Зошто Брисел не одговара на предлогот од Москва за потпишување пакт за ненапаѓање?
Русија тврди дека Европската Унија со месеци молчи за нејзиниот предлог за потпишување пакт за ненапаѓање – документ што, според Москва, треба да биде дел од пошироките безбедносни гаранции што се неопходни за постигнување примирје и мировен договор во Украина.
Москва тврди: Дипломатскиот материјал е доставен, одговор нема
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко во интервју за весникот „Известија“ изјави дека „ЕУ со месеци молчи за конкретниот предлог од Русија за потпишување документ т.н. пакт за ненапаѓање, кој треба да биде дел од пошироките безбедносни гаранции што се неопходни за постигнување примирје и мировен договор во Украина“. Тој во исто време нагласи дека „ваквиот однос на Брисел суштински ја дисквалификува ЕУ од улога во мировниот процес“.
– Европските земји сè уште не одговорија на предлогот на Москва за документ што гарантира ненапаѓање против Европа. Овој елемент целосно недостасува во ставот на ЕУ – изјави Грушко.
Истовремено, тој додава дека Брисел упорно бара место на преговарачката маса за Украина – позиција што, според Москва, е контрадикторна ако се игнорираат безбедносните грижи на руската страна.
Ако Брисел не прифаќа пакт за ненапаѓање, тогаш какви безбедносни гаранции бара?
Рускиот дипломат посочува дека ЕУ јавно и континуирано зборува за потребата од безбедносни гаранции за Украина, но не ги применува истите принципи кога станува збор за Русија.
– Свесни сме дека мирното решение мора да ги земе предвид безбедносните интереси на Украина, но безбедносните интереси на Русија се исто така од најголема важност и без таа рамнотежа мировен договор не е можен. На пример, за Москва, клучните елементи на тие гаранции би вклучувале исклучување на можноста Украина да стане членка на НАТО, откажување од распоредување странски трупи на нејзина територија и обврска Украина да не претставува закана за Руската Федерација, ниту да се користи како појдовна точка за воени дејства против неа – истакна Грушко.
Вака, со европското игнорирање на иницијативата, се добива впечаток дека Брисел ниту знае какви барања да испорача во облик на некакви „безбедносни гаранции“.
За потсетување, идејата за правно обврзувачки договор не е нова. Кон крајот на 2025 година Москва официјално предложи документ за неагресија во Европа. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во декември изјави дека Русија е подготвена да ги формализира гаранциите „во писмена форма, на колективна и меѓусебна основа“. Сепак, според Грушко, европски одговор сè уште нема. Како можна основа за разговори, Москва ги наведува и нацрт-договорите доставени до Западот во 2021 година, кои, меѓу другото, предвидуваа правно отфрлање на понатамошното проширување на НАТО на исток, вклучувајќи и кон Украина.
Трилатерални разговори без Европа?
Што се однесува до Русија, таа не ја исклучува можноста овие гаранции да бидат дел од иден договор во рамките на трилатерални разговори со САД и Украина. Иако датумот на следниот состанок не е утврден, Кремљ најавува дека тој би можел да се одржи наскоро. Овој однос на Брисел дополнително го засилува впечатокот дека ЕУ, и покрај своите амбиции, ризикува да остане надвор од клучните дипломатски процеси. Во меѓувреме, од 13 до 15 февруари, во Минхен ќе се одржи Меѓународната безбедносна конференција, каде што европските сојузници на Киев најверојатно повторно ќе ја потврдат својата „целосна солидарност со Украина“. Но, според руската страна, таму повторно нема да се отвори прашањето за безбедносните гаранции на Москва.
Интересно за издвојување е тоа што Русија јавно изјавува дека нема ништо против приклучувањето на Украина кон Европската Унија и ја признава потребата да се одговори на загриженоста на европските соседи. Токму затоа, според руските претставници, е неразбирливо зошто Брисел не одговара ни формално на предлогот за ненапаѓање, иако тој директно се однесува на европската безбедност. П.Р.
Зошто ЕУ молчи, зарем Брисел не сака мир?
- Отворањето дебата во ЕУ за т.н. пакт за ненапаѓање, предложен од Русија, би било во спротивност со забрзаната милитаризација на Унијата и со политиките на многу либерално ориентирани земји членки, кои во последните години значително ги зголемуваат воените буџети и ја зацврстуваат улогата на НАТО во Европа
Неодговарањето на ЕУ на ваков формален дипломатски предлог е невообичаено, дури и во услови на длабока политичка конфронтација. Тишината на Брисел може да се толкува како свесна стратегија: признавањето на рускиот предлог би значело и признавање дека Русија има легитимни безбедносни грижи – нешто што доминантниот политички наратив во ЕУ настојува да го избегне. Дополнително, отворањето дебата за пакт за ненапаѓање би било во спротивност со забрзаната милитаризација на Унијата и со политиките на многу либерално ориентирани земји членки, кои во последните години значително ги зголемуваат воените буџети и ја зацврстуваат улогата на НАТО во Европа.
– Во тој контекст, молкот станува политичка порака сам по себе: „Не“ за мир преку заемни гаранции, туку употреба на сила (воен конфликт), дури и по цена на нетранспарентност кон сопствената европска јавност и по цена бриселските либерални елити да ги втурнат своите граѓани во војна?! Уште еден европски апсурд во невидени размери – велат нашите соговорници, дипломати од кариера. П.Р.
































