Револуционер со храброст и демократ со морална сила и вредносен систем
Повод: 160 години од раѓањето и 113 години од трагичната смрт на македонскиот револуционер
Годинава се навршуваат 160 години од раѓањето и 113 години од трагичната смрт на македонскиот револуционер Пере Тошев. Тој е бесмртен родољубец. Малкумина се како него, на прсти се бројат луѓето како Пере Тошев што си го посветуваат животот на татковината и за време на целата своја дејност без ниту еднаш да се осквернави со нешто нечесно. Ја започна својата револуционерна дејност како апостол и пропагатор на идејата за слобода, се оддал на македонското дело во кое ќе остане докрај без петно, се одликувал со извонредна скромност. Ова е дел од содржината на некрологот за смртта на Пере Тошев од 1912 година. Нема што да се додаде или, пак, да се одземе. Тоа е вистинската слика за нашиот голем револуционер, за кој најмалку се пишувало и кој недоволно е истражен од историчарите. Неговиот живот и револуционерно дело, досега најсеопфатно се истражени и проучени од професорите Љубен Лапе и Михајло Миноски.
Со право го поставуваме прашањето кој е Пере Тошев? Каков бил неговиот живот и колку е значајна неговата револуционерна дејност? И неговите соборци и современици ќе запишат дека меѓу најголемите македонски револуционери тој ѝ е најмалку познат на македонската јавност. Пере Тошев е просветен работник, идеолог и организатор на Македонската револуционерна организација (МРО), македонски револуционер, војвода, учесник во Илинденското востание, национален херој и совест на револуционерна Македонија. Најблизок соработник на Ѓорче Петров, Гоце Делчев и Јане Сандански. Целиот живот го посветил на борбата за ослободување на Македонија. За својата татковина – Македонија храбро го даде и својот живот.
Раните години на неговата револуционерна дејност
Пере Тошев, со прекар Лефтер, е роден во Прилеп во 1865 година, во семејство на видни и богати иселеници од Дебар. Основното образование и прогимназијата ги завршил во родниот град, а од 1882 г. учел во Солунската машка гимназија, која била расадник на македонски револуционери со напредни и патриотски идеи. Уште од најрана младост Пере го пројавил својот борбен дух, па така, во 1884 г. поради бунт е исклучен од гимназијата во Солун и се запишува во Пловдивската гимназија, каде што не мирува, продолжува со својата бунтовност, и заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп формира организациона единица на Тајниот револуционерен македонски комитет, кој има цел ослободување на Македонија.
Веќе во 1885 г. учествува во Српско–бугарската војна, во борбите кај Сливница и Пирот, каде што е ранет, а подоцна и одликуван со „Орден за храброст“. Во периодот 1885–1890 г. имал голем број состаноци со македонски дејци, со цел да формираат македонско-одринска организација, што се потврдува од содржината на писмото што го испратил до Ѓорче Петров во 1889 г., во кое предлага да формираат организација за ослободување на Македонија. За својата револуционерна активност уште тогаш е затворан во Бугарија, а по ослободувањето заминува во Прилеп, каде што по извесно време се вработува како учител. Во периодот што следувал учителствувал уште во Битола, Скопје и во Солун.
Веќе во 1894 г. станува член на МРО, по што го формирал првиот окружен револуционерен комитет во Битола. Потоа оди во Солун каде што станува училиштен инспектор. Тогаш и го формира четништвото како институција и е автор на револуционерната идеологија на комитите. Од тоа време многу блиско соработува со Гоце Делчев, со кого работи на организационото ширење и зацврстување на МРО. Во 1901 г. се случува „Солунската афера“ во која е затворено скоро целото раководство на МРО, вклучително и Пере Тошев, кој бил уапсен и затворен во Бодрум-кале, Мала Азија. Неговата индивидуалност дошла до полн израз во редовите на МРО, па така, дејствувањето на организацијата е неразделно сврзано со личноста и активноста на Пере Тошев. Инаку, неговиот карактер и темперамент му давале сила да го насочи своето внимание на луѓето со кои соработувал.
Стекнал голем авторитет кај соработниците, кои без проблеми ја прифаќале револуционерната идеологија што ја заговарал. Најсилен бил во делата во организацијата и на теренот. Проповедите и говорите им ги оставал на другите видни дејци. Така и стекнал неограничена доверба кај сите соработници. Неговиот авторитет се протегал и пошироко од Битолскиот округ. Го стекнал со отворен збор и категоричен цврст став, искажан со сериозност и сугестивност, кои оставале голем впечаток.
Пере Тошев беше против донесеното решение на Солунскиот конгрес за востание во 1903 г. Кога се покажа дека востанието не може да се спречи, тој активно учествуваше во Илинденското востание и се бореше со пушка во рацете во Прилепскиот востанички реон. По Илинденското востание, тој не емигрира, туку останува со својот народ да ги споделува последиците. Правеше сѐ за да го одржи народниот борбен дух, со цел да се продолжи со борбата за ослободување на Македонија. Се посвети на конципирање стратегија и програма и изработи Правилник на Организацијата, со кој ја преуреди нејзината структура, претстави нова стратегија, како за оружена така и за политичка борба за ослободување. Тошев беше тој што даде пресуден придонес за воспоставување на единството на Организацијата на општиот конгрес во 1905 г. одржан во Рилскиот манастир. Заедно со раководствата на Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ, како нивен идеолог и стратег, ги бранеше изворните принципи на Македонската револуционерна организација.
