(за Душко Наневски)
Талкав бесцелно по маргините на градот како да сакав да бидам проголтан, за да се сопнам во временска визба и да исчезнам таму од виделината со тешките настани што тогаш ми се случуваа.
И во таква стаписана состојба, во една изгубена, мрачна уличка, се сретнав со високата фигура на Душко. Беше тоа наша прва средба во живо, иако баш тогаш, во целата моја отфрлена ситуација, внесено, како своевиден лек, ги читав неговите длабоки, чудесни есеи од штотуку објавената книга „Раѓање на метафората“.
Зошто, се прашувам, во тој доцновечерен час со затомена месечина, ја одбрал токму таа улица со ретки минувачи? И како тоа се најдовме таму, младиот вознемиреник сред животни искушенија и разочарувања, со осмислениот благородник во својата суштинска творечка фаза?
Подоцна, со годините, ја осознавав неговата тешка долготрпна судбина што тој, со сите рани и болки, ја проткајуваше во закрила на своите толкувања за мистичноста на бајките, на лириката и елиптиките на јазичните значења, но таа првична вечер, кога го допратив до крајот на уличката и си посакавме „добра ноќ“, јас имав само желба да се видиме повторно.
– Ќе се гледаме, Сашо, сигурно ќе се гледаме – одговори со својот спокоен темен глас и замина во ноќта.