Престижната награда „Гоу глобал“ за првпат доделена на македонска компанија од осигурителната дејност

  • Ова е прва награда „Гоу глобал“ доделена на деловен субјект од македонската осигурителна индустрија

Македонското осигурително брокерско друштво ОБД „Еуромак брокер“ АД Скопје се закити со престижната награда „Гоу глобал 2025“ (Gо Global 2025) за вонредни достигнувања во делот на услугите во финансискиот осигурителен сектор, доделена од страна на Советот за меѓународна трговија (ИТЦ) на манифестацијата „Гоу глобал авордс 2025“ (Gо Global Awards 2025) одржана во Лондон. Ова е прва награда „Гоу глобал“ доделена на деловен субјект од македонската осигурителна индустрија.
Свеченоста, која ја отвори домаќинот Висконт Лорд Џон Дезмонд Веверли, беше одржана на 18 ноември во конгресниот центар „Уан грејт џорџ стрит“ во Лондон, пред 300 претставници на членки на ИТЦ и влијателни лица од политичкиот и деловниот сектор, меѓу кои и дваесетина добитници на наградата во различни стопански дејности од Европа и од светот.

– „Еуромак брокер“ АД го отелотворува духот на иновации и истрајност што наградите „Гоу глобал“ имаат цел да ги издвојат и прослават. Нивната посветеност на оптимизирање на моделите за осигурување и поддршка на странските инвестиции во С. Македонија поставува висок стандард во индустријата. Возбудени сме да видиме како „Еуромак брокер“ продолжува да влијае на глобалниот осигурителен пејзаж – рече Ранџани Ранган, директор на Меѓународниот трговски совет.
Извршниот директор на друштвото „Еуромак брокер“, Драган Лазарески, изрази задоволство од добиеното признание.
– Добивањето на ова признание претставува исклучителен момент за нашето друштво и за осигурителната индустрија во целина. Тоа е потврда за нашиот придонес во трансформацијата на осигурителниот пазар и во создавањето стабилен, одговорен и урамнотежен финансиски систем, кој обезбедува сигурност за правните и за физичките лица – изјави Лазарески.
Тој додаде дека во „Еуромак брокер“ се горди што глобалниот пазар ги препознал нивните вредности.
– Горди сме што глобалниот пазар ги препозна нашите вредности. Чувството дека сте придонеле да се случат позитивните промени и да продолжат со посилен интензитет претставува вистинска потврда за нашата посветеност кон напредокот во сопствената и во пошироката деловна заедница – истакна Лазарески.
Со наградата „Гоу глобал“, Советот за меѓународна трговија како глобална организација за поддршка на малите и средни бизниси со над 3.500 членки ја препознава и ја вреднува извонредноста во глобалната трговија, иновациите, стабилизирањето и во проширувањето на пазарот. Улогата на наградата е да се истакнат компаниите што имаат значително влијание во меѓународната трговија. Е.Р.