- Проектот „Читај ја Македонија!“ започна по моја иницијатива во 2015 година. Во неговите рамки се одржаа десет големи книжевни изложби посветени на македонскиот роман, поезијата, драматургијата и театарот, литературата за деца, преводите од македонски на руски јазик, а посебно беа претставени значајни писатели, класици на македонската литература: Блаже Конески, Живко Чинго, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и други
На 21 ноември во Московскиот дом на националностите беше одбележано петнаесетгодишното постоење на Македонскиот културен центар во Москва, чиј идеен творец, основач и претседател е преведувачката, македонистка, поетеса и сликарка Олга Панкина. Во изминативе петнаесет години, Македонскиот културен центар во Москва организирал и реализирал повеќе од 250 настани. Со претседателката на Македонскиот културен центар во Москва, Олга Панкина, разговаравме за одбележувањето на јубилејот, се осврнавме на плодната работа на истиот тој изминативе петнаесет години, но зборувавме и за нејзиниот значаен личен придонес во негувањето на македонско-руските културни врски, но и во зближувањето на културите на словенските народи, заради што неодамна е одликувана со медалот „Пушкин“ со указ на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
– Кои се Вашите впечатоци од одбележувањето на јубилејот на Македонскиот културен центар во Москва?
Значајно и симболично е тоа што овој јубилеј го одбележивме токму во Московскиот дом на националностите, во кругот на пријателите. На вечерта присуствуваа повеќе од 70 гости – претставници на организациите со кои соработува Македонскиот културен центар, македонисти и пошироко – слависти, поети, писатели, читатели, книжевни критичари, издавачи и мои пријатели. Пред почетокот беше организиран мал коктел, на кој присутните можеа да се запознаат и да поразговараат, а благодарение на македонската народна музика да се расположат во балкански дух. Во меѓувреме, во соседната сала десетина уметници веќе започнаа да цртаат портрети на девојките облечени во убави народни носии.
Атмосферата дополнително ја збогатија актерите од долгопрудненскиот театар „Город“, кои блескаво прочитаа во мој превод песни од Славко Јаневски, Блаже Конески, Гане Тодоровски и од други автори, кои го сочинуваат златниот фонд на македонската поезија. Потоа публиката беше запознаена со творештвото на истакнатиот македонски писател, академик Влада Урошевиќ, кој во своето писмено обраќање топло му го честита јубилејот на МКЦ. Актерот Денис Дружинин со голема уметничка убедливост ја прочита главата од романот „Маџун“ насловена „Циркус“.
По завршувањето на официјалната програма, гостите уште долго не сакаа да си заминат – играа македонско оро (во рускиот има сличен збор „хоровод“), пееја заедно со артистите, кои на македонски јазик ја изведоа народната песна „Македонско девојче“, разгледуваа книги, разменуваа впечатоци, зборуваа за она што го видоа и слушнаа на настанот.
Многу сум задоволна од тоа што 15-годишнината на Македонскиот културен центар ја прославивме во кругот на пријателите. Многу ни значи што своите честитки до МКЦ ги упатија и низа институции од Македонија: Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија, центарот во Скопје за изучување на руски јазик кај деца „Озарение“ и други. Од друга страна, многу ми е жал што овоj значаен jубилеј остана без внимание од страна на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Институтот за македонска литература и други културни установи со кои соработувам многу години.
– Да се навратиме на почетоците, како се јави потребата и што Ве поттикна да го создадете овој центар, која е неговата цел?
Во 2010 година кај мене се роди идејата да создадам организација што ќе ги запознава граѓаните на Русија со културата, историјата, јазикот и современиот живот на Република Македонија и ќе придонесува за зближување на словенските народи. Нашите први организациски состаноци се одржуваа токму во Московскиот дом на националностите, кој веднаш нè прифати под своето закрило и навистина стана наш дом. Голема благодарност до неговите вработени за поддршката и помошта. Голема благодарност до луѓето без кои работата на центарот, кој нема финансиска поддршка од никого, не би била возможна – ентузијасти, посветени и активни личности, вљубени во словенските јазици, литературата и културата, во природата и убавините на Балканот и во идејата за единство и пријателство меѓу словенските народи.
