Од целиот конфликт во 2001 година, во Македонија казнета излезе само страната што имаше легитимно право да се брани, т.е. структурите на државата, а неказнети останаа „милитантните сили без структура“, кои извршија агресија врз државата, вршејќи злосторства и врз припадници на легитимните одбранбени структури, но и врз цивилното население. Меѓународноправните експерти оценуваат дека таквиот парадокс има политички импликации од историски размери, зашто наведува на неказнивост на агресија врз легитимни државни структури, но и за воени злосторства сторени од позиција на нелегитимни милитантни формации

Македонскиот феномен на непроцесирањето на хашките случаи

Отворањето на дебатата во јавност за потребата од реактивирање на т.н. хашки случаи во македонското правосудство, поттикната од писмото и препораката на комесарката за човекови права при Советот на Европа до македонската влада во мандатот на премиерот Димитар Ковачевски, се покажа како повеќеслоен предизвик за државата, како од правен, така и од политички аспект. Препораката на комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ упатена до владите на земјите од поранешна Југославија е во насока на справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во државите од регионот. Мотивација за ваквата препорака е констатацијата за враќање кон етнонационалистичкиот дискурс во политичкиот амбиент во земјите во регионот, со зголемена тенденција за негирање на воените злосторства и глорификацијата на воените злосторници од страна на политичките лидери и другите влијателни општествени актери.

Темно петно на незадоволена правда

Во Македонија токму т.н. хашки случаи, односно предметите за воени злосторства против цивилно население од 2001 година, останаа како темно петно на незадоволена правда (ниту од меѓународните судови, ниту од домашното правосудство), а притоа осомничените (а некои и првично обвинети во еден започнат процес), во меѓувреме се стекнаа со исклучителна политичка моќ и влијание врз процесите, па и во дефинирање на државноста. Неспроведената правда за хашките случаи, „покриена“ со автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година, на своевиден начин дава основа за негирање на воените злосторства, а стекнатата политичка моќ на осомничените сторители може да биде аргумент за дефиницијата „глорификација на воените злосторници“.
Овие четири т.н. хашки случаи, во кои како сторители на злосторствата врз цивилно население беа посочени припадниците на нелегално формираната воена формација ОНА, беа вратени од Хашкиот трибунал да се процесираат во македонското правосудство, во 2008 година, но со автентичното толкување на Законот за амнестија, во 2011 година, практично беа „деактивирани како ризични“ за општествено-политичко-етничкото помирување во државата. Сиве овие години од „деактивирањето“ на хашките случаи, тие претставуваат товар на совеста на македонското општество и жежок предизвик за македонското правосудство. Така, денес, соочувајќи се со свеста на меѓународните институции (Совет на Европа) дека во Македонија постојат предмети со неспроведена правда за жртвите на воени злосторства врз цивили, се наметнува прашањето што би значело за македонската држава судското процесирање на хашките случаи.

Македонскиот систем да не ја пропушти повторно шансата како кога беше донесено автентичното толкување на Законот за амнестија

– За почеток, процесирањето на хашките случаи во Македонија ќе биде неверојатен исчекор за правдата во државата и показ дека функционира правосудниот систем, независно од политиката и политичките влијанија. Сепак, свесни сме за реалноста на состојбите со независноста на судството од политиката и сметам дека сега македонското судство нема капацитет да спроведе целосно независна процедура за постигнување правда за хашките случаи. Шансата за правда за овие случаи, македонскиот правосуден систем ја пропушти кога беше донесено автентичното толкување на Законот за амнестија. Но тоа не е причина денес да не го ставиме на дневен ред предизвикот за постигнување правда за хашките случаи, кои се од категоријата на злосторства против цивили што никогаш е застаруваат. Сѐ додека не ги решиме овие случаи, не можеме реално да влеземе во процес на помирување. Без постигната правда за жртвите на такви злосторства, секогаш оставаме незалечени рани во општеството, кои во разни пригоди може да бидат политички злоупотребени за различни цели и интереси – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.
Во контекст на резервите околу актуелниот капацитет на македонското судство за спроведување независна правна процедура за хашките случаи се појавија предлози за менторство од меѓународни институции, како Советот на Европа и ОБСЕ, па дури и резидуалните механизми на Хашкиот трибунал, на кој му заврши мандатот. Како пример за такво менторство се споменува постоењето на Специјалниот суд на Косово, за воените злосторства на водачите на УЧК, кои по настаните таму во 1999 година, односно од прогласувањето независност, имаа и највисоки државни функции. Специјалниот суд е дел од судскиот систем на Косово, но под директно менторство и стручни капацитети од истражители и судии од Хаг.

Потребна е одлука на независно македонско судство, со што би се потврдиле независноста на институциите и суверенитетот на државата

– Нам не ни е потребна стручна правна помош од меѓународни институции за процесирање на хашките случаи, туку ни е потребно само независно судство. Судство што ќе работи без влијание од политиката. Кој и да дојде од страна, дури и како ментор, нашиот суд мора да ја донесе одлуката. Тоа треба да биде одлука на независно македонско судство, со што би се потврдиле независноста на институциите и суверенитетот на државата. Примерот со Специјалниот суд на Косово воопшто не е соодветен за нашиот македонски случај. Пред сѐ, Косово сѐ уште не е вистински суверена држава, а преземањето таков пример е враќање чекор назад во сувереното одлучување на институциите на македонската држава – вели професорката Мирјана Најчевска.
Парадоксот на меѓународната правда со хашките случаи од Македонија, според експерти од областа на меѓународните односи и право, е во тоа што случаите за воени злосторства против цивили од 2001 година Хашкиот трибунал ги процесираше во контекст на целокупноста на војните на југословенските простори. Имено, Хашкиот трибунал беше насочен на процесирање случаи на злосторства со командна одговорност на државните структури. И врз таква основа беа осудени министерот за внатрешни работи од 2001 година, Љубе Бошковски, и Јохан Тарчуловски за случајот „Љуботен“.
За четирите случаи на злосторства, т.н. хашки случаи, Трибуналот процени дека се извршени од милитантни формации надвор од државните структури, „премали“ од правен аспект за процесирање во Хаг. Трибуналот ги подготви предметите (обвиненија, докази, анализи) и ги врати да бидат процесирани во македонскиот правосуден систем, а притоа беа вршени и обуки на обвинители и судии од Македонија од страна на ОБСЕ и Трибуналот за водење судски процеси за воени злосторства.
Со автентичното толкување на Законот за амнестија можеби правно беше „покриено“ деактивирањето на хашките случаи, но остави простор за парадоксално политизирање на правдата. Од целиот конфликт во 2001 година, казнета излезе само страната што легитимно имаше право да се брани, т.е. структурите на државата, а неказнети останаа „милитантните сили без структура“, кои извршија агресија врз државата, вршејќи злосторства и врз припадници на легитимните одбранбени структури, но и врз цивилното население.
Меѓународноправните експерти оценуваат дека таквиот парадокс има политички импликации од историски размери, зашто наведува на неказнивост на агресија врз легитимни државни структури, но и за воени злосторства сторени од позиција на нелегитимни милитантни формации. Македонското правосудство треба да го прифати предизвикот за праведно решавање на ваквата парадоксална ситуација, која ги деградира и принципите на меѓународното право, но пред сѐ да спроведе правда за жртвите на злосторствата што не застаруваат, сторени од припадници на нелегитимни воени формации.