Фотомонтажа: „Нова Македонија“

Официјална Софија со потезите што (не) ги влече има јасна цел да ја опструира македонската проактивна кампања за изнаоѓање решение за деблокада на евроинтегративниот процес на земјава. Со тоа, источниот сосед практично потврдува дека нему не му одговара Македонија да биде дел од ЕУ бидејќи на тој начин ќе добие рамноправен партнер на масата и потоа нема да може да го уценува со билатерални прашања

Проактивната кампања за објаснување на македонските аргументи почнува да ги дава првите резултати (3)

Проактивната кампања за објаснување на македонските аргументи низ Европа во врска со наметнатата блокада на евроинтегративните процеси предизвика загриженост во соседна Бугарија, која сега разгледува можни чекори со кои би ја опструирала дипломатската активност на македонскиот државен врв.
Алармот во Софија беше вклучен откако стана јасно дека Европскиот парламент во најновиот извештај за напредокот на земјава на неколку места спомнува за вековниот континуитет на македонскиот идентитет, јазик и култура, факти што Бугарија отворено ги негира.
Од тие причини, бугарските официјални власти веќе даваат инструкции до бугарските европратеници како да го опструираат извештајот за напредокот на Македонија подготвен од известителот Томас Вајц, а од нив се бара и засилено да лобираат кај колегите европарламентарци од другите земји да не го поддржат овој извештај.
Извори за „Нова Македонија“ откриваат дека во бугарските собраниски кулоари веќе се најавува можност бугарското Народно собрание да донесе нова декларација со која ќе ги потврди бугарските позиции кон Македонија, идентична со онаа од 2019 година, и тој документ ќе биде доставен до Брисел како одговор на македонската кампања за одблокирање на евроинтеграциите.

Лажно глумење конструктивност и добрососедство

Тука треба да се бараат причините зошто многубројните покани за директни средби од страна на македонски политичари упатени до нивните бугарски колеги уште на почетокот се одбиваат, а неизвесно е дали ќе се случи средба меѓу македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега Румен Радев на маргините на самитот на НАТО во Хаг. На упатената покана за средба од македонска страна засега нема одговор од Кабинетот на бугарскиот претседател.
– До овој момент не сме добиле никаков коментар од страна на Кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев околу можната средба на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот колега во Хаг во рамките на самитот на НАТО, туку работите ги дознаваме само преку медиумите – изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција.
Тој исто посочи дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев веќе дал изјава со која практично се одбива предлогот на министерката за надворешни работи на Австрија, која се понуди да посредува во изнаоѓање креативни решенија за надминување на недоразбирањата меѓу двете соседни земји.
– Ако може да се сфати како одбивање, тогаш тоа е изјавата на европратеникот Андреј Ковачев, кој вели дека на Бугарија не ѝ е потребна никаква медијација. Од ова можеме да заклучиме дека тие практично ја одбиваат отворената понуда којашто овде во Скопје неодамна ја даде министерката за надворешни работи на Австрија – рече Мицкоски.
Сето ова јасно говори за намерите на официјална Софија да ја опструира македонската проактивна кампања за изнаоѓање решение за деблокада на евроинтегративниот процес на земјава. Со тоа, источниот сосед практично потврдува дека нему не му одговара Македонија да биде дел од ЕУ бидејќи на тој начин ќе добие рамноправен партнер на масата од која повеќе нема да може да го уценува со билатерални прашања.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, нема никаков сомнеж дека Бугарија, вклучително и Грција, ќе опструира каква било проактивна кампања поттикната од македонска страна што има цел да ги превенира обидите за загрозување на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура.
– Поаѓајќи од она што се нарекува „стратешка дилема“ во која Грција и Бугарија се наоѓаат по прашањето за идентитетот на македонскиот народ, единствена нивна „излезна стратешка опција“ е максимално да се опструира влезот на Македонија во Европската Унија бидејќи само на таков начин ќе се обезбеди континуираната идентитетска редефиниција или, поедноставно кажано, „Република Северна Македонија“ не смее никогаш (да се дозволи) да стане членката на ЕУ (поточно не смее да се допушти никогаш таа да добие капацитет за „независно функционирање“). Во ваквото светло, секој обид од македонската влада да побара посредништво (а во моментот бара од Австрија) ќе биде решително блокиран од бугарската страна (а тајно и од грчката дипломатија), така што ќе се прават напори за изолирање на македонската дипломатија и нејзино упатување на разговори само со Бугарија, која, пак, ќе ги одбива и нема да се согласува на никакви решенија – вели Јанев.
Колку за потврда, Бугарија и претходно одби понуда за посредништво од Унгарија, земја што тогаш претседаваше со ЕУ, со образложение дека македонските власти понатаму треба да разговараат со ЕУ, а не со Софија и затоа нема потреба од никакво посредништво. Сега, кога се прават напори за надминување на блокадата преку разговори директно со Унијата, Бугарија со сите сили ги минира и тие обиди.

