Кога станува збор за бриселските интереси не постои повикување на никакви правила, стандарди или критериуми
- Кога официјален Брисел го има зацртано членството на Украина и на Молдавија не бира начини како да ја реализира својата цел. Двете земји во оваа фаза во која се наоѓаат во моментот реално по ниту една основа не ги исполнуваат основните услови ниту за стекнување со кандидатски статус, а не, пак, за почеток на пристапните преговори. Но, сепак, за нив брзата лента е отворена, додека за Македонија црвеното светло на семафорот останува
Европската Унија или поточно актуелните европски либерални елити, кога станува збор за нивните интереси, не бираат средства и начини како да ја остварат својата цел на интерес. Во тој контекст на политики на повеќе колосеци на Брисел воопшто не се води сметка за критериумите или дали различните приоди на Брисел некого погодуваат или уназадуваат. На тој начин актуелен Брисел креира политичко лицемерство, при што „она што за едни е макотрпен пат преку надминување билатерални спорови и исполнување на Копенхашките критериуми, за други е скратен пат по брза лента без никакви пречки и услови“.
Тоа во изминатиот период можеше да се види преку забрзувањето на процесот на интеграција за Украина и Молдавија во Европската Унија, земји што во оваа фаза во која се наоѓаат во моментот реално по ниту една основа не ги исполнуваат условите ниту за кандидатски статус, а не, пак, за почеток на пристапните преговори.
Украина е во војна, без контрола на дел од својата територија, има сериозен проблем со корупцијата и владеењето на правото, дополнително има забелешки и за односот кон малцинствата на нејзина територија. Молдавија е во слична позиција, не контролира дел од територијата, малцинствата постојано се жалат на односот на централната власт, степенот на корупција е исклучително висок, а владеењето на правото е далеку од европските очекувања.
Сето ова јасно говори дека кога официјален Брисел го има зацртано (заради свои лукративни политички, економски и други интереси) членството на овие две земји во Унијата, тогаш критериумите не се важни.
Најдобрата потврда дека ЕУ има двојни критериуми кога станува збор за проширувањето се изјавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дадени по завршувањето на парламентарните избори во Молдавија, при што истакна дека Молдавците гласале за Европа, демократија и слобода.
– Нашите врати се отворени. И ќе бидеме со вас на секој чекор од патот – рече Фон дер Лајен.
Од друга страна, ваквиот дволичен европски пристап создава револт кај земјите кандидати од Западен Балкан, особено Македонија, која со години работи на спроведување на Копенхашките критериуми, целосно ја има усогласено надворешната политика со онаа на Унијата, нема територијални спорови, малцинствата ги уживаат највисоките права, поддршката на ЕУ меѓу граѓаните е исклучително висока, но повторно е спречена да преговара со ЕУ поради билатерални спорови.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов е категоричен дека Брисел се грижи исклучиво за сопствените интереси, а онаму каде што ги нема, остава лимбо-состојби. Но конечно треба да им се стави крај на таквите непринципиелности.
– Сето тоа е во рамките на некоја нивна стратегија и ние не треба да имаме некои големи надежи. Она што е во интерес на ЕУ, таа ќе си го тера и ќе наоѓа начини како да го направи тоа, но за македонското прашање е глува и не прави ништо. Да сакаше, можеше стопати да ја поттикне работата, меѓутоа намерно ја држи во некоја замрзната состојба – вели Јањатов.
Според него, и тоа што во земјава доаѓаат многу европски челници е само колку да се одржува европската лимбо-состојба.
– Додека не се случи нешто спектакуларно, да ги искористиме подобро сојузништвата, нема да има напредок. Работата ќе трае, тие ќе измислуваат еден куп работи, ќе ни дадат малку надеж со некоја висока посета, но прашањето и натаму останува отворено – оценува Јањатов.
Што се крие зад лукративниот план на Антонио Кошта за одблокирање на евроинтеграциите на Украина и Молдавија
Гласање со квалификувано мнозинство само за привилегираните?!
- Двојните европски аршини ги коментираат и дел од домашните аналитичари, кои сметаат дека би се испратило крајно лоша порака за земјите кандидати од Западен Балкан доколку отворањето на кластерите за Украина и Молдавија се случи со гласање со квалификувано мнозинство, а за другите продолжи да важи консензусот
Клучен самит на челниците на Европската Унија почнува денеска во Копенхаген на кој, според оцените на некои европски аналитичари, би можело да се случи првото поголемо радикално реструктурирање на Унијата, односно промена на начинот на консензуалното одлучување со квалификувано мнозинство.
Токму ова е дел од планот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за кој ќе се расправа на европскиот самит, а кој предвидува бајпасирање на ветото од некои земји членки на Унијата за пристапниот процес на Украина и Молдавија.
Според предлогот на Кошта, со квалификувано мнозинство би се гласало за отворање на таканаречените преговарачки кластери за двете земји. Постојните правила бараат сите 27 земји членки на ЕУ да дадат зелено светло за секоја фаза од процесот на пристапување.
– Можноста за овластување на Советот да одлучува со квалификувано мнозинство би можела да се истражи за одредени привремени чекори во процесот на проширување – изјави во понеделник Гијом Мерсие, портпарол на Европската комисија за проширување.
Овој потег, според бриселски „Политико“, би им помогнал на земјите кандидатки како што се Украина и Молдавија да започнат реформи за усогласување со стандардите на ЕУ, дури и ако една или две членки официјално се спротивстават на започнувањето преговори.
– Кога една земја е попречена без објективни причини, и покрај исполнувањето на критериумите, кредибилитетот на целиот процес на проширување е во опасност – рече Мерсие.
Двојните европски аршини ги коментираат и дел од домашните аналитичари, кои сметаат дека би се испратило крајно лоша порака за земјите кандидати од Западен Балкан доколку отворањето на кластерите за Украина и Молдавија се случи со гласање со квалификувано мнозинство, а за другите продолжи да важи консензусот.
– Тоа би било преседан над преседаните. Македонија 20 години се наоѓа во европската чекалница токму поради блокади без објективни причини, па на Брисел не му беше грижа дали ќе го изгубел кредибилитетот. Но сега ако Украина и Молдавија останеле блокирани половина година, е тогаш ќе се изгубел кредибилитетот на проширувањето. Ова е апсурд од невидени размери. Ако ЕУ барем малку е доблесна, тогаш на истото гласање без консензус треба да се најде и Македонија и конечно земјата да почне да ги отвора преговарачките поглавја и експресно да ги заврши, имајќи го предвид фактот дека земјава две децении на некој начин ги усогласуваше сите закони и политики со ЕУ. Но ако не се случи тоа, туку само Украина и Молдавија бидат привилегирани со новиот начин на гласање, тогаш ЕУ дефинитивно ќе го загуби и онака веќе нарушениот кредибилитет со проширувањето на Западен Балкан – заклучуваат соговорниците.