ВИЕ НИ ПИШУВАТЕ: КРЕАТИВНО ЛЕТО ВО ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА
Во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, веќе четири години континуирано се реализира проектот „Лето во библиотека“, поддржан од Министерството за култура. Целта е да се поттикне љубовта кон книгата и читањето кај децата и кај пошироката јавност. Проектот се реализира во четири дена, а координаторка е Наташа Брезовска Богоевска.
Прекрасен почеток на едно книжевно лето полно со инспирација, зарем не?
Првиот ден од активностите беше насловен „Патот на книгата – од идеја до полица“.
Децата имаа можност да се сретнат со роднокрајната авторка Десанка Николова и да дознаат како една книга настанува – од првата идеја на авторот, процесот на пишување, преку издавачката куќа, па сè до местото на книгата во библиотеката.
Вработената библиотекарка Павлина Најдова им го доближи светот на библиотеката – како се организираат книгите, како се редат по полици и како се внесуваат во електронскиот каталог.
Децата сами се ставија во улога на автори. Осмислија тема, наслов, корица, па дури и издавачка куќа за својата замислена книга.
На вториот ден од нашето летно дружење темата беше: „Правописот во македонскиот јазик – основен елемент за добра книга“.
Пред да започнат со пишување на своите книги, децата имаа можност да научат колку е важна улогата на лекторот во процесот на создавање книга. Стефани Андреевска им го доближи светот на правописот и ги воведе во правилата што стојат зад добро напишан текст.
На забавна и едукативна работилница, преку игра ги откриваа најчестите правописни грешки и учеа како правилно да ги поправат.
Третиот ден од проектот „Лето во библиотека“ беше „Оживувањето на книгата преку илустрациите“. Нашите најмлади учесници имаа несекојдневна можност да се запознаат со светот на илустрациите преку инспиративна средба со илустраторката Евгенија Андреева.
Разговаравме за тоа колку е важна илустрацијата во книгите и каква улога игра во пренесувањето на замислата на авторот до читателот. Децата имаа можност самите да ги внесат своите илустрации во книгите што ги создаваат, што беше и забавно и едукативно искуство.
Заеднички дојдовме до заклучок: книгата со илустрации е попривлечна, но секоја книга – со или без цртежи – носи своја вредност и убавина.
На четвртиот ден од проектот „Лето во библиотека“ со наслов „Мојата книга“, библиотеката беше исполнета со инспирација и детска креативност. Директорката Снежана Бошевска ги покани учесниците во работилницата да ги презентираат своите изработки. Преку нивните приказни ги откривме нивните мисли, чувства, желби и хобија – секоја книга беше уникатен прозорец во еден нов свет. Сите се согласија дека времето поминато во библиотеката било исполнето со радост, нови другарства и соништа за еден ден да издадат вистинска книга. Настанот беше уште попосебен благодарение на присуството на семејствата на учениците, нивната поддршка и гордост ја направија атмосферата уште поволшебна.