Многу светски процеси биле одблокирани благодарение на олеснувачи и посредници, но… „внимание на скриени намери“!
- Македонија за време на целата своја независност е дел од некакви наметнати спорови поради кои мора да бидат вклучени разни посредници, олеснувачи, медијатори, така што не е големо изненадување и најавата од одредени дипломатски кругови во земјава за можно ангажирање на италијанската премиерка Џорџа Мелони како олеснувач во македонско-бугарскиот спор, која веќе активно учествува во решавањето на проблемите во сериозно критични подрачја. Проблемот е во тоа што одредени кругови во Брисел, преку нејзиното посредништво, ќе се обидат одново да ги наметнат бриселскиот либерален пристап и политики, деградирачки за Македонија и за Македонците
Многу кризи во светот биле решени благодарение на посредничката улога што во одреден момент ја одиграла некоја личност што со својот кредибилитет влијаела врз двете спротивставени страни, да седнат на преговарачка маса и да најдат решение за проблемот. Токму затоа на посредувањето се гледа како на шанса за приближување дури и на дијаметрално спротивставени ставови така што ќе се најде барем една заедничка точка за која би можеле да се договорат двете страни.
Изминатиот период сведочиме на иницијативите на американскиот претседател Доналд Трамп на некој начин да биде посредник во наоѓањето решение за запирање на руско-украинскиот конфликт, а нешто слично претходно правеше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Македонија за време на целата своја независност е дел од некакви наметнати спорови поради кои мора да бидат вклучени разни посредници, олеснувачи, медијатори, така што не е големо изненадување и најавата од одредени дипломатски кругови во земјава за можно ангажирање на италијанската премиерка Џорџа Мелони како олеснувач во македонско-бугарскиот спор.

Мелони веќе олеснува повеќе компликувани процеси
Иако евентуалното вклучување на италијанската премиерка во посредничка мисија за надминување на разликите на релација Скопје-Софија би можело да се очекува по локалните избори, односно кон крајот на годината, Мелони веќе е активна во неколку посреднички мисии. Имено, таа веќе работи во посредување меѓу Израел и страните што сакаат да достават хуманитарна помош за луѓето во Газа за да се спречи дополнителен раст на жртвите, како и да не бидат загрозени животите на екипажите на бродовите што се обидуваат на своја рака да достават хуманитарна помош до Газа.
Мелони му даде насоки на министерот за надворешни работи Антонио Тајани да подготви предлози за медијација меѓу Израел и страните што сакаат да достават хуманитарна помош. Предлогот предвидува помошта да се доставува до Кипар и Латинската патријаршија во Ерусалим, а од таму да се дистрибуира до луѓето во Газа.
На тој начин флотилите со хуманитарна помош нема да бидат цел на израелската одбрана, а жителите на Газа континуирано ќе добиваат хуманитарна помош.
– Мислам дека ова е предлог за кој постои согласност меѓу кипарската, израелската и италијанската влада. Чекаме одговор од флотилата. Апелирам до сите да бидат одговорни и да не преземаат иницијативи чија примарна цел не е да доставуваат помош, туку да создаваат проблеми за владата – рече италијанската премиерка, алудирајќи на барањата на италијанскиот синдикат Цгил, италијанската влада да интервенира во случај на нови напади врз флотилата, со закана дека ако не е случи тоа, ќе свикаат генерален штрајк во земјата.
Како што претходно објави агенцијата „Анса“, бродовите на флотилата „Сумуд“ беа нападнати со беспилотни летала ноќта помеѓу вторникот и средата.
Сето ова јасно говори за заткулисните игри на бриселските либерални елити, кои наоѓаат разни начини да ги минираат нејзините посреднички проекти, во случајот активирајќи ги синдикатите, со намера да предизвикаат внатрешно незадоволство и штрајкови во Италија и на тој начин да ја принудат Мелони да се откаже од лидерските амбиции. Стравот меѓу нив е дека евентуален нејзин успех во посредништвото би можел да значи колапс на длабоко инкорпорираните либерални европски елити, кои очигледно се решени да го втурнат европскиот континент директно во војна само колку да се задржат на власт.
Брисел бара посредници што би ја вратиле Европа на „главната маса“
Уште една потврда дека посредништвото е исклучително важно кога тешко се доаѓа до решение се обидите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ја убеди Кина да се вклучи како посредник во руско-украинскиот спор. Неодамна портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова потсети дека шефицата на ЕК одржала состанок со кинескиот премиер Ли Чијанг, за време на кој побарала од Пекинг „да го искористи своето влијание“ за да „ја охрабри Русија да седне на преговарачка маса“.
Таа дури отиде и дотаму што со извесна доза на иронија го посочува официјален Лондон како можен посредник во руско-украинскиот конфликт, напоменувајќи дека двете страни биле веќе седнати на преговарачка маса во Истанбул, но дека поранешниот британски премиер Борис Џонсон ја одвратил Украина од намерата да се согласи на мировно решение.
– И преку кого лобира Урсула за своето место на преговарачката маса, кое ЕУ хистерично го бара толку месеци? Да ве потсетам. Русија веќе седеше на преговарачката маса во пролетта 2022 година, сè додека (тогашниот британски премиер) Борис Џонсон не го одвлече режимот во Киев од него. Можеби би било подобро Урсула да разговара со Лондон, за да можат да „го искористат своето влијание“ и „да го повикаат украинскиот претседател да седне на преговарачката маса и да престане да се нервира“. Сепак, кој ќе ја слуша во Лондон – напиша Захарова на својот канал на Телеграм.
Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена да разговара за политичките аспекти на решението со Украина и да работи во кој било формат. Москва сè уште не добила одговор од Киев на предлогот за создавање три работни групи за поконкретно решавање на хуманитарните, воените и политичките прашања, што руската страна го изнесе за време на третата рунда разговори со Украина во Истанбул во јули, каде што во улога на посредник повторно се јави турскиот претседател Ердоган.
Кон средината на август, благодарение на посредничката улога на Обединетите Арапски Емирати, Русија и Украина разменија голем број воени заробеници.