Натпревар за иновативни еколошки проекти на средношколци
од цела Македонија

Учениците од СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп: Џанер Фејзоски, Тамара Ковилоска, Сара Рајчиноска, Филип Гически и Андреа Гагалеска, под раководство на нивниот професор Ѓорѓија Гагалески, во мај годинава, во хотелот „Дрим“, Струга, учествуваа на работилница натпревар за финансирање социјални иновации што се базираат на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштитата на животната средина.
На работилницата учествуваа 10 средношколски тима од државата, кои со помош на своите ментори ги развиваа своите решенија и ги презентираа пред стручно жири, кое беше составено од по еден претставник: од ФИТР на Р С. Македонија, здружението ЛЕАД (Лидерс од едјукејшн, активизам енд дивелоупмент) и претставник од УПСХИФТ.
Тимот од СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп со својот предлог-проект „Систем за собирање дождовница за наводнување на училишниот мини-овоштарник“ беше прогласен за еден од петте победници и доби 120.000 денари за реализација на своето решение за проблемот со недостиг од вода.

Имено, училиштето поседува овоштарник за практична настава, кој е запуштен поради немањето соодветен систем за наводнување. Идејата на учениците беше да се собира и да се искористува дождовницата за наводнување на училишниот овоштарник со помош на систем капка по капка, а плодовите од овоштарникот да се искористат во училишната лабораторија и пекарница.
Пет тима беа прогласени за победници:
– СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе работи на намалување на потрошувачката на пивка вода преку возобновување на училишниот бунар.
– СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп и СУГС „Владо Тасевски“- ПТТ – Скопје ќе работат на собирање и искористување на дождовницата за полевање на сопствените насади во дворовите.

– ССОУ „Коле Неделковски“ – Велес ќе работи на спречување на загубите на вода во градскиот водовод во Велес преку инсталација на сензори во водоводните цевки.
– ОСЕУ „8 Септември“ – Тетово ќе работи на прочистување на водата за пиење во нивното училиште преку поставување филтри.

Ф.Д.