Зошто е политички рискантно за Брисел пополнување на украинскиот буџет со руските замрзнати средства
- Евентуалното финансирање на украинскиот буџет со дополнително користење на руските замрзнати средства создава значителна геополитичка опасност што може сериозно да го дестабилизира целиот систем на Европската Унија, но и да доведе до конечен крај на актуелното либерално лидерство на европскиот блок, наведува хрватска „Геополитика“ во обемна анализа на оваа тема. Дел од анализата, како еден од ракурсите на европски релевантни аналитичари поврзани со оваа тема,
пренесуваме за читателите на „Нова Македонија“
Огромните трошоци на официјален Киев за продолжување на војната против Русија и за одржување на државниот и општествен систем станаа итен проблем што ескалира во Брисел, наведувајќи ги европските лидери да се насочат кон идејата за дополнително користење и конфискација на руските замрзнати средства, од кои повеќето се депонирани во белгиската институција за финансиски услуги „Евроклир“, заради пополнување на големите празнини во украинскиот буџет. Ваквата замисла создава значителна геополитичка опасност што може сериозно да го дестабилизира целиот систем на Европската Унија, но и да доведе до крај на актуелното либерално лидерство на европскиот блок, анализира „Геополитика“ во обемна анализа на оваа тема.
Барт де Вевер: Конфискацијата на речиси 200 милијарди евра замрзнати руски средства од страна на ЕУ би била „чин на војна“!
Уште во март годинава, зборувајќи по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, белгискиот премиер Барт де Вевер предупреди дека конфискацијата на речиси 200 милијарди евра замрзнати руски средства од страна на Европа би била „чин на војна“ и дека тој потег би носел „системски ризици за целиот глобален финансиски систем“.
По новиот предлог на Урсула фон дер Лајен, неговиот заменик Ван Петегем рече дека предложената постапка би можела да се сведе на заплена на средства, што технички би било нелегално и би можело да ја загрози финансиската стабилност на еврозоната.
Меѓу скептиците, од самиот почеток на користењето руски средства, секако е претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард. На прес-конференција на 19 септември таа побара повеќе детали за предлогот на Комисијата.
Фон дер Лајен идеолошки (неолиберално) бараше колективно прифаќање на ризиците од користењето руски пари од страна на сите „подготвени“ европски земји, но Лагард јасно гледа ризици што го загрозуваат суверенитетот на Европскиот монетарен систем, барајќи писмена форма на постапката и предлагајќи земјите членки сами да ја проучат. Предвидено е дискусиите да продолжат, а предлогот треба да биде формализиран до крајот на октомври.
Имајќи ги предвид случувањата во Европа во последните три години, каде што геополитичките амбиции се судираат со економската реалност, сегашната криза со недостиг од финансии за Украина е големо оптоварување за ЕУ. Процените за решение се умерени, но со тенденција кон песимизам, бидејќи ЕУ веројатно нема целосно да го отфрли предлогот на Фон дер Лајен, туку ќе го модифицира во поблага варијанта. Овие случувања укажуваат на крајот на реалната способност на Европа да ја одржи војната во Украина, додека со користење на запленетите руски ресурси, војната може да се продолжи за уште една година.
Предлози на Брисел: Од одбивање камата до „мртви“ парични средства и ризични кредити
Европската комисија интензивно разгледува начини за користење на замрзнатите руски средства, кои во Европа изнесуваат околу 210 милијарди евра. Тој имот ѝ припаѓа на Руската централна банка, а е замрзнат од почетокот на војната во Украина во 2022 година, како дел од санкциите врз Русија. Досега, само каматата од овие средства (помеѓу три и пет милијарди евра годишно) е искористена за финансирање на заемот од Г7 од 50 милијарди долари за Украина. Руската Федерација негодуваше на одлуките за одбивање на заработената камата од нејзините парични средства, но не реагираше законски.
Сепак, поголемиот дел од овие средства во белгиски „Евроклир“ (околу 170 милијарди евра од вкупно 194 милијарди) се претвори во „мртви“ парични средства без понатамошни приходи од камати. Тоа ја менува динамиката на новиот план на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој сега се потпира на главнината како залог за нов „заем за репарација“, каде што обврзниците на ЕУ би се користеле како замена за достасаните парични средства. Идејата на Европската комисија сè уште не е сосема јасна, но оди во насока на претворање на руската главнина во еврообврзници, за да може во нова форма да се инвестира на пазарот и да се генерира приход што би гарантирал нови заеми за Украина. Предлогот на Комисијата е Украина да ги врати позајмените средства ако Русија евентуално ѝ исплати репарации по војната.
Според „креативното“ толкување на Урсула фон дер Лајен, руските средства не се допираат директно, туку се користат како залог, а Европската комисија ќе го префрли ризикот од постапката на Коалицијата на подготвените членови, секако без Унгарија засега. Но, тоа не е само „креативно сметководство“, туку во суштина е користење туѓи (руски) пари како да се европски, што Русија и критичарите како белгискиот вицепремиер Винсент ван Петегем го нарекуваат „еквивалент на кражба“. Главното штедење се користи за геополитички цели без согласност на сопственикот. Белгија, како дом на „Евроклир“, е особено загрижена дека тоа ќе ја дестабилизира довербата во еврото како резервна валута.
