Фото: Пиксабеј

Нега и убавина

Нема диета што дава толку брзи резултати како добро избраната комбинација на облека. Правилната облека може визуелно да ја истенчи силуетата, да ги издолжи нозете, да ја истакне половината и да го скрие она што сакаме да остане незабележано. Ако сакате да изгледате послабо денес – без трчање, постење и апликации за уредување фотографии, ви откриваме испробани трикови што ги користат стилистите на познатите личности.
Темните бои се ваш сојузник. Црната е класика со причина – визуелно стеснува и изгледа елегантно. Но не само црната туку и темносината, бордото, смарагднозелената и темносивата исто така имаат таков ефект, само помек и понежен. Облекувањето во една боја од главата до петиците визуелно го издолжува телото. Не мора да биде целосно црно – можете да си играте со нијанси на беж, сива, маслинеста… Тајната е во беспрекорниот континуитет, што дава илузија на висина и витост. V-изрезот ја отвора линијата на деколтето и визуелно го издолжува. Маиците, блузите и фустаните со V-изрез го отвораат деколтето и го прават лицето потесно, додека телото изгледа потенко. Избегнувајте ролки и премногу тесни јаки – тие го „сечат“ вратот и визуелно го стеснуваат горниот дел од телото.
Без разлика дали станува збор за панталони, здолништа или фармерки – високиот струк е најдобриот пријател на секоја жена што сака да изгледа потенко. Тој го „крева“ стомакот, го нагласува струкот и визуелно ги издолжува нозете.
Линии? Да – но вертикални! Тие го водат окото одгоре надолу и создаваат илузија на висина. Истото тоа важи и за долги реси, патенти, копчиња во ред – сè што оди вертикално.
Заборавете на широките јакни што ја „голтаат“ фигурата. Јакна со струк што прекрасно го следи обликот на телото и завршува под колковите визуелно ја стеснува силуетата и создава прекрасна форма на песочен часовник.