„Момент на пресврт“ е насловот на интерактивната изложба на дигитална уметност од Драшко Накиќ отворена во културниот центар „Јадро“.
Поставката со наслов „Момент на пресврт“ има цел да поттикне сеќавање на оние луѓе што ни помогнале кога ни било најтешко. Истата таа сака да потсети дека животот може брзо да се претвори од хармонична сказна во исцрпувачка борба, но и дека преку поддршката од искрено и грижливо социјално опкружување може да се најдат инспирација и позитивна гледна точка за справување со предизвиците.
Поставката нè води низ четири фази: „Пренасочување“ – моменти на драстична промена, „Еуфорија“ – период на возбуда поради идентификување на новиот пат и чекорење кон светлата точка, „Хармонија“ – запливување во мирни води и смиреност, и „Игривост“ – комплетна комотност во новата ситуација и охрабрување за влез во нови креативни процеси. Во фазата „Пренасочување“, посетителите се повикани да помислат на личност што им помогнала во тешки моменти слични на тие прикажани во делата и да стават налепница со името и меѓусебниот однос. Како симбол на тоа дека секој немил настан може да се гледа од различен агол во потрага по светла точка, посетителите ќе можат физички да ги ротираат делата и да запишат свои нови наслови.
Драшко Накиќ има докторат по биомедицинска информатика. Моментно работи на својот стартап, а поседува долгогодишно истражувачко искуство на универзитетите „Харвард“ и „Колумбија“ во САД. Во својата претприемачка и научна дејност, Драшко се фокусира на дизајн на алатки поткрепени од вештачка интелигенција, кои им помагаат на пациентите да ги разберат своите медицински податоци и да комуницираат поефективно со лекарите. Во 2020 година, Драшко се одлучува да ги преточи своите вештини за визуализација на податоци во презентирање на животните настани преку геометриски форми и строги правила на нивниот аранжман. Овој труд дава плод преку самостојната изложба во Њујорк (САД) во 2025 година.

































