Драги деца, денеска ексклузивно на страниците на „Колибри“ за првпат се објавуваат песните на Иван Глигоровски, новинар, поет и публицист, кои тој им ги посветил на своите внуци Јована, Ема, Дамјан и Иан. Тој е долгогодишен пријател на нашиот прилог, кој, како што вели, го следи со внимание, читајќи ги личните творби на учениците и младите, но и делата на нашите најпознати детски поети и писатели
Од творештвото на Иван Глигоровски
За авторот
Иван Глигоровски е роден на 8 декември 1948 година, во с.Зубово, Струмичко. Тој е новинар, поет и публицист. Досега има објавено 13 книги и е сценарист, водител и уредник на околу 600 телевизиски емисии во продукција на Македонската телевизија (Документарна и Образовна програма).
Врската со страниците на прилогот за деца, ученици и младинци „Колибри“, како и со другите списанија („Развигорче“, „Наш свет“), што се или беа во состав на НИП „Нова Македонија“, Глигоровски го поврзува со долгогодишното дружење со неговата содржина. Таа го преокупира неговото внимание преку читањето на личните творби на учениците и младите, но и со биографиите и делата на нашите најпознати детски поети и писатели. Инспириран од богатото македонско творештво, и тој пројавува интерес за пишување и објавување свои лични творби. Тоа го прави за време на ученичките денови, а подоцна како студент свои творби објавува во списанијата „Млад борец“, „Студентски збор“, „Разгледи“, „Стремеж“, „Современост“, „Просветен работник“, „Нова Македонија“ (литературен прилог ЛИК), „Трибина“, „Република“ и во некои други весници и списанија. Во текот на 1990 година ја објавува стихозбирката „Воздишки на полето“ (НИК „Наша книга“, Скопје, рецензенти Видое Подгорец и Киро Донев).
Глигоровски во далечните 1999-2001 години и нешто подоцна подготви десетина ТВ-портрети на неколку наши поети и писатели што се застапени во изучувањето на нивните дела кај учениците во основните училишта во Македонија. Тоа беше убава можност најмладите читатели да се запознаат, меѓу другото, со ликот и делата на Бошко Смаќоски, Видое Подгорец, Оливера Николова, Стојан Тарапуза, Киро Донев, Ристо Давчевски, Велко Неделковски и некои други литературни автори. Како сценарист и уредник, овој мошне плоден ТВ-новинар при Образовната програма на Македонската телевизија (Редакција за Училишна програма), успеа да ги претстави најважните (поточно лектирните дела) на нашите познати литерати, а тоа беа романите или расказите: „Зоки Поки“ (Оливера Николова), „Белото Циганче“ (Видое Подгорец), „Големи и мали“ (Бошко Смаќоски), „Дамбара, думбара“ (Стојан Тарапуза), „Жаба спикер“ (Киро Донев), „Дождовни капки“ (Ристо Давчевски), „Втора смена“ (Велко Неделковски) и други.
Иван Глигоровски е автор и на телевизиските серии наменети за ученичката популација, како и за младината: „Преданија за места“, во кои се објаснува за потеклото на повеќе наши градови, „Македонските револуционери опеани во народните песни“, како и ТВ-серијата под наслов „Мотиви од народните песни“.
Во периодот од 2006 до 2008 година, Иван Глигоровски повторно е меѓу учениците и кај децата во градинките. Повод за тоа е снимањето на ТВ-серијата под наслов „Светот на близнаците“.
Глигоровски оваа година одбележува 50 години новинарско и публицистичко (писателско) творештво (1973-2023), кое се карактеризира со 13 авторски книги (најголем број од нив е посветен на воспитанието, образованието и воопшто школството во Македонија – „Првите учители на македонски јазик 1943-1948 г.“, „Народниот учител – гордост на повоеното македонско школство“, „Современи собирачи на народни умотворби“, „Учители на прогонетите деца од Егејска Македонија“, „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“, „Македонски лингвисти, прв и втор дел“, „Македонска историска читанка“ и други).
За обемното телевизиско и публицистичко дело, овој наш плоден новинар и литературен автор е добитник на дваесетина награди и признанија, меѓу кои: „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ (2007 г.), „13 Ноември“ (2008 г.), плакета од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, плакета од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, како и две награди (1987 и 1997) од Македонската телевизија.
Како нови творечки предизвици Иван Глигоровски ги има поставено темите и насловите на новите книги: „По трагите и патиштата на македонското печалбарство“, „Индекс бр. 1“, „Првите гимназии во Македонија“, „Моите 460 телевизиски емисии“, нова стихозбирка поезија и друго.