Повод: Изјавата на лидерот на Алијансата за Албанците за предлог-договор за локално-административна децентрализација, втемелен на „фискална конфедерација или федерација“
- Македонија е унитарна држава. Тоа не е случајна уставна одредба, ниту, пак, историска фуснота што може да се релативизира со политички маркетинг. Унитарноста значи дека суверенитетот е неделив, дека власта произлегува од граѓаните како целина и дека институционалната архитектура е изградена врз принципот на еднаквост пред Уставот и законите. И затоа, употребениот термин „фискална конфедерација или федерација“ на Арбен Таравари е, благо речено, политички оксиморон. Конфедерацијата подразбира сојуз на веќе постојни суверени единици. Федерацијата подразбира уставно поделени надлежности меѓу централната власт и федералните единици со сопствена автономија. И двете форми се спротивни на унитарниот модел, па дури тој и да не е територијален, како што вели Таравари…
Во политичкиот живот на Македонија периодично се појавуваат идеи што, под превезот на модерни термини и наводна европеизација, суштински го доведуваат во прашање унитарниот карактер на државата. Последната најава на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, за „фискална конфедерација или федерација – нетериторијална“ како основа за „нов договор меѓу двата етникума“ е токму таков пример: реторички внимателна, но суштински опасна формулација што отвора повеќе прашања отколку што нуди одговори.
Таравари, во интервју за поткастот „Раштази“ на приштинскиот дневен весник „Коха“, истакна дека децентрализацијата ќе биде главниот столб на новиот политички концепт што го подготвува неговата партија.
– Наскоро ќе го промовираме нашиот нов договор за односите меѓу двете етнички групи што живеат во Македонија. Главниот столб на нашата следна цел ќе биде децентрализација, фискална конфедерација или федерација, а не територијална. Ова ќе значи функционирање на општините со повеќе овластувања и повеќе пари – изјави Таравари.
Унитарноста не е формалност, туку темел
Македонија е унитарна држава. Тоа не е случајна уставна одредба, ниту, пак, историска фуснота што може да се релативизира со политички маркетинг. Унитарноста значи дека суверенитетот е неделив, дека власта произлегува од граѓаните како целина и дека институционалната архитектура е изградена врз принципот на еднаквост пред Уставот и законите.
– Кога политичар зборува за „нов договор меѓу двата најмногубројни етникуми“, тој суштински ја редефинира државата како заедница на етнички колективитети. Таквиот пристап, како што беше случајот и со неуставниот Закон за употреба на јазиците, не само што ја поткопува унитарната концепција туку ги сведува и другите заедници – Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други – на споредна улога во сопствената држава – велат соговорниците, професори на правниот факултет. Рамковниот договор, колку и да беше контроверзен во своето време, а сѐ уште носи и рецидиви на поделби и фаворизирања на Албанците во Македонија, тој всушност беше и компромис за стабилизација и интеграција во рамките на унитарна држава. Неговата логика беше инклузија, а не федерализација. Да се користи како основа за нов „конфедеративен“ наратив значи негово селективно и тенденциозно толкување – отворено зборуваат нашите соговорници.
„Фискална конфедерација“ – политички оксиморон
Терминот „фискална конфедерација“ е, благо речено, политички оксиморон. Конфедерацијата подразбира сојуз на веќе постојни суверени единици. Федерацијата подразбира уставно поделени надлежности меѓу централната власт и федерални единици со сопствена автономија. И двете форми се спротивни на унитарниот модел.
– Дури и ако се додава придавката „нетериторијална“, суштината останува иста! Се предлага систем во кој дел од фискалниот суверенитет би се префрлил на пониски нивоа со политички елемент на автономија. Фискалната политика не е техничко прашање, туку таа е израз на суверенитет. Кој собира даноци, кој ги распределува, кој одлучува за буџетските приоритети, тоа се прашања на државност – недвосмислено толкуваат нашите соговорници, универзитетски професори.
Во унитарна држава, децентрализацијата може да биде инструмент за поефикасно управување, но не и алатка за создавање паралелни политички центри со сопствена „конфедеративна“ логика. Кога фискалната автономија се поврзува со етнички наратив, таа станува средство за политичка сегментација и сегрегација, а не за развој. П.Р.
