Илустрација: „Нова Македонија“/ Фото: ЕПА

Доколку нацрт-резолуцијата за Палестина помине во Генералното собрание, воспоставувањето на името зависи само од простото мнозинство во ГС и веќе Советот за безбедност не може да спречи продолжувањето на членството во ООН да биде под името Република Македонија. Сега, по преседанот, основните овластувања за сите членски права ги презема Генералното собрание на ООН

МАНЕВРИ И ДИПЛОМАТСКИ ИГРИ ЗА ПРИЕМ НА ПАЛЕСТИНА ВО СВЕТСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

Додека е во ек израелска воена офанзива во Газа и додека целиот свет очекува што ќе се случува во Рафа, палестинската дипломатија прави очајнички обиди државата Палестина да стане полноправна членка во Обединетите нации, нешто што се обидува да го постигне неколку децении. И ова е едно од најзамрсените светски прашања врз кое се кршат интересите на големите сили, пред сѐ меѓу петте постојани членки во Советот за безбедност. Дали без нивно аминување Палестинците ќе успеат во својата намера?
Генералното собрание на ОН вчера по њујоршко време се очекуваше да ја поддржи палестинската кандидатура да стане полноправна членка на ОН со тоа што ќе ја признае како квалификувана да се приклучи и ќе ја испрати апликацијата назад до Советот за безбедност на ОН за „поволно да го разгледа прашањето“.
Палестинците го оживуваат својот обид да станат полноправна членка на ОН – потег со кој целосно би се признала палестинската држава – откако САД ставија вето во 15-члениот Совет за безбедност минатиот месец.

ТРГНЕТЕ ЈА ТАБЛИЧКАТА СО РЕФЕРЕНЦАТА

Гласањето од 193-членото Генерално собрание во петокот ќе дејствува како глобален тест за поддршката за Палестинците. Апликацијата за да стане полноправна членка на ОН прво треба да биде одобрена од Советот за безбедност, а потоа од Генералното собрание. Постапка што се нарекува нормална процедура, но со примерот на Македонија видовме дека и во ООН владеат подземни сили и интереси, па така, и комплетната заверена тапија на државноста не значи и автоматски дека апликантот ќе добие полноправно членство.
Поранешниот германски амбасадор во ОН, Гинтер Плојгер, пред десетина години во интервју за македонскиот дневен весник „Дневник“ изјави дека Македонија може едноставно да го реши проблемот за името. Тој предложи македонскиот амбасадор, пред масата каде што седи, да ја тргне табличката со името „ПЈРМ“ и да ја замени со Република Македонија и за тоа да ги извести сите надлежни и членки во ОН дека тоа е името на земјата. Звучи логички, но никој не го направи тоа, а на прашањето зошто државното раководство не се реши да оди на гласање во Генералното собрание, главно одговорите беа – не сме сигурни дека ќе добиеме потребна поддршка?! Иако како спечалена добивка го имавме фактот што дипломатски односи со уставното име имавме со над стотина држави.

МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ НАДЕВА, ПАНИКА ВО СРБИЈА

Какви им се сега шансите на Палестинците? Генералното собрание само не може да додели полноправно членство во ОН, иако нацрт-резолуцијата што ќе биде ставена на гласање ќе им даде на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година – како место меѓу членовите на ОН во собраниската сала – но тоа не значи и право на глас во телото. Дипломатите, според „Ројтерс“, изјавиле дека нацрт-текстот најверојатно ќе ја добие потребната поддршка за усвојување.
Палестинците во моментов се земја набљудувач што не е членка, де факто признавање на државноста што беше доделено од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Професорот Игор Јанев, инаку поранешен вработен во македонското МНР, смета дека резолуција од овој тип, каква што е таа за Палестина, е релевантна бидејќи се стеснува просторот на СБ на ОН за да интервенира во членските односи и права на државите. Досега односот меѓу СБ и Генералното собраните беше рамноправен.
– Сега, по оваа резолуција на ГС, воспоставувањето на името зависи само од простото мнозинство во ГС и веќе СБ не може да спречи продолжувањето на членството во ООН да биде под името Република Македонија. Сега по преседанот, основните овластувања за сите членски права ги презема Генералното собрание на ООН.
Во Србија, на пример, владее паника во високите кругови, од типот: дали Косово без резолуција на СБ ќе влезе во ООН? Српската влада е во паника, бидејќи со намалување на овластувањата на СБ, прашање е дали еден ден Русија или Кина со вето ќе можат да спречат Косово да стане членка на ООН – коментира Јанев за „Нова Македонија“.
Секако, овие сигнали што доаѓаат од Ист Ривер за евентуални посуштински реформи во ОН би требало да бидат фатени и од македонските дипломатски радари и да се искористат. За жал, Постојаната мисија во Њујорк речиси е ставена под клуч, како што информираа од Дипломатскиот синдикат, но останува новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го почувствува моментот и агресивно да се претстави во Њујорк. Комплетно екипирање на Мисијата во Њујорк и на амбасадата во Вашингтон мора да бидат врвен надворешен приоритет. Х.И.


Америка може да го запре финансирањето

Палестинската мисија на ОН во Њујорк во четвртокот – во писмо до земјите членки на ОН – рече дека усвојувањето на нацрт-резолуцијата со која се поддржува полноправното членство во ОН ќе биде инвестиција во зачувување на долго бараното решение за две држави.
Се вели дека тоа „ќе претставува јасна реафирмација на поддршката во овој многу критичен момент за правото на палестинскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на нивната независна држава“.
Меѓутоа, Мисијата на САД во ОН претходно соопшти: „Останува ставот на САД дека патот кон државност за палестинскиот народ води преку директни преговори“.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, во понеделникот го осуди нацрт-текстот за обид да им се дадат на Палестинците де факто статус и права на држава. Тој рече дека усвојувањето на текстот нема да промени ништо на терен.
– Доколку биде одобрено, очекувам САД целосно да престанат да ги финансираат ОН и нивните институции, во согласност со американскиот закон – рече Ердан.
Според американскиот закон, Вашингтон не може да финансира ниту една организација на ОН што ѝ дава полноправно членство на која било група што нема „меѓународно признаени атрибути“ на државност. Соединетите Американски Држави го прекинаа финансирањето во 2011 година за агенцијата за култура на ОН, УНЕСКО, откако Палестинците се приклучија како полноправна членка.
Во четвртокот, 25 американски републикански сенатори – повеќе од половина од членовите на партијата во домот – воведоа предлог-закон за заострување на тие ограничувања и прекин на финансирањето на секој ентитет што им дава права и привилегии на Палестинците. Предлог-законот најверојатно нема да помине во Сенатот, кој е под контрола на демократите на претседателот Џо Бајден.
Инаку, САД се членка што најмногу придонесува со финансирањето. Годишно, според последните фискални податоци од 2022 година, Америка уплаќа во ОН околу 20 милијарди долари. Доколку се прекинат овие средства, ќе запрат многу хуманитарни операции на агенциите на ОН, а ќе бидат доведени во прашање и мировните мисии.