Јазична патрола (3)
Овој месец, ние, членовите на мултимедијалниот клуб „К“, направивме истражување и проверивме колку учениците од нашето училиште се запознаени со точниот начин на пишување зборови и реченици што најчесто ги користиме за претстојните празници. Од вкупно 222 анкетирани ученици (на Мајкрософт формс и анкета во живо) заклучивме дека 136 одговорија точно, а 86 погрешно.
Нова Година, Нова година или нова година?
Правописот вели: „Голема почетна буква само на првиот дел од називот се пишува кај верските и други празници: Божиќ, Велигден, Тодорова сабота, Осми септември…“ Според тоа, правилно е да се пишува: Нова година, при што само првата буква на називот се пишува со голема буква.
Објави на социјалните мрежи
Ги истраживме и објавите на социјалните мрежи и откривме дека голем број државни институции не знаат како правилно се пишува Нова година. Многу министерства, универзитети, училишта, туристички агенции и други институции го имаат погрешно напишано името на празникот. Пронајдовме:
– шест погрешни објави кај министерствата
– седум погрешни објави кај универзитетите
– една погрешна објава кај училиштата
– 13 погрешни објави кај туристичките агенции
Важно е да забележиме дека во објава на Педагошкиот факултет забележавме правописна неточност, односно во нивна објава стои: „Среќна Нова Година“, што е погрешно.
Новогодишни игри
Во последниве години, под влијание на социјалните мрежи, новогодишните филмови и празнувањето на Нова година во некои држави, во Македонија дојде до појава на новогодишната игра „Сикрет Санта“ (Secret Santa), што значи: „Таинствен Дедо Мраз“. Тоа е игра во која секој учесник извлекува име на личност за која ќе купи подарок, а идентитетот на подарувачот останува во тајност.
Ние повторно ги прашавме учениците од нашето училиште за предлог имиња за оваа новогодишна игра. Еве неколку идеи: Тему Дедо Мраз, Невидлива радост, Кој е Дедо Мраз?, Подароци од Лапонија, Новогодишен поштар, Скриена магија, Дете Мраз, Непознат со пакетче, Тајната на Дедо Мраз, Работлива Баба Мразица, Скриена радост, Тајно изненадување, Сиктер Санта… со надеж дека некој од овие предлози ќе заживее и нема да има потреба играта да ја нарекуваме Сикрет Санта.
Со ова истражување сакавме да укажеме дека правилниот правопис не е формалност, туку важен дел од јазичната култура. Нова година е празник што сите го одбележуваме, па затоа е важно и правилно да го именуваме и запишуваме.
Треба да знаеш правилно да ги напишеш работите што ги сакаш!
Прилогот го подготвија учениците од мултимедијалниот клуб „К“ при ООУ „Климент
Охридски“ од Прилеп, под менторство на наставничката Јулијана Талеска


