– Кои се, според Вас, најважните активности што досега се остварени благодарение на центарот, во однос на негување на македонско-руските културни врски?
Во текот на изминатите 15 години, МКЦ организира и реализира повеќе од 250 настани – Македонски театарски денови во Москва, изложба на детски слики „Мал битолски Монмартр“, концерт на македонската музика од млади композитори во изведба на Московскиот ансамбл за современа музика, средби со македонски писатели и уметници, со музичкиот ансамбл „Љубојна“, со младинскиот мандолински оркестар „Скопје“, со уметниците, како и организирање многубројни ликовни изложби и промоции на книги од македонски автори. Не може сѐ да се спомене, затоа ќе ги набројам само најважните проекти што МКЦ ги реализира континуирано повеќе години.
Проектот „Читај ја Македонија!“ започна по моја иницијатива во 2015 година. Во неговите рамки се одржаа десет големи книжевни изложби посветени на македонскиот роман, поезијата, драматургијата и театарот, литературата за деца, преводите од македонски на руски јазик, а посебно беа претставени значајни писатели, класици на македонската литература: Блаже Конески, Живко Чинго, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и други.
Несомнено, значаен е и меѓународниот проект „Арт Балкан“, кој се реализира повеќе од 10 години. Негови организатори, покрај Македонскиот културен центар, се Московскиот дом на националностите, Професионалниот сојуз на уметници на Русија, меѓународната секција „Група уметници СОЛО“, Српско-руското друштво за пријателство од градот Шид (Србија) и здружението „Словенски свет“ (Бугарија).
Главна цел на проектот е да се претстави во Русија богатството на културите на балканските народи, како и да се промовираат руските уметнички вредности во балканските земји.
– Какви се идните работни планови на центарот?
Планирам напролет по традиција, кога се одбележува Денот на словенското писмо, да одржам Денови на македонската литература и култура. Овој пат тие ќе го опфатат периодот од 10 години во текот на кои се реализира проектот. Ќе jа потсетиме читателската публика во Русија што беше направено во изминатиот период. Ќе објавиме фотоалбум за најзначајните и успешни настани реализирани во рамките на проектот. Ќе направиме една голема изложба на книги од македонски автори – како во оригинал така и во превод.
Како многу ефикасна и корисна се покажа работата со деца – од помали, пет-шестгодишни до средношколци. Има што да им понудиме од македонската книжевност. Ќе продолжиме да читаме дела од македонските автори што се преведени на руски – од класиците како Ванчo Николески и Видое Подгорец, до современите Киро Донев, Биљана Станковска, Горјан Петрески и др., до најмладите како Натали Спасова и Хана Корнети. Нема да ги заборавиме и македонските приказни, кои придонесуваат за приближување на македонското фолклорно богатство до светот на децата. Ќе направиме и ликовна работилница за деца. Децата сакаат да цртаат и обично со голема радост учествуваат во такви акции.
Во 2026 година би сакала да му посветиме внимание на македонскиот филм. Тоа ќе биде нова тема, речиси неистражена на културниот простор на Русија. Наесен наредната година, веќе по традиција, ќе учествувам на Театарскиот фестивал во градот Долгопрудни, каде што ќе зборувам за македонските автори драматурзи и ќе организирам литературно-уметнички настан во градот Внуково.
– Пишувате поезија и кратки раскази, авторка сте на трудови од областа на македонистиката, а особено сте познати по огромниот преведувачки опус на дела на македонски автори на руски јазик. Колку во бројки изнесува Вашиот преведувачки опус, но уште поважно, кој е Вашиот критериум во однос на книгите што избирате да ги преведете?
За своја главна мисија ја сметам популаризацијата на културата. Преводот е најуверлив начин да се претстави македонската литература надвор. Мојот научен интерес лежи во доменот на современиот македонски јазик, лексикографијата, теоријата и практиката на преведување од и на словенски јазици. Имам преведено над 80 посебни книги од македонски писатели, како и творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 300 македонски писатели презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави.
