Дејан Славески, последниот кичевски мајстор
Дејан Славески од Кичево никогаш не помислувал дека негова животна преокупација ќе биде ковачкиот занает, но близината на единствената ковачка работилница во градот ја определила неговата иднина и тој стана познат и признаен мајстор на својот занает. Дејан со текот на времето до тој степен се заљубил во овој занает што и денес не може да се замисли без чеканот и наковалната и, како што самиот истакна, планира до крајот на животот да се дружи со овој занает, кој денес, за жал, не носи голема заработувачка.
– Ковачкиот е еден од многубројните занаети, кој од ден на ден тивко умира. Како што замираат селата во нашиот крај така замира и земјоделството, а со него и овој занает, еден од стожерните занаети пред четири-пет децении, кога животот во регионот не можел да се замисли без овој прастар занает. Денес сѐ помали се потребите за ковачкиот занает, бидејќи промените во секојдневниот живот ги намалија потребите од ковачлукот, а тој тренд и понатаму оди по надолна линија – вели скромниот Дејан.
Но тој е непоправлив оптимист и верува дека и покрај тешките времиња и сѐ помалата заработувачка, нема да се откаже од ковачкиот занает.
– Ковачкиот занает забрзано умира, но и овој факт нема да направи да се откажам од него. Заработувачката не е како во старите добри времиња, меѓутоа за една скромна живејачка може да се заработи. Во нашиот занает работата е сезонска, така, во текот на есента и зимата се ставаат нови рачки на секирите и истите тие се точат за да бидат подготвени за грејната сезона. Потоа се бараат и други изработки, како маши и други предмети што ги нуди нашиот занает, и сето тоа ми дава за право да верувам дека ковачкиот занает никогаш нема да исчезне од нашиве простори – вели Славески, кој со своите муштерии надолго и нашироко зборува за ковачкиот занает и за времињата минати, сегашни и идни.