Стручните лица од областа на безбедноста препорачуваат полнењето на електричните тротинети, велосипеди, скутери, па и на мобилните телефони, никогаш да не се прави во текот на ноќта и без надзор
Трагичниот настан во Нови Сад како повод: Одговорно полнење на електричните тротинети, велосипеди и скутери за поголема безбедност
Масовната комерцијализација на превозните средства движени на електрична енергија направи електричните тротинети, велосипеди и мопеди да станат составен дел од сообраќајот и воопшто од секојдневието. Во Скопје, но и во другите поголеми градови низ земјава, за превоз низ градскиот метеж сѐ почесто се користат електрични тротинети, велосипеди и скутери, создавајќи им дополнителна главоболка на другите учесници во сообраќајот поради неодговорното однесување на дел од оние што ги управуваат.
Но сообраќајната недисциплина е само еден аспект од овој глобален проблем, додека одржувањето на ваквите превозни средства станува многу посериозен предизвик што носи големи опасности. Имено, деновиве Балканот е потресен од веста за трагедијата што го погоди шестчлено семејство во Нови Сад, кое се задуши во пожарот што избувна откако, според првичните наоди на истрагата, бил предизвикан од прегревање на батериите на електричен скутер вклучен да се полни во текот на ноќта на домашната електрична мрежа.
Она што е востановена практика, тоа е тротинетите, велосипедите, па и скутерите, често да се внесуваат во станови и да се оставаат во текот на ноќта да се полнат без никаква контрола, за утрото повторно да бидат подготвени за употреба.
– Живеам во зграда во Аеродром и електричниот тротинет го полнам во станот, на терасата. Немам каде на друго место, во ходник или во подрумските простории веднаш ќе ми го украдат, така што најсигурно ми е дома – вели Ангел Димчевски од Скопје.
Тој смета дека ако се запазат сите безбедносни параметри што ги препорачува производителот, не би требало да има евентуални хаварии. Од друга страна, неговиот сограѓанин Митко Јаневски споделува сосем спротивно искуство, но со мобилниот телефон.
– Во текот на ноќта го оставив мобилниот телефон да ми се полни. Среде ноќ ме разбуди силна експлозија, срипав веднаш од креветот и го затекнав мобилниот телефон во пламен. Среќна околност е што во близината немаше завеси или друг запалив материјал, оти лесно ќе се распламтеше пожар. Истото тоа може да се случи и при полнењето на електричните тротинети, затоа сметам дека полнењето треба да биде под надзор и по можност надвор, подалеку од запаливи материјали – сугерира Јаневски.
Стручните лица од областа на безбедноста препорачуваат полнењето на електричните тротинети, велосипеди, скутери, па и на мобилните телефони, никогаш да не се прави во текот на ноќта и без надзор.
– Станува збор за литиумјонски батерии, кои знаат да прегреат при полнењето и понекогаш да се запалат. Пред една година имаше случај во кој електричен тротинет што беше оставен да се полни се запали и експлодира во кујната на еден дом во Лондон. Се запали и кокпитот на авион на „Боинг“ затоа што прегреале ваквите батерии, што говори дека човек никогаш не може да биде сигурен кога може да се случи ваква хаварија. Кај нас многумина ги полнат тротинетите по станови, ги оставаат без никаква контрола во текот на ноќта, ги вклучуваат на несоодветни продолжни кабли и ризикуваат кратки споеви. Затоа сопствениците мора да поведат повеќе сметка за да не се случи вакво нешто оти со тоа се предизвикува општа опасност – велат стручњаците.
Тие споделуваат неколку совети како да се спречи настанување на вакви инциденти, кои може да имаат и трагичен крај, како примерот во Нови Сад.
– Ако сопственикот живее во стан, прв чекор е полнењето да го врши на тераса, подалеку од какви било запаливи предмети, и постојано да следи до каде е состојбата на батеријата. Не е на одмет во некое ќоше да има исправен апарат за гаснење пожар, слични на оние што ги имаме во автомобилите – советуваат стручњаците.
Според нив, нешто полесна е состојбата при полнење на овие уреди во куќите бидејќи тротинетот може и треба да се полни во двор.
– Предноста на оние што живеат во куќа е што имаат дворови, но и тука тротинетот, велосипедот или скутерот треба да се држат подалеку од сува трева, од некоја запалива материја и слично. Повремено треба да се следи до каде е со полнењето и кога батеријата ќе достигне 90-95 отсто, препорачливо е да се исклучи, без да се преполнува и на тој начин дополнително да се загрева – наведуваат стручните лица.
За нив клучно е граѓаните што поседуваат вакви превозни средства со електрична батерија повремено да ги носат на контрола во овластен сервис.
– Тоа е најдобра превентива бидејќи во сервисот можат точно да утврдат дали батеријата е во добра состојба или, пак, треба да се замени. Многумина, иако се свесни дека батеријата е пред крај, не ја менуваат поради високата цена и ризикуваат вакви хаварии. Дополнителна опасност е ако граѓаните на своја рака прават некакви модификации на превозното средство и на тој начин ја зголемуваат опасноста од краток спој. Можеби треба да се размислува и за овие превозни средства да се воведе задолжителен технички преглед и регистрација еднаш годишно, со што стручни лица ќе ја контролираат исправноста. Значи, потребно е одговорно однесување при полнењето, проверка на батеријата и никако полнењето да не се остава без надзор во текот на ноќта, бидејќи никогаш не се знае кога батеријата може да прегрее и да предизвика пожар – препорачуваат стручњаците. С.Т.