„Радио Слободна Европа“ на албански јазик и ТВ Клан Македонија уште во јуни 2021 година објавија дека „Али Ахмети веќе започнал договарања со Зоран Заев и СДСМ за да се изврши промена на химната, знамето и грбот на Македонија“! Во јавноста, оваа информација ниту тогаш, ниту денес не е демантирана. За разговорите поврзани со промената на македонските државни симболи од тогашните меѓукоалициски договарања, по оставката на Заев на позицијата премиер и лидер на СДСМ, никогаш не беа соопштени детали. Но нашите соговорници подвлекуваат дека токму тие споменати политички актери на тој начин „го ослободиле разурнувачкиот дух од ламбата“ и последиците ќе стануваат сѐ полоши и покатастрофални, доколку не се стави крај на тргувањето со идентитетот
Поглавјето од историјата кога се тргувало со идентитетот е завршено
Македонија има свои државни симболи – химна, грб и знаме и секој граѓанин треба да ги знае и да ги почитува. Како што и доликува!, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска, додавајќи дека државните симболи придонесуваат за развивање на љубовта и за јакнење на почитта на најмладите граѓани кон сопствената земја, бидејќи утре тие ќе ја водат државата, а кон каква иднина би ја воделе, доколку не ја сакаат и почитуваат?
Инспирирана од повеќе настани и актери во врска со државните симболи на Македонија, министерката и значителен дел од јавноста жестоко изреагираа во духот на патриотизмот, а со неодобрување и осуда кон низа деноминирачки поведенија насочени кон државното знаме, химна и грб. Јавноста сведочеше и на инстантна институционална реакција, како во секоја правна држава, а натамошното процесирање јавноста очекува да се реализира во согласност со Уставот и законите. Според повеќе соговорници, токму со овие последни настани се фрли нова светлина и на повеќе појави од изминативе години чии протагонисти беа високи државни функционери, кои битно влијаеја да се доведе во прашање најсуштинскиот идентитетски чинител на македонскиот народ, државата и нацијата (а тоа апсолутно ги вклучува и инсигниите, белезите, симболите на темелниот чинител на Македонија како самостојна суверена и унитарна држава).
Заев и Ахмети отпочнале процес за да се изврши промена на химната, знамето и грбот!?
За потсетување, „Радио Слободна Европа“ на албански јазик и ТВ Клан Македонија уште во јуни 2021 година објавија дека „Али Ахмети веќе започнал договарања со Зоран Заев и СДСМ за да се изврши промена на химната, знамето и грбот на Македонија“! Во јавноста, оваа информација ниту тогаш, ниту денес не е демантирана. За разговорите поврзани со промената на македонските државни симболи од тогашните меѓукоалициски договарања, по оставката на Заев на позицијата премиер и лидер на СДСМ во октомври 2021 година, никогаш не беа соопштени детали. Но соговорниците подвлекуваат дека токму тие политички актери на тој начин „го ослободиле разурнувачкиот дух од ламбата“ и последиците ќе стануваат сѐ полоши и покатастрофални.
Минатата година, кога државната химна почна да се интонира во повеќе училишта и тоа беше регулирано на ниво на локална самоуправа врз основа на Уставот и законите од таа област, градоначалникот на Општина Тетово и лидер на партијата Беса, Билали Касами, изреагира сосема различно од она што значи однос кон своја татковина, држава и државни симболи. Не правејќи разлика меѓу државни и национални симболи, во случајот за државната химна, тој порача дека „националната химна не ги отсликува мултиетничката реалност и мултиетничкото општество во Македонија, па затоа не може да се интонира во општини со албанско мнозинство“. (?!) Неговиот тотален аналфабетизам за она што значи „основи на држава и право“, да прави разлика меѓу мултиетничко општество и (мултиетничка) држава, да направи разлика помеѓу државни наспроти национални симболи, како и да знае што значи „унитарност на една држава“ каква што е сѐ уште Македонија, доаѓа до израз со изјава дека „мора или да се смени химната и да се почитува културната и етничка различност или, ако се донесе одлука таа да се интонира како што е, тогаш, во согласност со мултиетничката припадност на државата и општеството, во општини или локалитети со албанско мнозинство како втора мнозинска заедница да се интонира и албанската химна“. (?!) Билал Касами со тоа флагрантно прави отворена атака на унитарниот карактер на Македонија утврден со Уставот и од позиција на висок носител на локалната власт придонесува за загадување и влошување на меѓуетничките односи и во својата општина, но и пошироко.
