На овие награди им претходеа сеопфатни интензивни подготовки организирани од СТЕМ Академија, кои траеја три месеци во континуитет, за да може да се одговори на барањата на судиите што ги оценуваат учениците за време на неколкучасовниот натпревар
Пет тима на СТЕМ Академија имаа тематски предизвик „Дали може да се преживее на Марс?“ на Медитеранскиот натпревар во СТЕМ и роботика одржан во Атина и освоија пет награди. Секој тим освои по една награда: најдобро решение на понуден проблем, најдобра соработка како тим, најдобра прва автоматизација и најдобра идеја и креативност, а тимот на „Фјучр старс“ го освои и првото место во напредната категорија.
Предизвиците за одржување живот на Марс
– Годинава на натпреварувањето отидовме со 26 ученици, во пет тима, два во малата (до 9 години) и три во големата категорија (9-12 години). Не се двоумевме за нивниот број знаејќи го потенцијалот на овие деца и начинот на кој посветено работат. Тие имаа задача да презентираат иновативно решение за предизвиците што би ги имале за одржување живот на Марс, односно изградба на метеоролошка станица, создавање енергија, но и одгледување храна на Марс, користејќи елементи на автоматизација и роботика, мотори и сензори – вели Жарко Поп-Илиев, извршен директор на СТЕМ Академија во Скопје.
На овие награди им претходеа сеопфатни интензивни подготовки организирани од СТЕМ Академија, кои траеја три месеци во континуитет, за да може да се одговори на барањата на судиите што ги оценуваат учениците за време на неколкучасовниот натпревар.
– Учениците од Скопје заминаа со решенија за кои судиите бараа објаснување, но им задаваа и нови задачи, кои требаше ги изградат за време на натпреварот и да ги образложат механизмите по кои работат и нивната употребна вредност. Кај малите тимови тоа значеше употреба на една автоматизација, еден мотор и еден сензор, додека преостанатите движечки делови од моделот да бидат рачни механизми, а кај големите тимови беа потребни од две до четири автоматизации, користење видеокамера како сензор, работа прикажана преку програмски код, да има компјутерска анимација, како и користење технологија MicroBit – дополнува Поп-Илиев, кој е дел од бордот на директори на СТЕМ Асоцијацијата, која го организира Медитерански натпревар во СТЕМ и роботика.
Наградите се продолжување на низата успеси
Покрај Македонија, на годинешниот Медитерански натпревар во СТЕМ и роботика учествуваа тимови од Црна Гора, Бугарија, Србија, Романија, Либан, Кипар, Египет, како и домаќинот Грција.
СТЕМ Академија е најстара образовна СТЕМ-организација во Македонија, која поседува меѓународна акредитација. Посветена е на развој на ученици од пет до 16 години, преку иновативни програми, со фокус на наука, технологија, инженерство и математика и искуствени знаења.
Наградите од Медитеранскиот натпревар во СТЕМ и роботика се продолжување на успехот во низата награди од другите меѓународни настани, а меѓу нив најзначајни се второ место на „Фрст лего лиг“ во Либан во 2019 година и прво и второ место на Роботската олимпијада во Крит во 2024 година.