Четвртоодделенци од Прилеп снимија спот во чест на празникот 11 Октомври
По повод големиот празник 11 Октомври – Денот на востанието во Македонија, учениците од 4-1 и 4-2 одделение од прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, во соработка со музичката група „Д докторс“, снимија спот за песната „Мојата Македонија“ од Давид Темелков и со тоа им го честитаа празникот на сите свои сограѓани.
Спотот е снимен од продукцијата „Фан“ во прекрасниот амбиент на Паркот на револуцијата во Прилеп, познат и како Могила на непобедените.
Наставничките Розита Кареска и Јованка Антоска, одговорни за овој проект, велат дека на овој начин сакаат да им ја пренесат љубовта кон татковината на своите ученици и да потсетат на хероите што се заслужни за денешната слобода на Македонија.
– Да ја чуваме Македонија со срце! Храброста и сплотеноста на нашите предци нека нè потсетуваат дека љубовта кон татковината се негува со срце, песна и дело – велат тие.
Инаку, Денот на народното востание на Македонија е државен празник и се одбележува во сите краеви на државата, а особено во Куманово и Прилеп каде што пукнале првите пушки против фашистичкиот окупатор.
Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот што прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи.
По повод овој голем празник се доделува и државната награда „11 Октомври“ за животно дело на истакнати македонски дејци од областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности, а многу улици, училишта и јавни институции го носат името „11 Октомври“.
Ф.Д.