Нови книги за најмладите на писателката Виолета Наумовска
По промоцијата на двете книги „Oгне“ и „Време за желби“ од Виолета Наумовска, кои беа промовирани во рамките на програмата на „Скопско лето-2024“, на која се случи првата средба на главниот јунак Огне со љубопитните дечиња, тој со нетрпение го чекаше почетокот на учебната година, за да тргне во запознавачки „поход“ низ училиштата во Скопје.
Рецензенти и промотори на книгите беа проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, Горјан Петревски и Братислав Димитров, кои искажаа грст убави зборови за книгата, со предлог таа да стане лектирно издание, кое, освен децата, треба да го читаат и возрасните.
Авторката Наумовска се радува на секоја нова средба со децата.
– „Походот“ трае веќе два месеца, а љубопитноста и желбата за дружење постојано се зголемуваа и кај Огне и кај дечињата, кои со радост го прифатија неговото присуство во училишните библиотеки. И како што слушам, па и на ред се чека да се дојде до книгите „Огне „и „Време за желби“ – ни раскажа авторката Наумовска.
Учениците уште во првите контакти на запознавање, веднаш го прифатија како другарче од нивното секојдневие, кое минува низ слични или исти случки како нив, дома, во училиште, на игралиште, кај дедо и баба налето…
Го прифаќаат затоа што веднаш ја препознаваат неговата добронамерност во секоја ситуација, поврзана со него или, пак, со неговите другарчиња, ја препознаваат неговата желба. А Огне, секаде каде што може и знае, дава подршка, понекогаш со совет, понекогаш со личен пример, а понекогаш само со своето присуство.
– И така, не само што децата со големо внимание ги слушаат неговите доживувања туку почнаа и тие да се вклучуваат со свое мислење околу некои ситуации, како на пример за значењето на одговорноста, за сочувството, за краткотрајната вредност/бескорисност на „белите лаги“, за градењето стратегија како да се оствари некоја желба и сѐ друго сместено во чудесните, возбудливи расказа за Огне – ни рече авторката Виолета Наумовска.
И да знаете, на авторката дури и автограми почнале да ѝ бараат дечињата, за да се пофалат дома дека си стекнале добро другарче. Другарче што поврзувајќи ги некогаш и сега, ги насочува, им помага во разбирањето за своето растење, како хумани, одговорни, емпатични и самосвесни личности.
Дружбата со авторката и со нејзините книги не завршува само со претставување на јунакот Огне, ниту запира со читање на книгите за него, туку на заемна радост продолжува преку работилници за креативно пишување со оние на кои пишувањето им е радост.
За второто полугодие е најавено дека Огне тргнува на запознавање со дечињата низ цела Македонија. И верувајте, насекаде ќе стигне… А додека се случи тоа, вие, драги нови другарчиња, можете веќе да ја започнете дружбата, читајќи за неговите авантури.
Ф.Д.