Фото: ЕПА

Исламистите, кои сега ја водат Сирија, веќе со години управуваат со градот Идлиб. Жителите велат дека тие наметнале некои строги закони, но и послушале дел од поплаките и ги подобриле јавните услуги

Како изгледа секојдневниот живот во Сирија под владеењето на досегашните бунтовници?

На вториот кат од кафулето „Шабабек“, со поглед врз плоштадот во градот Идлиб, страната резервирана за мажи беше празна, со исклучок на двајца млади мажи што пиеја турско кафе. Семејната страна, каде што им е дозволено присуство на жените, беше речиси полна.
Немаше музика, туку само звук на машина за еспресо и ѕвекот на филџани. А за разлика од кафулињата на други места во Сирија, немаше чад од наргиле во просторијата. Тоа е поради договорот што сопственикот мораше да го потпише со Хајат Тахрир ал Шам, исламистичката група што веќе со години владее во поголемиот дел од провинцијата Идлиб, во северозападна Сирија, и која сега го контролира поголемиот дел од земјата заедно со други бунтовнички фракции.
– Наргилето и музиката беа забранети од самиот почеток – вели Јахија Наеме, сопственик на кафулето, кој додава дека забраната го чинела губење на прометот, бидејќи многу луѓе доаѓале во неговото кафуле специјално за да пушат наргиле.
– Ако не можеме да го понудиме тоа, на луѓето ќе им здодее тука и ќе одат на друго место – наведува Наеме.
Други кафулиња во Идлиб го заобиколија законот нудејќи наргиле во тајни локации зад затворени врати. Но Наеме не сакаше да ризикува да се судри со владетелите на областа.
Забраните за наргиле и музика во кафулињата беа во рамките на неколку религиозни закони првично наметнати во Идлиб од Хајат Тахрир ал Шам, кога групата ја презеде власта таму во 2017 година. Прописите вклучуваа и обиди за наметнување построг кодекс на облекување за жените и забрана за продажба и купување алкохол.
Групата владееше со Идлиб со авторитарна рака, затворајќи некои критичари, според локалните жители и групите за човекови права. Но дури и оние што негодуваат за начинот на управување, велат дека групата Хајат Тахрир ал Шам била прагматична и покажала флексибилност.
Групата воведе ред во уништениот регион и промени некои закони по негодувањето од жителите. На самиот почеток од воспоставување на власта, на пример, моралната полиција патролираше по улиците и владините згради, но таа практика подоцна беше прекината.
Исто така, новата власт не ги усвои бруталните методи на екстремистичките групи како Исламската држава, кои понекогаш ги казнуваа луѓето со јавни егзекуции, наместо тоа, наметнуваа главно казни за оние што ги прекршуваат законите.
Групата, исто така, очајнички посакуваше да го отфрли својот имиџ како организација некогаш поврзана со Ал каеда. И покрај тоа, како и покрај обидите да се стекне со меѓународен легитимитет, групата сè уште е означена како терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Обединетите нации.
Во Идлиб, Хајат Тахрир ал Шам се обиде да го придобие населението и да ги докаже своите владејачки ингеренции со преземање на јавните работи – асфалтираше патишта, обезбеди редовно снабдување со вода и струја и ги санираше воените штети.
Полициски службеници го контролираат сообраќајот на фреквентни крстосници и кружни текови, додека чистачи ги одржуваат чисти улиците и патиштата. Домовите, становите, па дури и шаторите на луѓето раселени поради војна, се нумерирани во проектот за доделување адреси на милиони жители. До таблите на кои се испишани адресите висат светлозелени броила за електрична енергија – со што струјата доаѓа од Турција. Тоа е сосема во спротивност со областите во Сирија што до неодамна беа под контрола на владата на Асад, каде што жителите главно се потпираа на генератори за електрична енергија.
Откако ја консолидираше контролата врз провинцијата Идлиб со вршење напади врз други бунтовнички групи, Хајат Тахрир ал Шам воведе ред во хаотичниот регион. Засега, постојат возбуда и одреден страв за она што следува. Дури и некои од критичарите на групата чекаат да видат како групата ќе се развива и ќе расте за да управува со целата земја, која е поразновидна и помалку конзервативна од Идлиб.