Фото: ЕПА

Водството на Калин Георгеску по првиот круг целосно ги поби анкетите и истражувањата на јавното мислење пред изборите, што од друга страна сериозно го загрижи политичкиот естаблишмент во Романија. По гласањето во неделата, Георгеску во објава на Фејсбук наведе дека гласал „за неправедните, за понижените, за оние што чувствуваат дека не се важни, а всушност се најважни… гласот е молитва за нацијата“

Десничарот Калин Георгеску води по првиот круг од романските претседателски избори

Малку познатиот крајно десно ориентиран популист Калин Георгеску го презеде водството на претседателските избори во Романија по првиот круг од претседателските избори, кој завчера се одржа во Романија, а според изборните резултати негов противкандидат во вториот круг за две недели ќе биде левичарскиот премиер Марсел Чиолаку, исход што ја потресе политичката сцена на земјата, објави британски „Гардијан“.
Георгеску е независен кандидат, а по 93 отсто од преброените гласови водеше со околу 22 отсто од гласовите за него, додека, пак, Чиолаку од Социјалдемократската партија, или ПСД, заостана со 21 отсто. Елена Ласкони од партијата Сојуз за спас на Романија, имаше околу 18 отсто, а Џорџе Симион, водачот на крајно десничарската Алијанса за единството на Романците, освои околу 14 отсто.
Податоците на романското централното изборно биро покажуваат дека на изборите гласале 9,4 милиони луѓе, односно околу 52,4 отсто од гласачите со право на глас. Вториот круг на гласање ќе се одржи на 8 декември.
Според романскиот устав, претседателот има петгодишен мандат и има значителни овластувања за одлучување во области како што се националната безбедност, надворешната политика и судските назначувања во Европската Унија и во НАТО.
Георгеску, кој има 62 години, се кандидираше самостојно и не беше надалеку познат. Неговото водство по првиот круг целосно ги поби анкетите и истражувањата на јавното мислење пред изборите, што од друга страна сериозно го загрижи политичкиот естаблишмент во Романија.
По гласањето во неделата, Георгеску во објава на Фејсбук наведе дека гласал „за неправедните, за понижените, за оние што чувствуваат дека не се важни, а всушност се најважни… гласот е молитва за нацијата“.

Неочекуваниот успех на Георгеску е „голем протест против политичкиот мејнстрим“

Политичкиот консултант Кристијан Андреј, со седиште во Букурешт, изјави дека неочекуваниот успех на Георгеску се чини дека е „голем протест или револт против естаблишментот“.
– Популарните политички партии ја изгубија врската со секојдневните Романци. Нема силни кандидати или силни лидери… има слаби кандидати, слаби лидери, а партиите генерално се доста исклучени – објаснува Андреј.
Според него, на Георгеску му недостига агенда и има нејасен и популистички манифест со позиции што се „надвор од нормалниот дискурс“. Неговите ставови, како што објаснува политичкиот консултант, вклучуваат поддршка на романските земјоделци, намалување на зависноста од увоз и засилување на производството на енергија и на храна.
Георгеску го нарече одбранбениот штит од балистички проектили на НАТО, во романскиот град Девеселу, „срам на дипломатијата“. Тој рече дека Северноатлантската алијанса нема да заштити ниедна од нејзините членки доколку бидат нападнати од Русија.
Романија дели 650 километри граница со Украина и откако почна војната во 2022 година, таа овозможи извоз на милиони тони жито преку пристаништето Констанца на Црно Море и обезбеди воена помош, вклучувајќи и донација на воена единица на системот за противвоздушната одбрана „патриот“.
Во селата на границата со Украина се забележаа низа беспилотни летала што го нарушија националниот воздушен простор, иако нема информации за жртви.

Премиерот ги убедува младите дека вреди да останат во Романија

Романија исто така ќе одржи парламентарни избори на 1 декември, на кои ќе се одредат следната влада и премиер на земјата.
Политичкиот консултант Кристијан Андреј појаснува дека големиот буџетски дефицит на Романија, високата инфлација и економското забавување би можеле да поттикнат повеќе популарни кандидати да се префрлат кон популистички ставови, во услови на широко распространето незадоволство.
Чиолаку пред гласањето во првиот круг изјави дека една од неговите најголеми цели е „да ги убеди Романците дека вреди да останат дома или да се вратат во Романија“, која има огромна дијаспора, распространета низ земјите на ЕУ.
Екатерина Навадија, 20-годишна студентка по архитектура, рече дека првпат гласала на националните избори во неделата и се надева дека младите ќе излезат во голем број.
– Од револуцијата (1989) сме немале навистина добар претседател. Се надевам дека повеќето на моја возраст отидоа да гласаат… бидејќи водечкиот кандидат не е најдобрата опција – порача Навадија.

Р.Б.


Кој е Калин Георгеску?

Според неговата веб-страница, Георгеску има докторат по педологија, гранка на науката за почвата, и има различни позиции во романското министерство за животна средина во 1990-тите. Помеѓу 1999 и 2012 година тој е претставник за Романија во националниот комитет на програмата на Обединетите нации за животна средина.
Видеата објавени на неговиот популарен профил на социјалната мрежа Тикток, каде што има собрано 1,6 милиони допаѓања, го прикажуваат како оди во црква, се занимава со џудо, трча на кружна патека и зборува на поткасти.

Р.Б.

Фото: Принтскрин