Како што гледате, опусот на преведените македонски книги веќе не е мал, но не е доволен со оглед на вредностите што ги крие во себе македонската литература. При избор на дело за превод секако им давам предност на класиците и на веќе афирмираните автори, посебно кога станува збор за едициите. Така ми е полесно аргументирано да ги убедам руските издавачи да објават книга од автор што не им е познат – автор од Македонија. Меѓутоа имам преведено и издадено голем број дела од писатели што не се познати нашироко и во самата Македонија. Со одушевување преведувам и книги, посебно поетски, на млади автори. Секоја добра и добро преведена книга ќе најде свој читател.
Во последно време, од 2021 година, Министерството за култура и туризам на Република Македонија, за жал, престана финансиски да ги поддржува руските издавачи, на некои дури им должи за порано објавените книги. Тоа многу ја отежнува соработката што ја воспоставував со години. Сепак, без оглед на оваа ситуација, продолжувам да преведувам, често и без хонорар, книги, а издавачите главно од почит кон мене, препознавајќи во моите преводи квалитетна литература, за среќа, продолжуваат да ги објавуваат.

– Каков е приемот на македонската литература кај руските читатели?
Пред да дадам директен одговор на прашањето, би сакала, ако на пример зборуваме за македонскиот роман, да ве потсетам дека подолго време, од 1981 до 1990 година, на руските читатели им беа познати само три имиња на македонските романсиери: Ѓорги Абаџиев (Пустина), Славко Јаневски (И бол, и бес, Миракули) и Живко Чинго (Сребрените снегови).
Од 1990 година, за жал, немаше објавено ниту еден македонски роман во превод на руски јазик. Така беше сè до 2007 година кога успеав да преведам и да го објавам романот „Големата вода“ на Живко Чинго. Оттогаш работата тргна кон подобро. Во 2011 година, издавачката куќа „Азбука“, Санкт-Петербург, една од наjголемите и наjреномирани издавачки куќи во Русиjа, го објави романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски во мој превод. По обjавувањето на книгата во средствата за jавно информирање се поjавиjа многу одгласи и коментари. Обjавувањето на руски на „Папокот на светот“ даде огромен ефект. Тиражот од седум илјади примероци беше распродаден за три месеци. По мое мислење, пробивот и понатамошното постапно движење на македонската книжевност на рускиот книжевен пазар започна токму од „Папокот на светот“ на Венко Андоновски. Македонската литература стана факт – сега книги на македонските автори се присутни (иако пак не е доволно) на рускиот пазар и, што е важно, тие се барани. Се продаваат по книжарници и преку електронски ресурси, на пример на „Озон“, се претставуваат на саеми на книга низ Русија и надвор – таму каде што луѓето зборуваат руски.
Македонските писатели добиваат високи литературни награди и признанија во Русија. Да не должам многу, ќе кажам само за една од нив. На 4 октомври 2023 година, на свечената церемонија во театарот „Бољшој“ во Москва, жирито составено од еминентните руски писатели на чело со Владимир Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) соопшти дека добитници на меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за 2023 година се Венко Андоновски, како автор на романот „Папокот на светлината“, и јас Олга Панкина, како преведувач. Одлуката за наградата е донесена едногласно.
Со оваа награда, името на македонскиот писател се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнз (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Канада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел). Годинава, пак, романот „Пиреj“ на Петре М. Андреевски во мој превод беше номиниран за литературната награда „Јаснаја Полјана“ во категоријата пропуштени ремек-дела. Сметам дека македонската литература е позната во Русија, примена е и се смета за современа, длабока, квалитетна и духовна.
– Генералниот впечаток е дека во Македонија читателската публика сѐ уште е фасцинирана од руската литература создадена во минатото, односно од руската класика, а малку современи руски автори се преведени на македонски. Дали навистина е така? Ако е така, која е причината?