Од децентрализација до, де факто, федерализација
Македонија веќе има спроведено значителна децентрализација. Општините располагаат со сопствени приходи, управуваат со локални институции, имаат надлежности во образованието, урбанизмот и во комуналните дејности. Прашањето не е дали треба подобрување на финансиската стабилност на локалната самоуправа – тоа е легитимна дебата. Прашањето е зошто тоа се пакува во реторика на „конфедерација“ и „нов договор меѓу етникуми“?!
– Кога финансиската автономија се артикулира како дел од етнички договор, се создава политичка рамка во која општините со доминантно албанско население би функционирале како засебни фискални и политички ентитети, со сопствена логика на легитимитет. Тоа е чекор кон, де факто, федерализација, без јавно да се признае таквата намера – истакнуваат соговорниците, потсетувајќи дека „историјата на Балканот покажува дека ваквите ’меко формулирани‘ концепти често служат како преодна фаза кон поцврсти барања. Денес ’фискална конфедерација‘, утре уставна ревизија, задутре институционализирана територијална автономија“.
– Политичката терминологија не е невина; таа е инструмент за постепено поместување на границите на прифатливото – вели еден пензиониран поранешен дипломат од кариера.
Етничкиот дуализам е опасна теза
Најпроблематичен е самиот концепт на „два етникума“ како носители на нов договор. Македонија не е бина на која два колективитета склучуваат пакт. Таа е држава на македонскиот народ и на сите „делови од народи што живеат во неа“, со гарантирани права за сите колективитети и индивидуално. Но токму формулацијата во Уставот како што е „делови од народи“ до ден-денешен прави суштински проблем поради тоа што најмногубројното малцинство во Македонија де факто се декларира како државотворен народ со сите прерогативи, што во меѓународното право ги носи категоријата „народ“, па затоа и амбициите од албанскиот кампус да се потиснат сите други етнички ентитети како второстепени.
Воведувањето етнички дуализам како централна политичка рамка ја подрива идејата за еднаквост. Наместо натпревар на политики, добиваме натпревар на етнички легитимитети. Наместо борба за подобар економски модел, се отвора фронт за уставно преуредување по етнички линии. Тоа е пат што не води кон стабилност, туку кон хронична политичка криза. Федералните и конфедералните модели во мултиетнички општества функционираат само кога постои длабок консензус за заедничка државност. Кога тие се наметнуваат како решение за етничко незадоволство, резултатот најчесто е институционална парализа или постепена ерозија на заедничката држава – тврдат професори по Уставно право. П.Р.
Уредување на локалната власт во духот на унитарниот карактер на државата и во рамките на Уставот
Политичка одговорност наместо експерименти
- Македонија нема потреба од нов етнички договор. Таа има потреба од функционални институции, владеење на правото и економски развој што ќе ги задржи младите. Наместо да се отвораат уставни авантури, политичарите треба да понудат конкретни политики во рамките на постојниот систем
Легитимно е да се дебатира за поефикасна локална самоуправа, за подобра распределба на буџетските средства, за регионален развој. Но тоа мора да се прави во рамките на уставниот поредок и со јасна заложба за зачувување на унитарниот карактер на државата.

Да се прекине со подметнување политички „темпирани бомби“
Секое играње со поими како „конфедерација“ и „федерација“, без оглед на додавките, е свесно внесување сомнеж во темелите на државноста. Особено кога тоа доаѓа од политички актери што својата поддршка ја градат врз етничка мобилизација. Македонија нема потреба од нов етнички договор. Таа има потреба од функционални институции, владеење на правото и економски развој што ќе ги задржи младите. Наместо да се отвораат уставни авантури, политичарите треба да понудат конкретни политики во рамките на постојниот систем.
Одбрана на унитарноста како предуслов за стабилност
Во услови на чувствителна регионална геополитика, секое експериментирање со внатрешната структура носи ризик од продлабочување на поделбите и надворешни влијанија. Државноста во Македонија е изградена врз идејата за заеднички живот, а не за паралелни суверенитети. Македонскиот народ како носител на историската и уставната државност, заедно со сите заедници што живеат во државата, има интерес од стабилна, функционална и неделива држава – Република Македонија.
Затоа, секој обид за реторичко релативизирање на унитарноста, без оглед дали е обвиткан во технократски термини или во наводна модернизација, мора да биде јасно, аргументирано и гласно отфрлен! Не затоа што дебатата е забранета, туку затоа што темелите на државата не смеат да станат поле за некаквиси перманентни политичко-здравствени експерименти. П.Р.

































