66 години „Колибри“
Денеска нашиот весник слави роденден
Драги деца, на 29 октомври пред 80 години во партизанската печатница во селото Горно Врановци, Велешко, е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“. В зори, на овој голем ден партизаните ги држеле в рака првите примероци на гласилото што е сведок на историјата на нашата земја.
Овој датум е од голема важност за нашата држава, бидејќи на страниците на нашиот весник се забележани сите најважни историски случувања, првпат е објавена азбуката на македонскиот јазик, „Нова Македонија“ е прв и главен иницијатор за формирање на МАНУ, а со сите овие години постоење е ненадмината школа во македонското новинарство.
На 8 јули 1958 година на страниците на „Нова Македонија“ е објавен и првиот број на додатокот за деца „Колибри“, кој и денес секој вторник ги краси неговите страници. На тој начин, по примерот на сите големи весници самите негуваме млада читателска публика.
Химна за „Нова Македонија“
Пред многаја лета, во земјава света
Во Врановци Горно и во време морно
печатница се стори и азбука в миг
и весник се роди со оловен жиг.
А потем колумна и фељтон и вест
„Скопска“, „култура“ и „спортска“ за чест
„Колибри“ и ЛИК на страници шест
критика ил фалба, новинарски текст.
Денес сме и ние современ свет
побрзи од молња, Фесјбук и интернет
букет од вести, демократски цвет.
Со тебе од младост, до животен век.
Први сме ние, новинарски дар
читателу со нас – биди новинар.
Кога ќе нѐ купиш ти си како цар
џебот ти е полн, а ние сме без ќар.
Рефрен:
„Нова Македонија“, „Нова Македонија“
ја чека, ја чита цела нација
„Нова Македонија“, „Нова Македонија“
се помни и ечи како симфонија.
Венко Андоновски