Песни што ме тераат да играм
Ги имам зборовите преточени во букви, ги имам сликите, подвижни и неподвижни, во мојата глава, ги имам и емоциите длабоко во себе и ги имам мислите што постојано течат, а сето тоа е ставено на хартијата пред мене. И го препрочитувам напишаниот текст (рецензија на концертот) и сѐ е поврзано, напишано како што треба, сѐ има смисла. Но тогаш доаѓаат текстовите од неговите песни што ме мачат, па го бришам текстот што веќе го напишав, слушајќи нов текст од нова песна од Френк Тарнер. Па пишувам нова рецензија, но повторно ја бришам затоа што во меѓувреме слушам друг текст од друга песна. И така неколкупати. На крајот решавам да ги ислушам сите песни и текстови и дури тогаш да почнам со рецензијата, нормално од почеток.
Френк Тарнер е неверојатен, брилијантен, можеш да си го чуваш и да го употребиш во секоја пригода. Вели: „Љубовта е за сите промени што ги правиме, а не е само во три мали збора. Затоа што реков дека те сакам толку многу пати, така што зборовите некако умираат во мојата уста… Проблемот со покажување на лузните на љубовникот е во тоа што сите љубовници се покриени во лузни… Ме остави да се чувствувам како никогаш да не сме биле навистина заљубени…“, гласат текстовите на Френк, кој гостуваше во Скопје, во МКЦ, во рамките на фестивалот „Таксират“. Одржа самостоен концерт промовирајќи го последниот албум „Undefeated“ како дел од неговата источноевропска турнеја. Настапи сам со гитарата и неверојатно количество емоции, љубов, среќа, искреност, скромност што ја расфрла несебично маѓепсувајќи ја публиката. Се редат: „The way I tend to be“, „Recovery“, „Polaroid Picture“, „Loоsing day“, „I still believe“… раскажувајќи мали и големи приказни, толку прекрасни, толку искрени, тооолку френктарнеровски.
Во моментов нема музичар, композитор, пејач, текстописец, лидер како него, кој сѐ постигнал сам. Во еден момент како да го слушам Брус Спрингстин, во друг како да е Риверс Куомо, во трет – Били Браг, а понекогаш звучи како Џо Страмер од „Клеш“.
Публиката треба да е среќна и благословена што воопшто постои овој светилник на човештвото. Освен што е неверојатен музичар, тој е и неверојатен забавувач, остварува контакт со публиката како да ја познава со години, како да се стари другари. Доаѓа подготвен каде и да свири, во Скопје покажа дека научил многу работи за Македонија, па дури на почетокот на концертот прочита и текст на македонски. Во еден момент ја праша публиката: Што сте вие? И сите во еден глас извикаа; Македонци! Франк беше среќен, публиката уште посреќна, исто како и јас, се почувствував како повторно да сум 17-годишно момче, скокав, ја пеев секоја негова песна. Не можев да поверувам дека јазот од 35 години во тие еден и пол час исчезна. Како да не сум остарел ниеден ден. Благодарам, прекрасен човеку, уметнику што ме натера да ги почувствувам радоста, среќата, слободата, љубовта… Благодарам што ме врати во оној единствен прекрасен момент што го имаш само еднаш во животот, моментот кога ја губиш невиноста.
Љупчо Давчев