Фото: Приватна архива

Ученици од Хрватска што го изучуваат македонскиот јазик беа гости на „Детските Рацинови средби“ во Велес

  • Среќни се вративме во Хрватска, а до следните 59. „Детски Рацинови средби“ ни преостанува да бидеме горди што Самобор е домаќин на Рациновиот ден „Бели мугри“, кој ги обединува Македонците во цела Хрватска. Тоа ќе нѐ инспирира уште повеќе да се трудиме да го зачуваме споменот за големиот поет секаде во светот, вели професорката Ивана Брезовец, координаторка на проектот „Рацин во моите очи“

Втора година по ред македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб, под покровителство на Министерството за наука, образование и млади на Хрватска го организира проектот „Рацин во моите очи“. Тоа е активност реализирана по идеја на професорката по македонски јазик во Првата гимназија во Загреб, Ивана Брезовец, која е наедно и координаторка на проектот. Таа веќе долги години е вклучена во подготовката и реализацијата на манифестацијата Рацинов ден „Бели мугри“ во Самобор.

Мост што спојува две култури

– Имајќи ја предвид важноста за доближување на делото и големината на Рацин до учениците, беше сосема нормално да дојде до реализација на проект што мотивира, инспирира и му дава нова перспектива на толкувањето на значењето на Рацин во Хрватска. Пред сѐ тоа се однесува на најмладите што го учат македонскиот јазик, но и на оние што, иако не го знаат, сепак ја препознаваат големината на човекот што има огромен придонес за македонската литература. Меѓу другото тоа е еден од најсилните мостови што ги спојуваат нашите две култури – вели професорката Ивана Брезовец.
Авторите на најдобрите творби на конкурсот во Хрватска имаа можност да го посетат Велес и одблиску да се запознаат со делото на Рацин, како и да учествуваат на манифестацијата „Детски Рацинови средби“.
– Со овој проект постигнавме многу цели, а сепак најзначајно е тоа што радоста кај наградените ученици и посетата на Велес им даваат поинаква можност да ја запознаат земјата на големиот поет, да го слушаат говорот на Македонците во еден од најзначајните градови за македонскиот јазик – додава професорката Брезовец.
Мотивираноста да се напишат силни стихови била голема и голем број ученици испратиле прекрасни песни. Наградени се: Aда Вибовец, Петар Богатинов, Деа Русевски и Леон Вибовец од основното образование. Од средните училишта награди добија: Ерин Пернар, Исидора Спиркоска и Томислав Трајковски.

Убави средби и значајни посети во главниот град

Возбудата кај наградените деца растела секој ден пред тргнувањето во Македонија. Учениците и професорката прво го посетиле Скопје, каде што оствариле средби во значајни институции, како што е Агенцијата за иселеници, каде што биле пречекани од директорот Горан Ангеловски. Во Друштвото на писателите на Македонија разговарале со претседателот Живко Грозданоски, а ја посетиле и издавачката куќа „Просветно дело“, каде што благодарение на уредничката Ксенија Маказлиева Трајчева присуствувале на редакциски состанок за списанието „Росица“. Од „Просветно дело“ си заминале со голем број списанија што ќе ги користат во наставата по македонски јазик. Ги интервјуирала и новинарката Елизабета Кузмановска.
– Среќни и задоволни ги посетивме и црквите „Св. Константин и Елена“ и „Св. Димитрија“, како и Спомен-куќата на Мајка Тереза. Денот беше сончев и прекрасен, па така прошетката во старата скопска чаршија и чекорењето по Камениот мост беше доживеано со многу восхит – велат гостите од Хрватска..

Велес и Рацин дишат заедно

Младите литерати веднаш штом стигнале во Велес ја почувствувале присутноста на Рацин во сегашноста.
– Велес и Рацин дишат заедно. Ја следевме програмата подготвена од најмладите учесници на фестивалот. Храбро се искачивме до Костурницата и уживавме во погледот кон градот, разгледувањето на внатрешноста на самата градба, на уметноста и посебноста што ја носи во себе – велат тие.

За време на престојот во Велес ги посетиле и Музејот на Градот и, секако, Спомен- куќата на Кочо Рацин. Во градската библиотека „Гоце Делчев“ биле пречекани од директорката Снежена Бошевска, библиотекарката Наташа Брезовска Богоевска, како и писателите Атанас Крлевски и Десанка Николова и организаторката на 58. „Детски Рацинови средби“, Анита Станинова Мирчева.
– На манифестацијата се запознавме со многу писатели, ученици и професори од цела Македонија, меѓу кои и со писателите Трајче Кацаров, Јадранка Клисарова и Горјан Петревски – раскажува професорката Брезовец.
Екипата од Хрватска го посетила и театарот „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, а кај децата најголемо внимание предизвикале посетата на грнчарската работилница и работата со грнчарското тркало.

Атрактивноста на грнчарската работилница

– Многу ми беше убаво и забавно во Македонија. Но најмногу ми се допадна грнчарската работилница во Велес. Многу научив за Рацин и за Македонија – сподели ученикот Леон Вибовец.
Со Леон се согласува и неговата сестра Ада. Тие учат македонски јазик во ОУ „Иван Бенковиќ“, а нивна менторка е наставничката Бранкица Богатинов.
– Посетата на Македонија беше фантастична и незаборавна. Сѐ што видов ми беше интересно, но најмногу уживав во работата со глина – вели Ада.
Ерин Пернар, пак, е средношколка што учи македонски во Првата гимназија во Загреб кај професорката Ивана Брезовец.. Тој е воодушевен од средбите со македонските писатели.
– Учествував во работилниците во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, каде што имав можност да разговарам со македонските поети и писатели. Научив многу нови нешта за Кочо Рацин и за македонскиот јазик. Со посетата на Скопје и Велес ги проширив моите знаења за македонската култура и за обичаите – вели средношколката Ерин.
Според нив, секој на свој начин ја доживеал програмата на годинашните „Детски Рацинови средби“.
– Среќни се вративме во Хрватска, а до следните 59. „Детски Рацинови средби“ ни преостанува да бидеме горди што Самобор е домаќин на Рациновиот ден „Бели мугри“, кој ги обединува Македонците во цела Хрватска. Тоа ќе нѐ инспирира уште повеќе да се трудиме да го зачуваме споменот за големиот поет секаде во светот – порачува професорката Ивана Брезовец.