Фото: ЕПА

И уште еднаш нови бриселски принципи и нови правила за проширување на ЕУ

  • Според европски функционери, најновата варијанта неформално се нарекува „обратно проширување“. Имено, земјите кандидатки би се вклучувале во Унијата веднаш на почетокот од процесот на интеграција, па бараните реформи би се испорачувале од страна на државите како да се членки на ЕУ (со малку понерамноправен статус на членки). Односно, не како досега кога земјите кандидатки за членство пред своето целосно зачленување однапред треба да ги исполнат сите барани критериуми, принципи и правила. Наводно, овој е таканаречениот брз пристап во ЕУ скроен за Украина, а за Западен Балкан ќе се оди по истата инерција…

Како што деновиве во Абу Даби се исцртуваат завршните контури на можниот мировен план за Украина, Европската Унија паралелно бара излез од сопствената политичка одговорност за непреземањето навремени чекори со кои можеше да се спречи најголемиот конфликт на европско тло по Втората светска војна. Во тој контекст, Брисел сè поотворено разгледува модели за забрзано, па дури и делумно членство на Украина во Унијата.
Официјален Брисел го бара излезот од ситуацијата со некаква форма на брзо членство на Украина во Европската Унија во 2027 година, без оглед што земјата во ситуацијата во која што се наоѓа едноставно не е во можност да ги испорача бараните реформи. Токму затоа, како што објави европското издание на „Политико“, ЕУ разгледува план без преседан што би ѝ овозможил на Украина делумно членство уште следната година, како политички сигнал за нејзино врзување за Европа и оддалечување од руското влијание.
Според „Политико“, ваквиот пристап би значел драматичен пресврт во досегашната политика на проширување, особено ако членството до 2027 година стане дел од евентуалниот мировен договор меѓу Киев и Москва. Планот би ѝ дал на Украина место на европската преговарачка маса пред целосното исполнување на критериумите, со постепено воведување на правата и обврските.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе јавно побара од ЕУ да утврди конкретен датум за членство, кој би бил вграден и во мировниот договор, со аргумент дека Русија ќе се обиде да го блокира европскиот пат на Украина.
– Наведете го датумот, бидејќи тој датум ќе го потпишат Украина, Европа, САД и Русија – изјави Зеленски.
Во Брисел, оваа идеја се поврзува со концептот на „Европа со повеќе брзини“, кој францускиот претседател Емануел Макрон го промовира со години. Според европски функционери, најновата варијанта неформално се нарекува „обратно проширување“, бидејќи земјите би се вклучувале во Унијата на почетокот од процесот, а не на неговиот крај. Целта, како што нагласуваат од ЕУ, не е намалување на критериумите, туку силна политичка порака до земјите чие пристапување е блокирано од војна или внатрешни несогласувања во Унијата.
Официјалните претставници на ЕУ велат дека идејата е привлечна бидејќи би му дала време на Киев да ги заврши реформите во своите демократски институции, судството и политичкиот систем, а наедно би ја намалила веројатноста дека ќе се откаже од своите надежи за приклучување кон блокот и ќе му го сврти грбот на Западот.
Владите на ЕУ се состанаа минатиот петок во Брисел за да ја прашаат претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, за напорите за прекин на застојот во приемот на нови членки. Според дипломатите што учествувале во дискусијата, таа ги истакнала различните опции и модели што ги разгледува ЕУ, вклучувајќи ја и идејата за „обратно проширување“.
– Тоа би било еден вид рекалибрација на процесот, прво се приклучувате, а потоа постепено воведувате права и обврски – објасни еден функционер на ЕУ запознаен со дискусијата.
Според него, целта не е да се намалат критериумите, туку да се испрати силна политичка порака до земјите чиј пат кон пристапување е блокиран поради војна или противење од некои други земји членки.
Токму во овој контекст, дел од регионалните аналитичари предупредуваат дека плановите за забрзан прием на Украина не смеат да се реализираат изолирано од Западен Балкан. Според нив, ЕУ веќе влегува во фаза на редизајн на проширувањето, со фазно членство, делумни права и 2027 година како хоризонт, така што секој што сега нема јасна позиција ризикува повторно да остане заглавен во следната деценија.
Поединечно, земјите од Западен Балкан лесно се игнорираат, но заеднички настап би создал критична маса и би го претставил регионот како стратешки пакет, а не како збир на „проблематични случаи“. Пораката кон Брисел, велат аналитичарите, не треба да биде „Украина или Балкан“, туку Украина плус Западен Балкан како предуслов за стабилна и безбедна Европа.
Во таа насока, регионот треба системски да ги активира традиционалните сојузници на проширувањето во рамките на ЕУ – Австрија, Словенија, Хрватска, Италија, Полска, балтичките и дел од скандинавските земји, за балканската аргументација да биде „преведена“ на внатрешниот јазик на Унијата. Македонија, со искуството на долготрајни блокади и направени компромиси, може да биде меѓу носечките гласови за пакет-решение.
Во спротивно, предупредуваат аналитичарите, ако Западен Балкан продолжи да чека „да дојде ред“, редот повторно ќе се помести и 2027 година лесно може да стане уште едно големо одложување наместо момент на заокружување на европските граници.


