Во чие име лобираа ДУИ и Бујар Османи во САД? / Фото: Маја Јаневска-Илиева

За скандалозниот настап на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во Вашингтон

  • ДУИ и нејзиниот потпретседател Османи во САД лобираа против Македонија и македонските државно-национални интереси, кои се однесуваат на сите македонски граѓани, без оглед на етничката и политичката припадност. Средбите на Османи со личности од американскиот политички живот и ставовите што ги изнел во име на неговата партија наидоа на низа негативни реакции, покрај другите, и меѓу Албанците во Македонија

Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи во свое скандалозно истапување во американскиот Конгрес на 4 февруари го означил Уставниот суд на Република Македонија како „институција што ја загрозува јужната линија на стабилноста на Балканот“! Според она што го објави на својот фејсбук-профил, пред американските конгресмени тој го нападнал македонскиот Уставен суд дека е „виновник за поткопувањето на рамковниот договор“ и во заканувачки стил предупредил на „нова можна дестабилизација“. Османи официјално замина во САД да присуствува на Националниот молитвен појадок, но својот неколкудневен престој таму го искористи за ново поткопување на Македонија.

Посетата на Вашингтон искористена за антимакедонско лобирање

ДУИ и нејзиниот потпретседател Османи во САД лобираа против Македонија и македонските државно-национални интереси, кои се однесуваат на сите македонски граѓани, без оглед на етничката и политичката припадност. Средбите на Османи со личности од американскиот политички живот и ставовите што ги изнел во име на неговата партија наидоа на низа негативни реакции, покрај другите, и меѓу Албанците во Македонија, кои ги изнесоа во јавноста критичките прашања: Ако не беше проблем Уставниот суд на Македонија во текот на 22-те години владеење на ДУИ, како стана сега толку опасен, што ја загрозува безбедноста на целиот Балкан?! Зошто не бил Али Ахмети никогаш учесник на американските молитвени појадоци, иако бил две децении лидер на партија што ја сочинувала Владата на Македонија?
Османи во име на ДУИ на Капитол Хил ги повика САД да обрнат поголемо внимание кон „загрижувачките случувања во Македонија“. Но политичките аналитичари Албанци ја повикуваат партијата на Ахмети да обрне многу повеќе внимание на состојбата во сопствените редови, бидејќи стана „партија без политички и морален компас“ и се занимава само со „политички вицови и игри дома и во странство“!

Пржинската влада, Уставниот суд и Охридскиот рамковен договор во
„клучните“ пораки на Османи

Османи се сретнал и разговарал со повеќе конгресмени во Вашингтон. Тој пред нив изразил „загриженост поради блокирањето на европскиот пат на С. Македонија“ и ја нагласил „потребата од поголемо внимание од Соединетите Американски Држави за иднината на земјата и на регионот“, како што објавил на Фејсбук. На некои од тие средби, на кои учествувал и Филип Рикер, поранешниот помошник-државен секретар на САД за Европа, потпретседателот на ДУИ, како што навел на социјалната мрежа, упатил три „клучни пораки“.
Владата од Пржино мора да остане како механизам. Уставниот суд треба да се ослободи од политичката заробеност и да ја запре секоја намера за нарушување на Охридскиот рамковен договор. Принципот на двојно мнозинство при изборот на Владата да остане како дух на нашата функционална мултиетничка демократија, гласеле тие „клучни пораки“ на Османи на овие средби.
Османи во обраќањето на Меѓупарламентарниот форум за безбедност и одбрана во американскиот Конгрес ги изнесе своите скандалозни квалификации за македонскиот Уставен суд како „загрозувач на балканската стабилност и безбедност“ и „создавач на фронтовски линии“!
– Со децении договори како Дејтон и Охридскиот рамковен договор ја формираа јужната линија на стабилност на Балканот. Тие беа несовршени, но ги заштитуваа мултиетничките држави и спречија границите да станат фронтовски линии. Денес таа линија повторно е под притисок – не со тенкови, туку со наративи и институции, како што е Уставниот суд во С. Македонија. Ако ги затвориме денес очите пред обидите за поткопување на договорите за стабилност и внатрешна и надворешна интеграција, утре ќе ги отвориме очите пред нова реалност на нестабилност и дезинтеграција. Ова мора да се запре денес, за утре да не ја повториме историјата што ја доживеавме вчера – напиша Османи на Фејсбук, пренесувајќи го своето обраќање во Конгресот на САД. Р.Н.М.