Граѓаните да бидат спокојни, институциите подготвени дареагираат во полн капацитет
Посебно интересно за анализа е неодамнешната низа настани поврзани по истата основа, во врска со Али Ахмети и со ДУИ. Деновиве, пак, на еден од партиските собири низ Македонија Али Ахмети перфидно изјави во јавноста нешто со што долева масло на оган. Имено, тој рече: „Нека заборават дека Македонија како држава е само нивна, таа ни припаѓа и нам, на Албанците!“ Повеќе наши соговорници, професори политичари и интелектуалци гласно се прашуваат: А кој воопшто во Македонија некому му го оспорувал тоа?! Во таквиот контекст, нашите соговорници предупредуваат за висока претпазливост, што се однесува до институциите и до граѓаните, бидејќи од веќе познатите центри за (дез)интеграција „се лансира проект за длабок расцеп во меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците во Македонија: отфрлањето на државната македонска химна од страна на албанските политички чинители е само еден од показателите за нова претстојна крајно непосакувана ситуација“.
На 3 декември 2024 година, Владата на Македонија поднесе предлог-закон за средното образование за усвојување во Собранието. Во ставот 3 на членот 54 од овој предлог-закон се наведува: „Културни активности: прослава на денот на средното училиште (патронат), на почетокот и на крајот на наставната година и завршувањето на средното образование започнуваат со интонирање на државната химна, за што одлучува основачот“. П.Р.
Во САД има 1.500 различни етникуми, а државните симболи, химна, знаме, грб, се почитуваат безрезервно
Соединетите Американски Држави се исклучително добар пример за тоа на кој начин граѓаните, почнувајќи од најмала возраст, треба да градат однос кон државните симболи, кои се ставени на највисок пиедестал, токму онака како што му прилега на еден заеднички државен ентитет.
Патем споменато, и албанската заедница во САД е присутна, значителна и влијателна, а нејзиниот однос и почитување на американскиот устав, законите и на државните симболи е на највисоко ниво. Така е и со односот на другите заедници, бидејќи само на тој начин се градат демократијата, благосостојбата и државниот и националниот просперитет.
1. САД
Имено, во САД, држава со 334 милиони жители и со огромна јазична, религиозна, расна и етничка разновидност, тамошното Пописно биро има регистрирано повеќе од 1.500 расни и етнички групи. На пример, во документот на државниот Оддел за основно и средно образование на американската сојузна држава Арканзас од 15 април 2022 година, покрај другото, се наведува: „Од најголема важност е младите во Арканзас да учат за химната на САД, ‘The Star-Spangled Banner‘ – ’Знаме осветлено со ѕвезди’. Училишните совети и директорите треба да усвојат јавна политика со која ќе биде овозможено изведување на американската државна химна во текот на часовите во училиштата и за време на спортски натпревари. Со оваа политика, и секоја јавна детска градинка ќе треба да ја исполнува американската химна најмалку еднаш неделно за време на часовите со децата. Редовното исполнување на химната го засилува патриотизмот и го прославува заедничкото искуство на Америка“.
Во својата статија „Американизам: поздравувајќи го знамето“, Франческа Френки Бил, назначена за амбасадор на националниот американизам и патриотски инструктор во 2021-2022 година, истакнува: „Поздравувањето на црвеното, белото и синото – боите на американското знаме е сведоштво за искрен патриотизам, лојалност, љубов кон нашата земја и почит кон американските идеали. Ѕвездите и лентите на американското знаме ги симболизираат слободите, еднаквоста, правдата и хуманоста, кои нашите предци ги дефинираа како суштина на американската демократија. Знамето на Соединетите Американски Држави ги симболизира жртвите направени од милиони Американци за да го задржат нашиот начин на живот безбеден. Постојат два начина за правилно поздравување на знамето на САД: со поздрав на раката до главата и со раката ставена над срцето“.
Оваа „амбасадорка на американизмот“ во својата статија посебно го нагласува и следново: „Секцијата 5 на Јавниот закон 94-344, познат како Федерален закон за знамето и усвоен од Конгресот на САД, пропишува: ‘За време на церемонијата на кревање, или спуштање на знамето, или кога знамето поминува на парада или ревија, сите присутни лица, освен оние во униформа, треба да се свртат кон знамето и да застанат со внимание кон него и со десната рака, поставена над срцето…. Кодот на знамето, исто така, укажува дека кога се свири националната химна и се истакнува знамето, сите присутни, освен оние во униформа, треба да стојат со внимание свртени кон знамето со десната рака над срцето“.