Еднаш направив преглед на творбите на руските автори обjавени во Македониjа во последниве десет години (2014-2024). Откако го изучив библиографскиот материjа што успеав да го соберам, утврдив дека нив ги има приближно триста (на моjот список – 302 наслова). Може да заклучиме дека главно се преведува прозата. Меѓу прозните жанрови води романот. Зошто од руски jазик наjмногу се преведува класиката? Ако одговориме кратко – преведувањето на класиците е наjсигурна и наjбезбедна работа. А кои современи руски романисти се преведуваа и се публикуваа во Македониjа? Првото место му припаѓа на Евгениj Водолазкин со неговите пет романи, по него е Гузел Јахина, а познати се и Захар Прилепин, Алексеј Варламов и Владислав Отрошенко, додека исто така има интерес и за детективските романи на Александра Маринина. Има многу публикации од областа на православната литература, како и на документарна, историска проза.
Што се однесува до поезиjата, во последново време таа се издава сѐ помалку. Притоа што сѐ уште има интерес за класиците: Сергеj Есенин беше и е еден од наjсаканите поети во Македониjа. Во 2022 година издавачката куќа „Матица македонска“ обjави голема антологиjа на руската поезиjа под наслов „Рускиот поетски гениj. Од Пушкин до Бродски“ во превод на поетот Ефтим Клетников. Радува што каj македонските издавачи и читатели сѐ уште е зачуван интересот за руската класична литература за деца. Многу популарни се книгите и сликовниците како „Маша и Медо“ создадени според мотивите на истоимениот руски цртан филм. Треба да се констатира дека поголем броj книги – преводи од руски – се издадени при поддршка на рускиот Институт за превод, коj игра исклучителна улога во популаризациjата на руската литература во светот. Нивниот број изнесува 56. Со Институтот за превод активно соработуваат македонските издавачки куќи: „Бегемот“, „Антолог“, „Македоника литера“, „Прозарт медиа“, „Восток“ и други. Сакам да верувам дека во наjблиска иднина ќе се поjавуваат нови квалитетни преводи, бидеjќи токму книгите придонесуваат за духовно зближување и подобро заемно разбирање на народите.
– Во каква состојба се наоѓа современата руска литература?
Сега во Русија се случува голем пресврт, рушење на застарените конструкции и создавање нешто ново на нивните урнатини, чии контури сѐ уште не се целосно разбирливи, бидејќи ова ново априори не може да се создаде според претходно изработен план, туку планот се создава во процесот на самата изградба. Се пробудува свеста дека Русија е посебна цивилизација, која еднакво ѝ припаѓа и на Европа и на Азија, дека прозорецот кон Европа што го пробил Петaр Велики не е доволен. Овој голем пресврт кон Истокот еднакво ја засега како основата, односно економијата, која се развива експлозивно, така и надградбата – посебно културата и соодветно литературата. Се зголемува, како бројот на насловите на објавените книги така и нивниот тираж, и тоа покрај фактот што најмногу млади луѓе читaaт електронски книги. Минатата година во Русија беа издадени повеќе од сто илјади наслови класични книги на хартија со вкупен тираж од околу 400 милиони примероци. Многубројните литературни награди, фестивали и конкурси помагаат за ориентација во тоа море од книги, а постојат и доста невообичаени начини да се привлечат младите кон читањето, на пример, на станиците во московското метро има штандови со кју-ар (QR) кодови и со нивно скенирање може бесплатно да се симне книга за читање во возот и да се чита преку телефон. Многу распространети се местата каде што може да се остави прочитаната книга за другите или да си се земе некоја книга за себе.
Накратко речено, во руската култура и соодветно во литературата во последните неколку години, забележлив е експлозивен раст. Кон што ќе доведе – засега не е целосно јасно, но следењето на процесот е многу занимливо.
На почетокот од 2026 година, во Скопје, се очекува да биде објавена новата поетска книга на Олга Панкина, а авторката најави и превод на нов роман за едицијата „Македонски роман на 21 век“. Напролет, пак, Панкина планира голема самостојна ликовна изложба, на која ќе има претходно претставени дела, но и дела што првпат ќе бидат прикажани пред јавноста.


































