ГЕОПОЛИТИЧКИ РЕСТАРТ НА ОСКАТА СКОПЈЕ–ВАШИНГТОН
- Македонската дипломатска офанзива во Вашингтон на 7 април не е само протоколарна посета туку и стратешка операција за капитализација на националниот интерес во новиот светски поредок
Најавениот стратешки дијалог меѓу Македонија и САД, кој официјално треба да започне денеска, доаѓа во исклучително чувствителен геополитички момент. Додека светот се соочува со тектонски поместувања, малите држави се притиснати да го редефинираат своето позиционирање. Во тој контекст, фактот што нашата држава е меѓу првите европски центри што воспоставуваат специфичен формат на дијалог со новата американска администрација претставува јасен сигнал за проактивна дипломатија, за што „Нова Македонија“ во повеќе наврати апелираше.
Оваа посета, предводена од министерот Тимчо Муцунски и клучните ресорни министри, не е само „дипломатски аванс“ туку и обид за капитална инвестиција во државноста. По долг период во кој македонската позиција беше пасивен примател на политики, сега се отвора простор за партнерство базирано на заемна корист и реална моќ.
Од либерална матрица до суверенистички концепт
Клучната промена лежи во идеолошката парадигма. Доскорашниот дијалог Вашингтон-Скопје (до доаѓањето на Трамп) се одвиваше во рамките на неолибералната доктрина, каде што „цената“ за евроатлантските интеграции често значеше губење на националните белези и прифаќање штетни ултиматуми. Таа рамка, за жал, остави зад себе нереализирани ветувања и огромни национални жртви, почнувајќи од промена на името до загрозување на идентитетот, како и нови уцени за продолжување на евроинтегративниот пат.
Денес на маса седнуваат два суверенистички концепта. Новата американска администрација, водена од логиката на националниот интерес и прагматизмот, наоѓа сличен идеолошки јазик во актуелната македонска власт. Ова совпаѓање со доктрината на претседателот на САД, Доналд Трамп, нуди историска шанса Скопје и Вашингтон конечно да го заживеат вистински стратешкото партнерство, односно да не бидат само сојузници по дефиниција, туку партнери по интерес.
Агенда на конкретни резултати: Од одбрана до Алшар
Македонската делегација во Вашингтон оди со прецизно дефинирана агенда, која излегува надвор од доменот на протоколарноста. Во фокусот се пет клучни столба:
– Безбедност и одбрана: Барањето веќе не е само декларативно. Македонија треба да инсистира на јасен десетгодишен план за модернизација на армијата, пристап до напредна технологија, понуда на полигони за практикување интероперабилност, потоа барање за реални гаранции против конкретните и реални закани однадвор, како и од етношовинизмот, кој сѐ уште демне во регионот, па и пипала што продираат и во државава.
– Борба против корупцијата: Време е „црните листи“ да добијат правен епилог. Директната соработка со ФБИ и американските истражни органи мора да се преточи во техничка поддршка за откривање на финансискиот криминал на високите ешалони.
– Енергетски суверенитет: Во услови на глобална енергетска криза, поддршката за мали модуларни нуклеарни реактори и американски инвестиции во обновливи извори е прашање на национален опстанок.
– Економија, наука, образование: Македонија поседува ресурси како критичниот минерал лорандит (Алшар), за кој постои децениски американски интерес. Тоа е „џокерот“ за зголемување на инвестициите и отворање на патот кон Договорот за слободна трговија. Тоа е и начинот да израснат научноистражувачки институти во Македонија како јадро за севкупното образование во државава.
– Дигитална трансформација: Партнерство со гиганти како „Мајкрософт“ или „Гугл“ за градење е-влада и облачна инфраструктура би го направило Скопје регионален ИТ-хаб.
Тест за политичката зрелост
Овој дијалог е најголемиот испит за зрелоста на македонската политика. Успехот нема да се мери со бројот на фотографии и срдечни ракувања, туку со конкретни договори што ќе бидат постигнати и ставени во функција во следниот период. Клучен успех би бил и јасниот став на Вашингтон против соседските опструкции за деноминација на македонскиот народ, што е во целосна спротивност со суверенистичката идеологија на новиот Вашингтон.
Македонија овој пат не чека пред вратата; таа влегува во „шеснаесетникот“ со намера да поентира. Шансата за редефинирање на македонската позиција на глобалната сцена е тука – потребни се само мудрост и капацитет за да се зграби со двете раце. Стратешкиот партнер овој пат бара резултати, а Македонија мора да покаже дека е подготвена да ги испорача.































