Во издание на „Македоника литера“
Издателството „Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „Романски народни приказни“ од Петре Испиреску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. Ова е најобемната книга со романски народни приказни и легенди, првпат објавена во 1882 година, а Испиреску е најпознатиот собирач на романскиот сказничен фолклор. Книгата содржи 36 народни приказни.
Многу генерации романски деца растеле и сè уште растат со приказните на Петре Испиреску. Тој е исто што и Марко Цепенков за Македонците, браќата Грим за Германците, Х.К. Андерсен за Данците, Шарл Перо за Французите.
На страниците на оваа книга се оживеани кралеви и кралици, принцови и принцези, храбри херои, чудесно убави самовили, змејови и ламји, вештерки, маѓепсници, маѓепсани животни и секакви други чудни и незаборавни ликови. Во овој магичен свет доброто секогаш триумфира над злото, вистинската моќ лежи во храброто и чисто срце, а најголемото богатство е љубовта. Оваа е најпознатата романска книга со најпопуларните ликови од романскиот фолклор, но, пред сè, таа е неисцрпен извор на животна мудрост и трајни човечки вредности.
Петре Испиреску (1830–1887) е романски писател и собирач на народни приказни, уредник, печатар и публицист. Најпознат е по неговата работа како собирач на романски народни приказни, раскажувајќи ги со извонреден талент. Неговата главна заслуга е што највнимателно ги собирал директно од „оригиналниот извор“ – од „устата на народот“, па затоа неговите „Мунтеански бајки“ се одликуваат со чистота на јазикот и со сосема природна едноставност и наивност. Покрај тоа, тој е познат како талентиран и вистинит писател. Нему му припаѓаат и делата „Од приказната за мудриот дедо“, „Збирка поговорки“ и други.
Роден е во Букурешт, од татко бербер и мајка извонредна раскажувачка. Израснал слушајќи безброј народни приказни раскажани од неговите родители, и од муштериите и чираците на татко му. Неговите родители сакале да биде свештеник, но тој се откажал од тоа и на четиринаесет години станал чирак во печатница, надевајќи се дека ќе го продолжи своето образование читајќи ги книгите печатени таму. Работејќи 14 часа на ден, тој станал квалификуван печатар. Подоцна станал управител на модерна типографија, а потоа станал шеф и на Државната печатница.
Испиреску започнал да објавува романски народни приказни во 1862 година. Неговата прва збирка се состоела од шест народни приказни. Подоцна овие приказни биле додадени во неговата реномирана збирка „Романски народни приказни. Загатки и поговорки“ (1872). Ги објавил и збирките: „Народни анегдоти и народни приказни“ (1874), „Животот и подвизите на Михаи Витеазу“ (1876), „Приказни за мудриот старец“ (1879) – универзални митови и фрагменти од античката митологија прераскажани на јазик приспособен за децата, „Романски легенди и бајки“ (1882), „Приказни, анегдоти и шеги“ (1883), „Детски играчки и игри“ (1885), „Морални приказни. За новогодишната елка“ (1886).
Поради раскажувачкиот талент на Испиреску, овие фантастични плодови на имагинацијата на романскиот народ имаат карактер на оригиналност, што ги издигнува над бајките на другите народи бидејќи се збогатени со митолошките традиции на романските предци и живописно обоени и дотерани од приредувачот. Тие, сепак, се дела за восхит и поради заштитата од заборав, откако собирачот ги запишал уште во втората половина на 19 век.