Соговорниците ни издвојуваат дека станува збор за „енергетска инвестиција што покажува дека нашето чувство за енергетски и економски
напредок не отапело, дека сѐ уште ја препознаваме формулата за прогрес, раст и развој“. Второ, дека инвестициите во енергетиката се идентификувани како приоритет, а токму тие ќе ни ги покажат нашата решеност, волја и нашите мисловни и творечки способности да направиме нешто за Македонија и за идните генерации на нацијата. Токму ваквите колосални проекти, нагласуваат соговорниците, покажуваат дека „ние можеме да влеземе во костец со големи зафати и да ги реализираме, а тоа е високомотивирачки и за преземање исти такви или слични наредни чекори“. Токму овој проект има широк потенцијал за позитивно да се одрази (и директно и индиректно) врз економскиот раст, а особено кон енергетската независност на македонската држава
Ангажманите во енергетиката ни ги откриваат нашите можности, способности и волја за исчекор
Деновиве, како извонредно битна вест за државата и нацијата што најавува еден колосален енергетски проект беше започнувањето на изградбата на ветерниот парк во близината на Штип.
Кусо потсетување: Станува збор за инвестиција вредна 500 милиони долари за ветерен парк, кој ќе се протега на површина од 326 хектари и се очекува да произведе струја за 100 илјади домаќинства. Од страна на инвеститорот, новиот ветерен парк се најави како најголем во Западен Балкан, а домашната експертска јавност неколкупати досега посочи дека оваа инвестиција може да биде значен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност на македонската држава, но и исполнување одредени наши обврски за обновливата енергија кон Европската Унија.
Даниел Калдерон, еден од основачите и управувачки партнер на „Алказар енерџи партнерс“, нагласи дека оваа инвестиција ќе создаде чиста енергија, ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид, ќе доведе до намалување цената на струјата и ќе создаде 600 нови работни места во Македонија. Тој, повикувајќи се на една анализа на „Блумберг“, исто така посочи дека во Западен Балкан ќе има нови инвестиции во обновливи извори на енергија во износ од 11 милијарди долари, во кои македонската држава би имала удел од 30 до 40 проценти поради позицијата, човечкиот капитал и дисциплината.
Според министерот за транспорт и врски Александар Николовски, со реализацијата на оваа најголема инвестиција во обновливи извори на енергија, покажуваме дека можеме да водиме големи проекти.
– Во однос на економијата имаме директен и индиректен импакт. Директниот е она што ќе се произведе и продаде и влегува во БДП, но индиректниот е многу поголем, пред сѐ, за стопанството и индустријата. Правилата на ЕУ во однос на зелената транзиција се дека во металната, челичната индустрија, кои придонесуваат најмногу за нашиот БДП дека веќе од 2026 година мора да се користи зелена енергија – во спротивно ќе се плаќа казна. За да го спречиме тоа, за да ѝ дадеме шанса на нашата економија да биде конкурентна надвор, вакви проекти ќе придонесат за да бидеме лидери и во индустриското производство – рече Александар Николоски.
А како експертската јавност го цени овој зафат во областа на енергетиката?
За реалните потенцијали/можности на оваа инвестиција се консултиравме со повеќемина експерти и универзитетски професори, кои се запознаени со оваа тематика. Заеднички именител на елаборациите на нашите соговорници е дека споменатата инвестиција е „совршена можност да се намали увозот на електрична струја за македонските граѓани и компаниите“ и, второ, дека инвестицијата би обезбедила т.н. зелени ваучери за македонските извозно ориентирани компании (во Европската Унија), за да не бидат обременети со дополнителните (јаглеродни) давачки за македонските производи, што ќе овозможи поголема конкурентност на нашите производи на европските пазари.
Во секој случај, соговорниците издвојуваат дека станува збор за инвестиција што покажува дека нашето чувство за енергетски и економски напредок не отапело, дека сѐ уште го препознаваме клучот за прогрес, раст и развој. Второ, дека инвестициите во енергетиката се идентификувани како приоритет, а токму тие ќе ни ги покажат нашата решеност, волја и нашите мисловни и творечки способности да направиме нешто за Македонија и за идните генерации на нацијата. Токму ваквите колосални проекти покажуваат дека ние можеме да влеземе во костец со големи зафати и да ги реализираме, а тоа е високомотивирачки и за преземање исти такви или слични наредни чекори. Токму овој проект има широк потенцијал за позитивно да се одрази (и директно и индиректно) врз економскиот раст, а особено кон енергетската независност на македонската држава.
– Доколку имаме 20 отсто од електричната енергија од производството што може да произлезе од оваа инвестиција, тогаш таа ќе остане во нашата земја. Индиректно, оваа инвестиција ќе влијае врз бруто-националниот доход (БДП).
Наедно, придобивка ќе бидат инфраструктурата и патиштата за тие сектори во источна Македонија: ќе бидат ангажирани домашни компании! Според мене, проектот е едно големо достигнување затоа што во него учествуваше Универзитетот „Кирил и Методиј“ или директно Електротехничкиот и Машинскиот факултет во Скопје. Тие учествуваа во дел од проектот. Во тоа, според мене, веќе навистина може да се препознае грижа на Владата, на државата.
Од друга страна, наши компании, преку работа ќе стекнуваат нови вештини, ново знаење, нова рутина… А ова за мене, како професор, е највредно – изјави за „Нова Македонија“ реномираниот универзитетски професор и експерт од областа на енергетиката Константин Димитров.
Бенефит и за единиците на локалната самоуправа
Во контекст на некои други позитивни импакти на оваа инвестиција, нашите соговорници ни посочија дека одредени придобивки ќе имаат и општините затоа што законот одредува определен наем на територијата кон општините, по квадрат за користење на просторот што е во сопственост на таа општина, како што ќе биде ветерниот парк во близната на Штип.
– Најголемиот придонес е што ќе дават пари во МЕПСО. Прво, за да се приклучат, они даваат котизација на ниво во МЕПСО, дополнително плаќаат определена сума за транспорт на произведената електрична енергија. Тоа се директните придобивки – нагласува Димитров.
Добро упатените исто така ни посочија дека не треба да ја заборавиме и обврската на македонската држава од 2020 година за намалување на стакленичките гасови, како и можните такси за извоз на македонските компании и фирми доколку немаат т.н. зелени ваучери.
– Во сила треба да стапи мерката што ќе ги засегне македонските компании доколку не ја одложат. Сите домашни компании што ќе извезуваат во ЕУ ќе мораат да плаќаат т.н. прекугранична такса доколку немаат зелени ваучери. Овие ваучери треба да потврдат дека производите (извезени на европскиот пазар) се произведени со зелена енергија.
Зелените ваучери им се потребни на македонските компании што ќе извезуваат. Најмногу тоа ќе влијае на цементара, затоа што тие најмногу користат енергија – рече Константин Димитров.
Македонија како држава мора да продолжи да инвестира во домашни производни капацитети на електрична енергија
Експертската и академската јавност се согласни дека изградбата на ветерниот парк во близината на Штип е позитивен чекор, но тие исто така нагласуваат дека Македонија како држава мора да инвестира и во други производни капацитети на електрична енергија.
– Уште една работа е нужна. Да почнеме со изградба на браната „Чебрен“, да се оформи чебренско езеро, затоа што само таму може да се складира енергија, која во определени моменти ќе се произведува, а ќе нема кој да ја троши. Односно ќе имаме резерви на електрична енергија, со што ќе се намали увозот, нешто што позитивно ќе се одрази врз македонските граѓани, но и врз македонската економија – вели Константин Димитров. Д.Ст.