Фото: Библиотека „Григор Прличев“

Фотовест

Читалницата на детското одделение во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид неодамна беше исполнета со насмеани детски лица, со весела атмосфера и џагор, но и со звуците на песната „Во светот на бајките“ од истоимената култна серија за деца на Македонската телевизија.
По повод Светскиот ден на раскажувањето бајки, на гости дојдоа првоодделенците од ООУ „Св. Климент Охридски“, заедно со своите наставнички Наташа Танеска и Наташа Костоска.
Библиотекарките Бети Лазеска-Симоноска и Христина Трпеска им читаа и им раскажуваа бајки на првачињата, а тие инспирирани од слушнатото ги боеја омилените ликови од бајките. На тој начин првоодделенците ја развиваа својата фантазија и креативност, а за најголемиот дел од нив овој настан беше можност за прва посета на библиотеката.
Да потсетиме, бајките се литературен жанр во кој има фантастични и магични ликови. Обично се дадени во форма на раскази со самовили, џуџиња и вештерки како централни ликови или со принцови и принцези.
Светскиот ден на раскажувањето бајки се одбележува на 26 февруари, а првпат е одбележен во 1991 година во Шведска.

Ф.Д.