Горјан Петревски го промовираше романот „Исти очи“ во Бугарија

Во рамките на манифестацијата „Ноќ на литературата“, познатиот македонски писател за млади Горјан Петревски неодамна во Софија, Бугарија, го претстави својот роман „Исти очи“ (Същите очи), кој е преведен на бугарски јазик, а е во издание на „Изида“.
Ова е четврта негова што која можат да ја прочитаат и тинејџерите во таа земја. Во Софија книгата ја претставија глумците Ѓорѓи Георгиев-Антика и Игор Дамјанов.

* * *

Гимназијалци пишуваа инспирирани од поезијата на Анте Поповски

Во библиотеката на СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје неодамна синовите на македонскиот поет Анте Поповски, Жорж и Александар Поповски, се сретнаа со ученици од шест гимназии што сакаат поезија.
Тие споделија сеќавања за својот татко, големиот Анте Поповски, а на менторите од гимназиите „Корчагин“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“, „Димитар Влахов“, „Орце Николов“ и „Георги Димитров“ им поделија и благодарници за успешната соработка.
Беше реализирана и креативната работилница „Поезија во фармерки“, во чии рамки учениците ги читаа своите творби инспирирани од ликот и делото на Анте Поповски.

* * *

Фестивалот „Јаков од Камена Река“ отвори конкурс за најубав кириличен испис

Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ од Македонска Каменица ги повикува сите ученици од основните и средните училишта во Македонија да учествуваат на конкурсот за избор на најубав кириличен испис, со краснопис на македонски јазик.
Може да се испрати убава мисла, поговорка или стихови напишани со краснописни букви и со краснописен прибор (мастило, перодршка, пердув, четка и сл.) на А4 формат на хартија.
Творбите треба да се секнираат и во дигитален формат (пдф или јпг) и да се испратат на следната електронска адреса: [email protected] со назнака ЗА КОНКУРС ЗА КРАСНОПИС. Рокот за поднесување на конкурсниот материјал е 18 ноември. Најдобрите трудови ќе бидат соодветно наградени.