Инструментализацијата на Киев во функција на еднострани неолиберални ЕУ-интереси

Украина – маша на Брисел во односите Запад-Русија

  • Украина во бриселските политики не беше третирана како јасен сојузник што ужива недвосмислена заштита, туку беше позиционирана, попрецизно искористена, како посредник во поширок конфликт меѓу Европа и Русија. Таквата улога ја направи Украина структурно ранлива и ја претвори во простор каде што се води индиректна конфронтација

Во јавниот европски дискурс за војната во Украина доминира наративот дека станува збор за одбрана на европските вредности, безбедноста и на меѓународниот поредок. Украина се претставува како фронтовска линија што ја штити Европа од источна агресија, а продолжувањето на војната и вооружувањето на Европа често се оправдуваат како „нужност за долгорочна стабилност“. Сепак, ваквиот бриселски наратив прикрива едно подлабоко и пофундаментално прашање: дали Украина во европската стратегија навистина се третира како суверен субјект и сојузник или првенствено како алатка или „маша“ во односот кон Русија?

Украина како долгорочен геополитички посредник

Ова прашање не се однесува само на периодот по 2022 година, туку на подолг континуитет на политики што ѝ претходеа на војната и придонесоа за нејзиното избувнување. Од оваа временска дистанца, анализите откриваат дека „Украина со години функционираше како геополитички посредник, а не како самостојна цел на западните политики“. Во западните и европските безбедносни и надворешнополитички кругови, Украина ретко била разгледувана како држава со автономна вредност. Наместо тоа, нејзината улога систематски се дефинирала преку нејзиниот однос со Русија. Кога односите меѓу Европа и Москва биле стабилни или прагматични, Украина била маргинализирана. Кога тие односи се влошувале, Украина добивала зголемено внимание и симболичка поддршка.
Овој модел укажува дека интересот не бил насочен кон украинското општество, институции или долгорочен развој, туку кон нејзината геополитичка позиција. Украина станала варијабла во равенка што ја дефинира европско-руската динамика, а не независен актер со сопствени безбедносни потреби.
Европската политика кон Украина често се оправдува со повикување на демократски вредности, суверенитет и на меѓународно право. Сепак, историјата на меѓународните односи на Европа покажува дека овие принципи се применуваат селективно. Стариот Континент со децении соработувал со авторитарни режими и прифаќал сфери на влијание кога тоа било негов економски или безбедносен интерес.
Украина станува „морално прашање“ токму во моментот кога нејзината позиција може да се искористи за редефинирање на односот со Русија. На тој начин, вредносниот дискурс функционира како легитимација на геополитичка стратегија, а не како водечки принципи.
Еден од клучните аспекти на инструментализацијата е охрабрувањето на Украина кон јасна геополитичка ориентација спротивставена на Русија, без истовремено обезбедување реални безбедносни гаранции. Иако се зборуваше за европска перспектива и партнерство, членството во НАТО и ЕУ остана неопределено, одложено и условено. Таквата политика ја стави Украина во позиција на директна конфронтација со посилна регионална сила, без јасен заштитен механизам. Од безбедносен аспект, ова претставува класичен пример на пренос на ризик: стратешката одлука се носи во европските центри, а цената ја плаќа државата на периферијата.

Долготрајната нестабилност поприфатлива од компромис?

Во поширок контекст, Украина функционираше како тампон-зона меѓу Русија и евроатлантскиот простор. Наместо да се разгледува можноста за неутрална, стабилна Украина како фактор на деескалација, ваквиот модел беше маргинализиран. Напротив, Украина со јасна антируска ориентација се покажа како пофункционална од гледна точка на стратегиското ограничување на Русија. Оваа логика подразбира дека долготрајната нестабилност е поприфатлива од компромис што би ја намалил геополитичката корисност на украинскиот простор. По почетокот на војната, европскиот дискурс постепено го трансформираше поимот мир од цел во потенцијален проблем. Преговорите и прекинот на огнот често се третираат како закана за европската безбедност, под претпоставка дека Русија би можела повторно да се вооружи.
Во прилог на ваквите тврдења одат и последните изјави на претседателот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, дадени во весникот „Тагешшпигел“.
– Додека Украина ја брани Европа, опасноста не е толку голема – рече Волфганг Ишингер, додавајќи дека ваквата состојба подразбира дека руската армија моментно е „врзана во Украина и губи илјадници војници“.
Тој предупреди дека ситуацијата ќе се промени штом ќе дојде до прекин на огнот во Украина, велејќи дека „тогаш Путин може да продолжи со своето вооружување во мир, а заканата за земјите од НАТО на источното крило ќе се засили“.
Германскиот експерт нагласи дека најважно е што побрзо да се стави крај на крвопролевањето во Украина.
– Не посакувам ништо повеќе за народот на Украина. Но руската закана ќе расте и за нас Германците доколку идниот прекин на огнот не е придружен со масовно намалување на военото засилување во западните воени области на Русија – рече Ишингер, тврдејќи дека Украина денес ја брани Европа, а не само својата територија.
Таквиот пристап имплицира дека продолжувањето на конфликтот, иако со огромни човечки загуби, е стратешки прифатливо. Во оваа рамка, Украина не е субјект што има право на брз мир, туку простор каде што се управува со ризикот за Европа. Економските последици од војната за Европа се реални, но ограничени и реверзибилни. За Украина, последиците се демографски, територијални и егзистенцијални. Сепак, оваа асиметрија ретко се рефлектира во политичките одлуки. Жртвите стануваат статистика, а времетраењето на војната – стратегиска променлива.

Нерамноправно сојузништво

Во такви услови, тешко е да се зборува за рамноправно сојузништво. Значи Украина во европската политика не беше третирана ниту како јасен сојузник со недвосмислена заштита, туку беше позиционирана како посредник во поширок конфликт меѓу Европа и Русија. Таквата улога ја направи структурно ранлива и ја претвори во простор каде што се води индиректна конфронтација.
Кога една држава се третира првенствено како средство, нејзиното страдање не се перципира како неуспех на политиката, туку како нејзин трошок. Во таа смисла, војната во Украина не е само трагедија на една земја туку и показател за ограничувањата и противречностите на европската стратегиска мисла. С.Р.