Соборците и современиците за Пере Тошев
Соборците и современиците неизмерно го ценеле и покажувале голема почит кон него и делото што го извршувал. Опишувајќи го неговиот карактер ќе констатираат дека бил тврд како камен и нем како сфинга. Во таа смисла Ѓорче Петров во своите Спомени има запишано: „Се сметам за извинет кај оние слушатели кои се надеваат дека ќе чујат сензационални работи и прикаски за бурните делувања. Херојските подвизи со надворешен блесок, ако претходно изјавам дека такво нешто не го краси Перевиот живот, затоа што сè што правеше го правеше во конспирација, невидливо-вистинско македонско подземје. За него прилега да се каже оваа карактеристика отколку да се пишуваат поеми…“.
А Даме Груев, вака ги опишувал некои особини на својот другар и соработник Пере: „За него само личноста воопшто има значење, бидејќи таа ја твори историјата, а не масите. Анархистичките дејства-бомбаџилукот, ја беа завладеале неговата душа. Секое друго средство за него беше неефикасно за борба против Турците и поради таа причина тој настојувал час поскоро да се пратат луѓе во странство за да се изучат на тоа искуство“.
Атанас Лозанчев за него меѓу другото велел дека е искрена чесна душа, аскет во целосна смисла на зборот, револуционер конспиратор, прекалено скромен човек. Крсто Петков со пиетет изјавувал дека Пере е доблесниот работник на делото, а за Павел Делирадев бил романтичар во најчистата смисла на зборот, за кого народната слобода била култ. Го сметал за револуционер и демократ со морална сила, самосвесен дека е повикан да ги трасира патиштата кон иднината. Христо Коцев го сметал за љубезен, добар и симпатичен. Според него, најголеми квалитети му биле упорноста, цврстиот карактер и јасното мислење од кое не отстапувал. И Велко Думев го опишувал како човек и деец со високи човечки вредности и морални принципи. За него бил душа надарена со високи умствени квалитети и добродетелства. Мудар, предан, упорен и трпелив. Врв на сѐ кај него била неговата грижлива и свесна потчинетост на организациската дисциплина, за која бил готов на секакви жртви. Никола Киров Мајски го смета за основоположник на Битолската револуционерна школа, низ која минале драгоцени илинденци, кои како факели го осветлувале патот на борците за македонската слобода. Го нарекол велик учител и апостол.
Антон Страшимиров со право ќе запише: „За секоја борба се потребни пет двигатели: срце, воља, совест, разум, и историско сознание. Тие двигатели го сплотија народот по Струма и Вардар во пет свои великани. Тие се Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и Христо Матов. На прво место го ставам Гоце, оти тој беше срцето на револуционерна Македонија. На второ место го ставам Даме, оти тој беше вољата на револуционерна Македонија. На трето место го ставам Пере, оти тој беше совеста на револуционерна Македонија. На четврто место го ставам Ѓорче, оти тој беше разумот на револуционерна Македонија. На пето место го ставам Христо Матов, оти тој имаше историско сознание“. А во една прилика со воодушевување ќе воскликне: „Не, Пере Тошевци не се создаваат, тие се раѓаат!“
Пере Тошев во очите на подоцнежните генерации (асномци и историчари)
Подоцнежните генерации револуционери и историчари, исто така, имале високо мислење за личноста и делото на овој револуционер. За Методија Андонов-Ченто бил македонски великан, а Кузман Јосифовски-Питу го нарекол најголем македонски борец и герој. Интересен е описот за него од Иван Грашев: „Вториот колос кој го даде Прилеп на македонската револуција е Пере Тошев, најскромниот, најтивкиот и најмолчеливиот од четворицата првоапостоли. Идеалист и мечтател, затворен во себе, се здобиваше со длабоко почитување од населението… На револуционерното дело му служеше со нечуена преданост, готов во секој момент на саможртвување. Ако Ѓорче беше умот, тогаш Тошев беше совеста на Македонија, со кристално чиста совест. Пере беше вистински, првокласен конспиратор, надарен со неисцрпна енергија“.
Професорот Христо Андонов-Пољански, со манир на вистински истражувач и педантен хроничар за Пере Тошев ќе ја даде најточната социолошка слика: „Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност…“.
Неколку децении подоцна (2013г.), професорот Михајло Миновски во неговата книга со право ќе констатира дека големиот револуционер конспиратор, еден од водачите раководители, апостолите на МРО, и по едно столетие од неговото загинување остана недоволно проучен и афирмиран онака како што заслужува. Професорот продолжува со констатацијата дека ако Делчев беше апостолот на македонското револуционерно движење, ако Ѓорчев беше креаторот на надворешната политика на МРО, ако Дамјан Груев беше предводникот на Илинденското востание, Пере Тошев беше креатор на внатрешната (економско-развојна, просветно-културна, здравствена и социјална) политика и на државното уредување на револуционерна Македонија.
Ми останува само да констатирам: Пере Тошев е еден од столбовите на Македонската револуционерна организација и на македонското револуционерно движење и револуционерна борба. Се истакнувал со својата бескомпромисност, со чесност и самопожртвуваност во револуционерната дејност. Бил голем фанатик и маченик за слободата на својот народ. Целиот свој живот, ум и енергија ги вградил во македонското ослободително дело. Од една страна, го краселе револуционерен стоицизам и нескршлив бунтовен дух, а од друга страна бил скромен, тивок, но поседувал непосредност, шарм и искреност, особини со кои стекнал голем авторитет помеѓу припадниците на Македонската револуционерна организација, кои кон него имале голема почит и страхопочит.
Сотир Костов