Осврт кон извештајот од Минхенската безбедносна конференција во врска со стратегиските нуклеарни амбиции на Брисел
- Вистинската одговорност на европските лидери не е само да изберат меѓу пет нуклеарни сценарија. Таа е да постават пошироко прашање: што значи безбедност во 21 век? Дали безбедноста се гради со боеви глави или со економска виталност? Дали стабилноста се гарантира со закана од уништување или со меѓузависност преку трговија, индустрија и енергија?
Најновиот извештај на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ) отвора чувствително прашање: каква треба да биде иднината на европската нуклеарна стратегија? Во документот се наведуваат пет можни насоки – од продолжување на потпирањето врз американската доктрина за нуклеарно одвраќање, преку зајакнување на британските и француските нуклеарни капацитети, па сѐ до развој на свое европско нуклеарно оружје.
Авторите на споменатиот документ предупредуваат дека „нема евтин или безризичен начин“ за излез од актуелната компликувана ситуација. Но дали вистинското прашање е како да се зајакне концептот на нуклеарното одвраќање – или дали Европа воопшто самостојно треба да се движи во таа насока?
Изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за можна „специјална соработка“ и проширување на францускиот нуклеарен чадор дополнително ја интензивираат дилемата. Но токму тука се отвора суштинското прашање за Европа: дали континентот се движи кон нова трка во вооружување или кон нова визија за енергетско-економски развој?
Милитаризација како идеологија на стравот
Во последната деценија, европските политички елити сè почесто ја оправдуваат милитаризацијата со аргументот на таканаречената доктрина на одвраќање. Логиката за тоа е едноставна: повеќе оружје значи повеќе безбедност. (?!) Но историјата покажува дека натпреварот во вооружување ретко носи долгорочна стабилност; почесто создава нови тензии и економски товар.
Критичарите гледаат во ова тренд што може да се нарече „безбедносен максимализам“ – идеологија според која секој ризик се третира со засилување на воената моќ, наместо со дипломатска, економска и енергетска стабилизација.
Дали Европа ризикува да стане континент што инвестира милијарди во средства за воено уништување, додека истовремено се соочува со индустриска и стопанска стагнација, енергетска несигурност и социјални тензии?
Нуклеарна енергија: оружје или генератор за развој?
Парадоксално, истата технологија што се разгледува како средство за т.н. воено одвраќање, може да биде силен двигател на економска трансформација, раст и развој. Нуклеарната енергија, користена за цивилни цели, претставува стабилен извор на нискојаглеродна, стабилна и евтина електрична енергија.
Наместо проширување на нуклеарните арсенали, Европа би можела да вложи во модерни реактори, истражување и развој, индустриска електрификација и енергетска независност.
– Таквата стратегија би значела поевтина и стабилна енергија за индустријата, намалување на зависноста од увозни енергенти, поттик за нова индустријализација и влегување во реална трка кон технолошко лидерство во глобалната енергетска транзиција, а да не спомнуваме дека и „зелениот аспект на нуклеарната енергија“ е испочитуван и задоволувачки. Имено, наместо логика на одвраќање, логика на производство. Наместо стратегија на страв, стратегија на создавање – велат нашите соговорници, стопанственици и сопственици на извозно ориентирани компании.
вропа на раскрсница: Безбедноста во 21 век не ја гарантира оружјето, туку енергијата
Дебатата што ја отвори извештајот на Минхенската конференција е значајна и добредојдена. Но вистинската одговорност на европските лидери не е само да изберат меѓу пет нуклеарни сценарија. Таа е да постават пошироко прашање: што значи безбедност во 21 век?
Дали безбедноста се гради со боеви глави или со економска виталност?
Дали стабилноста се гарантира со закана од уништување или со меѓузависност преку трговија, индустрија и енергија?
Европа има историска шанса да избере пат на технолошка и економска преродба наместо пат на милитаризација. Наместо нова нуклеарна трка, можно е ново нуклеарно ренесансно поглавје – во служба на индустријата, климатската транзиција и општата благосостојба.
Да се затвори либерално-милитаристичката страница од историјата
Кризите – безбедносни, економски, енергетски – не се надминуваат само со повеќе оружје. Тие се надминуваат со визија. Европа може да избере да биде континент што создава вредност, знаење и просперитет или континент што повторно се дефинира преку воени капацитети.
Историјата ќе покаже кој избор ќе преовлада. Но јавната дебата мора да остане отворена, критичка и насочена кон иднината – кон Европа како простор на развој, а не на уништување. П.Р.
































