Нови книги за деца: „Аз и Бука од планетата Азбука“ од Ана Витанова Рингачева
Најново од креативната работилница на Ана Витанова Рингачева е книгата за деца со интересен наслов „Аз и Бука од планетата Азбука“, украсена со илустрации на Тања Вукобрат, а во издание на „Просветно дело“.
Според проф. д-р Снежана Мирасчиева, која е една од рецензентките на книгата, станува збор за оригинален мултимедијален и современ буквар со интегриран пристап, наменет за децата од раноучилишна возраст.
– Дадените содржини, активности и илустрации се систематски дизајнирани, со почитување на правилото од едноставно кон сложено, што овозможува воведување во читањето и во пишувањето и полесно усвојување на буквите од македонската азбука, но и проширување и продлабочување на сознанијата на детето, трасирајќи ги насоките во процесот на целокупниот раст и развој на младата личност – пишува проф. д-р Снежана Мирасчиева, во рецензијата кон книгата.
Проф. д-р Јованка Денкова, пак, го истакнува изборот на текстови од македонските писатели за деца што се застапени во овој буквар.
– Освен сите интерактивни техники што се применети, особено импонира изборот на книжевните текстови, кој очигледно и наменски е внимателно одбран од наши реномирани книжевни имиња како Видое Подгорец, Киро Донев, Ванчо Полазаревски, Наум Попески, Димитар Алачки, Ксенија Маказлиева Трајчева, Сузана Мицева и Ана Витанова Рингачева – пишува проф. д-р Денкова во својата рецензија.
Букварот е усогласен со наставниот план и програма за прво одделение и е во насока на остварување на поставените цели. Проф. д-р Снежана Јованова Митковска како трета рецензентка на изданието нагласува дека букварот е структуриран во согласност со сознанијата за етапите низ кои поминува наставниот процес во функција на поттик и мотивација на децата.
Сите содржини во букварот имаат и свои аудио и видеозаписи, кои се достапни на Јутјуб. Со скенирање на соодветниот код децата имаат пристап до нив. Со таквиот мултимедијален пристап децата имаат уникатно доживување додека учат и ги совладуваат вештините за читање и за пишување.
Ана Витанова Рингачева е професорка на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Таа е автор на над педесет стручни и научни трудови, рецензии, осврти, критики. Авторка е на повеќе книги, но и добитничка на годишната награда на Струмица, како и на други книжевни награди. Во 2024 година беше прогласена за европска жена на годината од Канцеларијата на Европската Унија во Македонија.
Ф.Д.