Учениците од седмо одделение при основното училиште „Д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево, предводени од својот наставник по историја Мито Јовески, беа во посета на Центарот за култура во родниот град. Тие ги разгледаа сите простории на Центарот, каде што се организираат изложби, концерти, драмски претстави, а ја посетија и градската библиотека во истата зграда.
Во рамките на оваа посета, учениците го разгледаа уметничкиот салон, каде што беше поставена ликовна изложба. Тие ја посетија и големата сала, каде што се организираат концерти, драмски претстави и други музичко-сценски активности.
На децата им беше предочено дека од минатата година големата сала доби нови најсовремени светла, кои обезбедуваат врвни ефекти при организирање концерти, драмски претстави и друг вид настани – вели портпаролката Маја Николоска-Сиљаноска.
Таа додаде дека учениците со посебно внимание ја посетиле и градската библиотека.
Посебен интерес кај учениците побуди градската библиотека. Тие се интересираа за фондот на книги што ги поседува установата, нивните жанровски групи, дали е зголемен интересот на учениците и граѓаните за читање книги, како да се засака книгата и сѐ друго што е поврзано со библиотечната дејност – додаде Николоска-Сиљаноска.