Најстариот фестивал на детска песна во Македонија прослави јубилеен роденден
Двата фестивалски дена на годинашното „Златно славејче“, кое се одржа на 15 и 22 ноември, се зад нас. Но оваа година сѐ беше посебно, бидејќи се прославуваше јубилеј – 55 години постоење на најстариот фестивал на детска песна во нашата земја.
Во Македонскиот народен театар се одржаа шест претстави пред полна сала со дечиња. Ги слушнавме новите песни, но и оние старите хитови („За сите деца“, „Дувна ветре развигорче“, „Никола, Никола“, „Ех, тој Тоше“, „Рингишпил“, „Ах, тој крокодил“…) со кои растеа повеќе генерации, а водителка беше Марија Јанчевска, која е поранешно славејче, а сега е успешна поетеса, актерка, пејачка.
Беше емитуван и роденденскиот спот за „Роденденската песна“, во чија реализација учествуваа Дац и Александар, хорот „Златно славејче“ и некогашни славејчиња што настапиле на фестивалот: Калиопи, Маја Панчева, „Некст тајм“… И воопшто годинава сѐ беше весело и разиграно. Слушнавме 15 нови детски песни, а настапија и гости од Србија, Црна Гора, Австрија, Романија, Бугарија и од Албанија.
– И годинава ноември е месец на детската песна, на градот Скопје, а славејчињата годинава беа славенички расположени. Зад нас е едно успешно фестивалско издание. По многубројните гостувања, последното беше на „Радост на Европа“ во Белград, а претходно бевме и во Романија. Фестивалот „Златно славејче“ е традиција, бренд, а славејчињата се културни амбасадори на нашата земја и се надевам дека така и ќе остане – вели Бобан Јосифовски, директорот на фестивалот.
„Златно славејче“ е основано во ноември 1970 година од неколку члена на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје: композиторот Александар Џамбазов, кој долги години беше уметнички директор на фестивалот, поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски, кој во тоа време бил секретар на Советот. Првото издание се одржа на 23 мај 1971 година во Драмскиот театар во Скопје. Беа испеани 25 детски песни, а меѓу учесниците беа и Игор Џамбазов и Благој Маротов.
По затворањето на Универзалната сала, фестивалот се одржуваше во салата СЦ „Борис Трајковски“ и во Македонска филхармонија, а веќе неколку години место на случување е МНТ.
Уште од самиот почеток „Златно славејче“ е присутно на страниците на „Колибри“, „Нова Македонија“, а така ќе биде и во иднина.
Среќен роденден, славејчиња, и летајте и пејте уште многу години!
М.Т.



































