“ и „Бордуок емпајр“, но сепак не успева да ги долови привлечните нијанси или острите дијалози што ги направија тие серии толку иконски. Резултатот е мрачна, безживотна атмосфера, која не изглед свежо или возбудливо.
Заговорот е еднакво неинспириран. Секоја епизода се развлекува низ повторувачки циклуси на предавство, грабежи на моќ и драма со ниски влогови, без да понуди вистински привлечни пресврти или раст на карактерот. Тешко е да се разниша чувството дека шоуто едноставно „гази во вода“, надевајќи се дека ќе ги привлече гледачите со неговата поврзаност со поширокиот универзум на Готам, наместо да испорача уникатна приказна сама по себе.
Додека продукциските вредности се мошне солидни, целата приказна е воочливо бледа. Лефранк овде изгледа повеќе се занимава со имитирање други успешни криминални драми отколку да создаде нешто оригинално и динамично.
Кои се всушност најслабите точки на ова шоу
Серијата никогаш навистина не успева доволно да ги изгради карактерите, ни на Освалд Коб ни на Софија Фалконе. Сите ликови се појавуваат без претходна структура и ние немаме доволно сознанија за нивното минато. Таа не успева да му каже на гледачот колку точно се моќни овие гангстерски семејства. Дали контролираат половина град? Дали се тоа цела армија војници или само грст лојални луѓе? Па така, кога е погодно за дејството, еден човек лесно може да извади неколку стражари и да им се заканува на газдите. Но, другпат тие го контролираат цел град и никој не може да ги спречи. Што е со кастингот? Сите освен Освалд Кобплот (Колин Фарел) изгледаат глупаво и воопшто незастрашувачки.
Вик, помошникот на Освалд, е лик без харизма, која е потребна за неговата улога. Тој е премногу здодевен и лековерен. И покрај семејната трагедија што ја доживува, на него не се забележуваат никакви емотивни траги од неа. Имате чувство дека неговиот лик е сосема вишок и непотребен.
Софија Фалконе (Кристин Милоти) не е добар негативец. Таа не е ниту суперинтелигентна, физички застрашувачка или луда/непредвидлива. Таа е лесно манипулативна и воопшто не е закана за никого. И покрај неколкукратните неверства, таа продолжува одново и одново да му дава шанси на Оз.
Софија Фалконе доминира во наративот до степен на нервоза. Нејзиното присуство е огромно, а нејзиниот развој на карактерот е неверојатен. Таа го одвлекува вниманието со тоа што е централен дел (дури и има своја цела епизода) и се развива до степен на страшна и моќна мафијашка кралица, која нема со што да го поткрепи тоа во приказната.
На крајот, тука е и мајката на Освалд. Жена што е болна и здрава наизменично, се чини според потребите на приказната, а не според тоа како би изгледало природно. Нејзиното присуство треба да додаде мрачност во ликот на Пингвинот (кого, впрочем, едвај дури двапати во целата серија го условуваат со тој прекар), но наместо тоа, таа само повеќе го оптоварува целото дејство, кое и така се бори да има фокус. Улогата на мајка дијаболик, која целиот живот живее со надеж дека ќе се одмазди за смртта на нејзините две деца, изгледа е претешка за Деирдре О’Конел, па таа на моменти изгледа патетично.
Естетиката на шоуто не се ни обидува да се совпадне со мрачниот готички изглед на Готам од филмот. Во суштина изгледа само како филм за гангстер што живее во Квинс. Се чини дека ова шоу ја промашува целта, не успевајќи да ја долови суштината на универзумот на Бетмен. Наместо да нѐ потопи во светот на Готам, тоа бесцелно лебди, нудејќи мала незабележителна гангстерска драма. Пингвинот е сведен на патетичен уличен силеџија со тинејџерски придружник – чуден непотребен додаток што уште повеќе ја разводнува целата приказна
Кои се нештата што ја прават оваа серија тешка за гледање?
Приказната во „Пингвинот“ е премногу слаба за да го задржи вниманието. Еден од најголемите проблеми сепак е тоа што нема ниту еден лик за кој гледачот навистина се грижи. Пингвинот е негативец, но негативец беше и Џокер (Хит Леџер/Жоакин Феникс), кој сепак успеа да стекне масовни симпатии.
Овој неконвенционален поглед кон познатиот негативец од „Бетмен“ е можеби добар состав, но, за жал, со промашена тема. Тој се бори да не биде здодевен. Од епизода во епизода гледачот се мачи да ги преживее бескрајно долгите и празни дијалози, кои се протегаат низ целата серија како самрак. Како во евтините сапуници, тие дури и нема потреба да се следат со полна концентрација. Понекогаш се толку празни и неважни што буквално и нема што да се пропушти.
Сценариото следи болно предвидлива формула и е неверојатно мрзливо. Секоја епизода се надоврзува на тоа што Пингвинот е блиску до откривање или фаќање, само за некој или нешто да излезе од никаде во последните минути од епизодата за да го спаси.
Колин Фарел буквално го украде шоуто
Единствен светол момент во ова шоу е Колин Фарел.
Ликот на Освалд Коблпот, кој тој го игра, е еден од најинтересните аспекти на неговото постоење, но дури и неговата изведба почнува да се чувствува како уморно повторување на она што веќе го видовме во филмот за Бетмен.
Сепак, јасно е дека Фарел буквално го украде ова шоу. Тој е импресивен во секој поглед. Нема ништо што дури и навестува на него. Неговиот њујоршки дијалект, фасцинантната шминка и маска, неговото млитаво движење и безобразно добрата игра ќе ве натераат да се заколнете дека станува збор за друг актер, а не за познатиот суптилен Колин Фарел.
Во оваа доста бледа претстава за Пингвинот, тешко е да се најдат доволно силни атрибути за неговата изведба.
И покрај очигледното отсуство на Бетмен, неговото присуство е толку силно што тоа отсуство не се ни забележува.
На крајот, „Пингвинот“ се бори да го оправда своето постоење. Тоа е серија што ниту ги поместува границите на жанрот ниту нуди свежи сфаќања за познатиот материјал. На крајот се чувствува како непотребен додаток на поголем, веќе пренатрупан универзум, кој не знае каква нова приказна се обидува да раскаже. За љубителите на Готам и неговото подземје, шоуто нуди малку повеќе од проодно, заборавно возење низ светот што веќе сме го виделе премногу пати досега.