Занимливости

Јуриј Алексеевич Гагарин е роден на 9 март 1934 година. Тој е советски космонаут, кој прв во историјата на човештвото се вивнал во вселената и станал прв човек што ја прелетал планетата Земја околу нејзината орбита. Тоа се случило на 12 април 1961 година. Летот траел 108 минути. Загинал во авионска несреќа на 27 март 1968 година. Велат дека генијалните умови на овој свет биле интересни, невообичаени и посебни деца. Па, да видиме какво дете бил Јуриј Гагарин.

1. Детство во мало село

Гагарин е роден во селото Клушино во поранешниот Советски Сојуз. Семејството живеело скромно – татко му бил столар, а мајка му работела на фарма.

2. Војната му го прекинала детството

Кога имал само седум години, неговото село било окупирано за време на Втората светска војна. Германски офицер ја зазел нивната куќа, па семејството било принудено да живее во мала земјена колиба.

3. Малиот Јуриј бил многу љубопитен

Како дете сакал да расклопува играчки и алатки за да види како работат. Учителите велеле дека постојано поставувал прашања.

4. Авионите го фасцинирале

За време на војната често гледал авиони на небото и тоа го воодушевувало. Тогаш почнал да сонува дека еден ден ќе стане пилот.

5. Бил мал по раст, но со големи соништа

Гагарин бил ниско момче, но многу упорно. Подоцна токму неговата помала висина му помогнала да се вклопи во малата кабина на вселенското летало „Восток 1“.

Подготвил: Ф.Д.