Никола Радоњанин од ООУ „Лазо Трповски“ го освои првото место на Државното првенство за основни училишта во шах (во категорија за ученици од шесто до деветто одделение), кое се одржа на 28 ноември годинава во Ресен. Во оваа возрасна категорија годинава на првенството се натпреваруваа досега најголем број натпреварувачи, вкупно 60, а деветтоодделенецот го освои првото место без загубена партија.
Организатор на првенството е Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, а Никола на првенството, во согласност со пропозициите, беше предводен од менторот Стефан Симовски.
Инаку, Никола Радоњанин годинава успешно учествуваше на неколку силни шаховски турнири, и тоа: во септември на Меѓународниот шаховски турнир „Езерска кралица“ во Охрид, каде што освои прво место во возрасната категорија 14 години, а на „Скопје опен 2024“ го освои второто место во возрасната категорија 14 години. Во март годинава на турнирот „Карпош опен“ беше прогласен за најдобар шахист жител на општината.