Бугарија и Грција координирани во опструкциите кон Македонија

Она што постојано го повторуваат бугарските водечки политичари, конкретно бугарскиот претседател Румен Радев, е дека тие сакаат што поскоро да ја видат Македонија во Европската Унија, но во исто време тоа не го покажуваат со конкретни дела.
Имено, ако уставните измени беа условот земјава да почне со отворањето на преговарачките поглавја, тогаш на Бугарија немаше ништо да ѝ смени доколку внесувањето на македонските граѓани со бугарска самосвест во македонскиот устав се случи во оној момент кога Македонија ќе биде пред прием во ЕУ. Тоа уште повеќе ќе ја мотивираше Бугарија да го помага процесот на македонски евроинтеграции бидејќи колку побрзо чекори Македонија кон ЕУ, толку побрзо Бугарија ќе го добие она што сега го бара.

Но да биде апсурдот уште поголем, претставници на бугарската влада јасно порачуваат дека Бугарија ќе има нови барања кон земјава по уставните измени, со што заклучокот е повеќе од јасен, дека источниот сосед не ја сака земјава во Унијата и вложува максимални напори овој пат да го направи целосно невозможен.
– За прием во ЕУ е потребна, покрај согласност на Бугарија, и дополнителна грчка согласност, при што овие две земји членки на ЕУ се заемно (од скоро дури и не скриено или „тајно“) координирани по ова „идентитетско прашање“ (врзано за нашиот идентитет, кој, според нив, мора да остане „редефиниран“). Новото сознание за оваа грчко-бугарска координација се однесува на индикаторите за Грција во т.н. „стратешка дилема“, кога е во прашање сценариото: „Доколку утре Р.С. Македонија стане членка на ЕУ, голема е веројатноста следната генерација да ја раскине (или поништи) Преспанската спогодба, па евентуално во овој тренд, ќе падне и Договорот со Бугарија“. Затоа, и актуелна Софија е фокусирана на „редефинирање на историјата, јазикот и идентитетот“ на Македонците.
Независно од фактот што ние „знаеме за нас“ дека засега не се созреани условите за да се осмелиме да ги раскинеме нелегитимните и етноцидни договори, за Грција и натаму останува гореспоменатата „стратешка дилема“, според која, аналитички не смее да се допушти „веројатност да се случи ова сценарио (т.е. раскинување/поништување) „во кое било време во иднината“ и за некоја друга идна генерација Македонци, кои би го сториле тоа во моментот кога ќе се создадат пошироки геостратегиски услови што ќе гарантираат безбедност и сигурност за македонските граѓани и државата!
И сега, на ова место настапува координацијата во која Грција (според мои сознанија) инсистира и бара од Бугарија процесот на условување да се растегне или забави „до максимум“ (поточно, теориски да се одвлечка до „бесконечност“) – вели професорот Јанев.
Имено, доколку утре Македонија би станала членка на ЕУ, веќе со ништо не би можела да биде уценувана и природно некоја идна политичка партија во земјава, пред сѐ од инает, би можела без последици да го оспори и раскине Преспанскиот договор, а вакво нешто од стратегиската гледна точка е неприфатливо како за Грција така и за Бугарија. Во тој контекст е гореспоменатата т.н. „стратешка дилема“ за Атина и за Софија – заклучува професорот Јанев.