Голем број критики во медиумите на албански јазик за настапот на Бујар Османи во Вашингтон

Демаскирани политичките играрии на ДУИ и од доскорашните истомисленици

Преку колумна објавена на 6 февруари во косовскиот весник „Бота сот“ политичкиот аналитичар Сулејман Мехази од Тетово јавно го праша Османи: „Зошто во текот на 22 години од владеењето на ДУИ Уставниот суд не беше проблем, а сега се прикажува како закана за целиот регион?“
– Охридскиот договор е понижувачки за Албанците и ДУИ отстапи од него, затоа критиките на Бујар Османи кон Уставниот суд се многу повеќе критики кон ДУИ и него лично, отколку што се критики кон Владата и премиерот Мицкоски – му порача Мехази на Бујар Османи.
Истиот ден, повторно преку „Бота сот“, во своја колумна новинарот во Редакцијата на албански јазик на МТВ и политички аналитичар Ејуп Бериша се огласи со, како што нагласува, „логичното прашање“: Зошто го нема и Али Ахмети на молитвените појадоци во САД?!
– Претставниците на ДУИ долго време го нервираат јавното мислење со фалбите дека нивниот лидер Али Ахмети е многу важна личност, со големо политичко влијание, па дури и оти е личност многу блиска до САД. Ако тоа е навистина како што тврдат мегафоните на ДУИ, тогаш зошто не беше Ахмети поканет на утринските молитви? Најсоодветното ниво на претставување на ДУИ ќе беше учеството на претседателот на партијата Али Ахмети, а не на потпретседателот Бујар Османи. А зошто Али Ахмети никогаш не бил учесник во американските утрински молитви – праша Бериша.

Дали Османи и ДУИ во Вашингтон го бараа својот „изгубен политички компас“?

Новинарот и публицист Франк Шкрели, поранешен главен уредник на Албанската редакција на „Гласот на Америка“ во своја колумна, објавена на 6 февруари од информативната агенција Илирија-ИНА од Скопје, напиша дека „секоја година, речиси без исклучок, политичари од Тирана и од Приштина доаѓаат во Вашингтон, за да учествуваат на таканаречениот Национален молитвен појадок, но само напразно да парадираат пред камери и заради политички туризам“.
– Политичката елита на Албанија и на Косово денес го претвора овој американски молитвен ритуал во инструмент за политичка измама за локалната јавност – напиша Шкрели.
Без оглед на тоа што Шкрели не споменува политичари Албанци од Македонија, со неговите согледувања може во еднаква мера да се опфатaт и челниците на ДУИ и престојот на Бујар Османи во Вашингтон. Во овој контекст е и подбивниот заклучок на политичкиот аналитичар Сулејман Мехази, кој во својата спомената колумна за „вашингтонската мисија“ на Османи и ДУИ ќе каже: „Им нема крај на политичките вицови и игри во нашата земја!“
Не случајно и информативната агенција на албански јазик „Журнал“ на 2 февруари го „испрати“ Османи во САД со заклучокот во својот редакциски коментар дека „партијата на Ахмети веќе го изгубила својот морален и политички компас“. Можеби „политичката туристичка екскурзија“ на Бујар Османи во Вашингтон беше не само обид ДУИ да ѝ го сврти вниманието на Трампова Америка на Македонија туку и напор Ахмети и неговите сопартијци да го пронајдат својот „загубен политички компас“, и тоа таму, преку океанот?! Р.Н.М.