Неодамна во издание на „Перун артис“ излезе поетската книга „Кон белата“ на словачката поетеса Катерина Куцбелова.
Катарина Куцбелова (1979) е родена во Банска Бистрица, каде што матурирала во гимназијата „Андреј Сладкович“ во 1997 година. На Факултетот за филм и телевизиски студии при Високата школа за музички уметности во Братислава завршила магистерски студии по драматургија и сценарио во 2002 година. Куцбелова работи како културна менаџерка. Ја основа и до 2012 година ја водеше престижната словачка книжевна награда за проза „Анасофт литера“.
Дебитира со збирката „Дуали“ (2003). На неа се надоврзаа поетските книги „Спорт“ (2006), „Малиот голем град“ (2008), „Знае што да направи“ (2013) и „Кон белата“ (2022). Авторка е и на успешните романи „Превез“ (2019) и „Синослепост“ (2023).
Постои потсвесна склоност нештата да се согледуваат бајковито, црно-бело, така да се каже: белото е добро, смирувачко, чисто; принцот облечен во блескав оклоп и јавајќи бел коњ, доаѓа да нѐ спаси додека неговиот злобен противник облечен во црно се обидува да го спречи да го стори тоа. Книгата песни „Кон белата“ на Куцбелова ја користи белата боја како централен мотив, но ја поткопува перцепцијата на бојата. Авторката ни претставува слика за човештвото, за неостварлив свет во точка на крајна неизвесност; кога ќе се изгубат основните закотвувања и принципи на функционирање на местото во кое живееме и сакаме да го земеме предвид нашиот дом.
Препевот на оваа поетска книга е на Звонко Танески, а изданието е поддржано од „Слолиа“ од Братислава.