Либералите, кои се на власт во ЕУ, ги очекуваат турбулентни времиња, со што нивниот политички колапс како резултат на ризичниот план би можела да предизвика процеси што би довеле до значително назадување на европскиот блок, заклучува „Геополитика“. Р.С.
Што претставува „Евроклир“
Срцето на европскиот финансиски систем под закана од ризичниот план на либерален Брисел
„Евроклир“ не е само значајна европска институција туку е срцето на европскиот финансиски систем, клучно за глобалната стабилност, што сега е доведено во ризик од колапс поради ризичниот план на Европската Унија. Белгиската финансиска институција „Евроклир“ работи како клучен дел од инфраструктурата на финансискиот пазар, управувајќи со 37 трилиони евра европски и меѓународни средства. Нејзината примарна функција е да обезбеди трансакции, чување и сервисирање хартии од вредност, вклучувајќи обврзници, акции, деривати и други финансиски средства, како домашни така и меѓународни. Како меѓународен централен депозитар за хартии од вредност, „Евроклир“ безбедно и ефикасно ги олеснува глобалните трансакции меѓу финансиските институции во повеќе од 90 земји, минимизирајќи ги ризиците и обезбедувајќи брза размена на средства.
„Евроклир“ има 33 милијарди евра од својата готовина (готовина и хартии од вредност) депонирани во Рускиот национален депозитар во Москва. Руската централна банка може да поднесе тужби во руските судови против овие 33 милијарди евра, барајќи заплена како „компензација“ за користењето на нејзините замрзнати средства во ЕУ. Русија би можела да оди подалеку и да ја заплени готовината на „Евроклир“ во депозитарите во Хонгконг и Дубаи (помал износ, но дополнителен ризик за угледот на институцијата). Доколку Русија успее да ги конфискува 33-те милијарди, „Евроклир“ би можел да остане без капитал за покривање на побарувањата, принудувајќи ја белгиската централна банка да ја повлече својата лиценца, што би довело до финансиска криза. Р.С.
За војување до крајот на годинава, на Украина ѝ недостигаат повеќе од седум милијарди долари
Годишните трошоци за Украина во војната моментно изнесуваат 120 милијарди долари, од кои украинскиот буџет покрива 60 милијарди, а преостанатите 60 милијарди треба да бидат обезбедени од меѓународните партнери за следната година, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, неодамна во Киев. Тој нагласи дека планот А на Украина е да се заврши војната годинава, а планот Б е обезбедување на целиот износ од 120 милијарди долари за војната за следната година, што, според него, е „голем предизвик“. Особено бидејќи стана јасно дека за војување до крајот на годинава, на Украина ѝ недостигаат повеќе од седум милијарди долари. Украинската влада годинава направи ребаланс на буџетот, при што 9,65 милијарди евра беа пренаменети за воени потреби. Р.С.
Други можни ризици по ЕУ
Руска одмазда и геополитички последици
Руската државна новинска агенција РИА објави дека Западот инвестирал вкупно 285 милијарди долари во странски директни инвестиции во руската економија, што би можело да биде загрозено доколку се запленат руски средства. Веста беше објавена без демант од сите поголеми западни новински агенции.
Европските инвестиции во Русија се проценуваат на околу 150-200 милијарди евра (Германија, Франција, Италија, Холандија како главни инвеститори). Доколку Руската Федерација го дефинира континуираното користење на нејзините средства на сметките во евра како кражба и преземе контрамерки, процените се дека со постепени правни постапки, европските инвестиции во Русија би можеле да бидат запленети до 2030 година. Исто така постои ризик од пад на еврото од седум до 12 отсто, со загуби од 200-300 милијарди евра во резервите поради повлекување на Кина/Саудиска Арабија (кои веќе делумно почнаа своите средства во евра да ги менуваат за други валути), повисоки трошоци за задолжување (веројатно 0,5 отсто од БДП годишно). Друг ризик претставуваат тужби пред меѓународниот суд, каде што шансата за победа на Русија се проценува на 70 отсто и каде што цената на загубите од спорот би паднала на ЕУ. Се смета дека постапките на ЕУ би поттикнале и целосна диверзификација на Русија кон Азија (БРИКС+) и ерозија на какви било идни врски. Европската Унија повеќе нема да може да посредува или да преговара за крај на војната во Украина, што би ја направило нормализацијата на односите со Русија невозможна со децении. Р.С.
Руски прозорец за преговори како алтернативно решение
Навидум непромислениот предлог од Европската комисија има алтернатива што произлегува од мировните преговори. Санкциите, а со нив и конфискациите на средства, би можеле да бидат укинати во замена за согласност на Москва за префрлање на дел или на целиот свој суверен имот во посебен фонд за обнова на Украина. Шанси за таков компромис постојат, според анализите на Кризната група, со што ваквото решение би отворило можност за поширок договор без директна конфронтација.
Москва ја истакна можноста за разгледување на ваквата мерка како дел од поширок договор. Според извештаите од рускиот предлог (ажурирани во септември), дел од средствата би можел да се користи за обнова на окупирана украинска територија, што би барало од Киев да ја прифати руската контрола врз таа територија. Иако овој услов во моментов е неприфатлив за Украина или нејзините сојузници, рускиот предлог ја отвора можноста за преговори за добивање руска согласност за користење на замрзнатите средства за обнова на Украина. Тоа би можело да вклучува неутрален фонд под покровителство на ОН, каде што средствата би се распределувале пропорционално, овозможувајќи мир без целосна победа. Р.С.