Повикувајќи да не се допира албанскиот јазик, дека е тоа негово право и негов идентитет, Османи ја покажа сета своја хипокризија со која ја водеше македонската надворешна политика, кога наместо да ги почитува правото на македонскиот народ, неговиот идентитет и јазик, едноставно се пазареше со Бугарија без да почувствува никаква „болка“ што буквално го распродава македонскиот идентитет
Поранешниот шеф на дипломатијата, Османи, длабоко погоден што се отворила расправа за Законот за употреба на јазиците
Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи многу е погоден што Уставниот суд си дозволил да отвори расправа за дел од одредбите од Законот за употреба на јазиците, за кои Венецијанската комисија имаше забелешки.
Истиот тој Османи од позиција на власт и самиот тврдеше дека сите забелешки на Венецијанската комисија ќе бидат инкорпорирани во законот и дека нема ништо спорно да се направи тоа по изгласувањето на законот во Собранието. Инаку, вообичаена практика е најпрво Венецијанската комисија да се изјасни за одреден закон, да се вметнат забелешките, па потоа таквото законско решение да се стави на гласање пред пратениците.
Сега поранешниот министер за надворешни работи е длабоко трогнат затоа што Уставниот суд ќе расправа за спорните одредби од законот.
– Мојот јазик, моето право, мојот идентитет, не го допирајте – напиша Османи на социјалните мрежи.
Со овие зборови тој ја покажа сета своја хипокризија со која ја водеше македонската надворешна политика, кога наместо да ги почитува правото на македонскиот народ, неговиот идентитет и јазик, едноставно се пазареше со Бугарија без да почувствува никаква „болка“ што буквално го распродава македонскиот идентитет.
Имено, не само што на своја рака и тајно преговараше со официјална Софија, истиот тој Османи си дозволи да достави свое неуко толкување за македонскиот јазик во Брисел, со што најдрско ја ограничи неговата употреба во границите на Македонија. Истовремено, не реагираше ниту кога Бугарија достави документ во Брисел со кој негираше постоење на македонскиот јазик, нарекувајќи го бугарски дијалект.
Османи без никаква „болка“ се пазареше и за македонскиот идентитет и историја, тврдејќи дека било важно да гледаме кон иднината.
– Бујар Османи е пример за министер што отворено работеше спротивно на македонските интереси, а земаше плата од македонските граѓани. Да имаше барем малку доблест, ќе отстапеше и ќе речеше дека тој нема мандат да расправа за идентитетски прашања поврзани со македонскиот народ, но не беше доблесен, туку работеше на штета на македонскиот народ и повеќе се трудеше да им угоди и што повеќе да им се додвори на Бугарите отколку на своите сограѓани. Сега го боли за албанскиот јазик, а тој јазик воопшто не е доведен во прашање, туку се дискутира за некакви ситни нијанси околу опсегот на неговата употреба, а не за негово негирање или укинување. Убаво вели нашиот народ, по туѓ грб сто стапа удри, не болат – заклучуваат соговорниците. С.Т.
САД со сериозна прегледност за тоа кој и колку ги нарушува демократијата и стабилноста на Македонија
Како Вашингтон ги пресретна „платформските консултации“ на ДУИ што вчера требаше да ги направат албанските чинители во Тирана
Вчера во Тирана требаше да се одржи „Политичката академија – Арбен Џафери“, која (фасадно) се планираше да има некаков комеморативен карактер, но соговорниците со кои се консултиравме ни пренесоа информација дека суштината на средбата била „планирана консултативна ’платформска средба‘ со одредени лидери на албанските партии од Македонија, по повод актуелните политички случувања во Македонија“.
Во истиот и досега добро познат контекст, на албанскиот информативен портал „АБЦ.њуз“ од Тирана, со запалива реторика се појави политичкиот екссоветник на поранешниот албански претседател Реџеп Мејдани, Ментор Назарко. Имено, Назарко сега како универзитетски професор по политички науки на Универзитетот во Тирана, во интервјуто, дадено за „АБЦ.њуз“ по повод планираната средба на маргините на „Политичката академија – Арбен Џафери“ во Тирана, изјави дека „Албанија мора многу силно да се врати со своето влијание во С. Македонија, бидејќи тоа го бараат албанските партии и во владата и во опозицијата. Албанија веќе играше ваква улога двапати, организирајќи расправи на тркалезна маса, во обид да го обедини албанскиот чинител!“ (!?)
Тој флагрантно ја потврди тезата дека во соседството на Македонија постојат центри што имаат интерес да ја дестабилизираат Македонија, кои ги поддржуваат запаливите политики на албанските партии во Македонија, врзани за меѓуетничките односи, и кои сѐ повеќе стануваат доминантни во јавниот живот (поддржани од ДУИ.)
– Ова може многу да ја загрози стабилноста на иднината на земјата (Македонија н.з.), бидејќи ја зголемува „температурата“. Кога се зголемува температурата во една средина, многу е голема можноста таа да се запали. Кога етничките и меѓуетничките теми стануваат доминантни во јавниот живот на земјата и страните се палат во овој вид расправа, тогаш се создаваат основи за дестабилизација (на Македонија), дотолку повеќе што таа е опкружена од држави што можат да имаат интерес да ја дестабилизираат, поради нејзиниот мултиетнички карактер. Албанија мора многу силно да се врати со своето влијание во С. Македонија, бидејќи некој друг може да го заземе нејзиното место – изјави Ментор Назарко.
Пресретнувајќи ги ваквите запаливи реторики, средби и поведенија со дезавуирачки потенцијал, Вашингтон демонстрираше уште еден соодветен момент за демонстрација на политиките на стратегиски партнер на Македонија. САД пронајдоа начин (место, време и содржина за употреба на соодветна меѓународноправна алатка) со кој ги пресретнаа плановите за нарушување на политичко-безбедносната состојба во земјата и пратија гласна порака дека таквите поведенија нема да бидат и натаму толерирани.