Отворена е изложба на која се претставени идејните решенија за новата управна зграда на Општина Центар во Скопје. Со изградбата на планираниот нов комплекс, старите бараки ќе се заменат со современ објект, кој ќе ги задоволи потребите на општинската администрација, а локалните жители ќе добијат функционален простор. Проектот вклучува изградба на подземен паркинг со околу 300 паркинг-места и простор за сто велосипеди, што ќе го реши проблемот со паркирањето во околината.
На конкурсот, стручната комисија составена од претставници на релевантни институции од струката, образовни институции од областа, како и стручни лица од општинската администрација, избра три најуспешни идејни архитектонски решенија од вкупно 13 пристигнати труда.
Првата награда е доделена за идејното решение под шифрата Намат на: Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски. Втората награда ја доби проектот под шифрата Чклаб на „Платформа“ ДОО Скопје, со авторите: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени. Треторангирано е архитектонското решение под шифрата Сцена на: Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.
– Трите избрани решенија поставуваат темел за изградба на современа и функционална зграда што ќе ги задоволи потребите на граѓаните и на администрацијата – истакнува градоначалникот општината Центар, Горан Герасимовски.