Во издание на „Бата прес“, излезе од печат романот за деца и млади „Олгица и операцијата јагуар“ од романскиот писател Алекс Молдован. Делото од романски на македонски јазик го преведе Ермис Лафазановски, а илустрациите се на романскиот уметник Јожеф Вас. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој книгоиздателството „Бата прес“ објавува 15 книги за деца и млади од 15 европски автори. По романот „Олгица и дедото милионер“, ова е втора книга од Алекс Молдован со истоимениот главен лик објавена на македонски јазик.
Авантурите на Олгица продолжуваат и во оваа книга, но сега со нови ликови и нови предизвици. Иако иднината изгледа ветувачки, на Олгица во еден момент ѝ се појавуваат огромни проблеми. Таа треба да ја реши мистеријата, бидејќи нејзиниот дедо-милионер е исчезнат, а тоа, пак, е поврзано со животот на нејзината мајка, која треба да прави операција колку што е можно побрзо. Таа треба исклучително брзо да најде огромна сума пари, а киднаперот што ја направи целата збрка, не е човек со кого може лесно да се преговара…
Писателот Алек Молдован е роден во 1977 година во Клуж, Романија, каде што и сега живее. Вљубеник е во литературата за деца и во џезот и е доброволец во друштвото за заштита на животните. Завршил филозофија, превел над триесет книги и работел како книжар. По долги години повторно ја почувствувал потребата да пишува и основал свој блог, кој го нарекол Жолтиот велосипед. „Олгица и операцијата јагуар“ е неговиот втор роман.
Илустраторот Јожеф Вас е познат уметник и дизајнер, кој исто така живее во Клуж. Лиценца за графика и дизајн добил од православниот универзитет „Партиум“ од градот Орадеа. Тој почнал да се занимава со илустрации уште од факултетските клупи, кога бил охрабрен од неговите професори и колеги да се насочи кон оваа гранка на визуелните уметности.