Министерот за култура и туризам Зоран Љутков е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, која е во дводневна официјална посета на Будимпешта, Република Унгарија. Во рамките на посетата се одржа втората заедничка седница на двете влади, на која беа разменети идеи и иницијативи за продлабочување на соработката во повеќе области, вклучувајќи и во културата и туризмот.
На средбата меѓу министерот за култура и туризам Зоран Љутков и неговиот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, беше потврдена нивната посветеност за унапредување на културните и туристичките врски меѓу двете земји преку реализација на конкретни активности.
– Радува фактот што само неколку месеци по заедничката седница во Охрид, најголемите институции од областа на театарот во двете држави, Македонскиот народен театар и Националниот театар од Будимпешта, склучија Договор за соработка, врз чија основа, во иднина, ќе се реализираат заеднички продукции, ќе се разменуваат претстави и ќе се промовираат културата и уметноста на двете држави – рече Љутков и изрази уверување дека ова е првиот од низата документи со кои ќе се регулира и ќе се унапреди соработката меѓу националните институции од двете држави.
Во тој контекст е планирана и соработка и во областа на оперската, балетската и филмската уметност, кои се веќе добро развиени во двете земји. Наскоро со потпишување на новата програма за соработка со Министерството за култура и иновации на Унгарија ќе продолжи успешната соработка што ќе биде основа за нови иницијативи во културниот и туристичкиот сектор.
– Во исто време, остануваме отворени за поддршка на сите иницијативи што ќе придонесат за продлабочување на културните врски и за зацврстување на соработката меѓу двете земји, како и за потпишување меморандум за соработка во областа на туризмот, кој би вклучувал можност за развој на заеднички туристички маршрути, кои ќе ги истакнат културното наследство и природните убавини – изјави министерот Љутков.
Со оваа средба, двајцата министри ги потврдија своите заложби за континуирано зацврстување на соработката во културата, туризмот и во другите области од општествен интерес, со цел понатамошно збогатување на културната и туристичката размена и афирмирање на заедничките вредности и интереси.