2. Јапонија
Да издвоиме уште еден пример, од Далечниот Исток, од Јапонија. Каков однос се негува таму уште кај најмладите поколенија. Во статија со наслов „Основните училишта се пред нова обврска: патриотизам, ‘Кимигајо‘“, објавена на 29 март 2008 година, јапонскиот информативен портал „Џапан тајмс“ има објавено: „Министерството за образование на Јапонија објави ревидирана наставна програма за образование за основните и средните училишта, која повикува на промовирање патриотизам и обврзување на јапонските деца меѓу прво и шесто одделение да ја пеат националната химна на Јапонија, ‘Кимигајо’. Министерството соопшти дека целосно ќе го спроведува ревидираниот водич во основните училишта од учебната 2011 година, со цел да се всади патриотизам кај учениците“... П.Р.
Односот кон државата се гради од најмали нозе и државната химна може само да обединува и зближува, а не да поттикнува меѓуетнички поделби, нагласи министерката за образование Весна Јаневска, образложувајќи ја потребата од носењето на предлог-законот за средно образование, со кој меѓу другото се предвидува и интонирање на државната химна во сите државни училишта за време на значајни државни настани
Собранието во прво читање ги поддржа пакетот закони за образование
Министерката Јаневска: Државната химна може само да обединува и зближува
Државната химна може само да зближува, а не да разделува. Ова е пораката што категорично ја нагласи министерката за образование Весна Јаневска, образложувајќи ја потребата од носење на предлог-законот за средно образование, со кој, меѓу другото, се предвидува интонирање на државната химна во сите државни училишта за време на значајни настани.
– Ова се долгоочекувани закони и уверена сум дека секој ги знае значењето и улогата на овие закони за развојот на нашата држава. Ако не ги почитуваме државните симболи и химна, државата нема да ја чувствуваме како своја – рече Јаневска, истакнувајќи ја важноста од постигнување консензус во донесувањето на овие закони.
Таа наведе и дека односот кон државата се гради од најмали нозе, како и дека државната химна може само да обединува и зближува, а не да поттикнува меѓуетнички поделби. Министерката ги посочи примерите на Соединетите Американски Држави и Швајцарија, каде што државната химна се интонира во училиштата.
Јаневска претходно изрази очекување дека и пратениците од ДУИ ќе го поддржат предлог-законот за средно образование, за кој тие искажаа забелешки на комисиска расправа во Собранието, во однос на интонирањето на државната химна во училиштата, најавувајќи амандмани.
Според министерката Јаневска, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование, кој не е менуван повеќе од 20 години“.
– И во овој момент ништо друго не се дискутира освен химната, што не е предмет за дискусија. Па, оттука, можам да речам дека е комплимент за Министерството што не е најдена друга мана, но сметам дека е крајно неразумно да се запре законот за средно образование, кој не е менуван повеќе од 20 години, да не може да се имплементираат новините што државава ги очекува минимум седум години, а очигледно и повеќе, поради една таква дискусија – кажа Јаневска во пресрет на собраниската седница.
Со предложениот закон, средното образование се дефинира како институционално, кадровски и содржински организирано на начин што овозможува образование за сите ученици во средното образование, вклучувајќи и за деца/лица со странско државјанство или деца/лица без државјанство, формирање инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост. Првпат се воведуваат кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование.
Предлог-законот за средно образование, дел од пакетот закони од образованието, беше проследен во натамошна постапка, откако Собранието завчера ја заврши општата расправа во рамките на 24-та седница. Собранието претходно ја заврши и општата расправа по предлог-законите за образование на возрасните, за стручно образование и обука, како и за изменување и дополнување на законот за основно образование, и ги проследи во второ читање. Н.М.
Образовните реформи со точно одреден курс во прв план
Образовниот систем, особено основното и средното образование, влегува во период на опсежни и суштински реформи за да се фатат духот и потребите на времето. Како базичен сектор во општеството, земјата не би смеела повеќе да експериментира со разни реформи, туку треба да се фати одреден курс и да се продолжи по него. Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во скорашно интервју за „Нова Македонија“, зборувајќи за потребата од реформирање на образованието.
– Во неколку наврати имам посочено дека дејствуваме одеднаш во повеќе сегменти и влијаеме на повеќе аспекти од кои зависи квалитетот на националниот образовен систем. Ако треба да генерализирам кон што целат нашите политики, тоа се поквалитетни наставни програми и учебници, подобра инфраструктура и опременост на училиштата, забрзување на дигитализацијата, нов модел на инклузија и поголема мотивација за наставниот и стручен кадар во училиштата. За сето ова планираме етапно зголемување на буџетот за образование од 3,4 отсто од БДП на пет отсто во следните четири години, но и на буџетот за наука од 0,3 отсто на еден отсто од БДП, затоа што нашите научноистражувачки работници навистина имаат потреба од поголема поддршка во реализација на нивните идеи и проекти – истакна Јаневска. Н.М.