Проф. д-р Виктор Недески, продекан на Православниот богословски факултет (ПБФ) „Св. Климент Охридски“ при УКИМ-Скопје, моментално работи на својот нов, исклучително значаен авторски труд, посветен на Свети Атанасиј, во кој се разработува учењето за Света Троица онака како што е изложено во словата на Свети Атанасиј, кои се едни од најрепрезентативните богословски творби во историјата на црквата
Разговор во пресрет на издавањето на „Словата против аријанците – тријадологијата на Свети Атанасиј Велики“
Македонската православна црква-Охридска архиепископија деновиве, на 31 јануари, го чествуваше Свети Атанасиј Велики, голем христијански светител, еден од ретките наречен Велики, составувач на второто житие, учесник на Првиот вселенски собор во Никеја, на кој биле решени многу црковни проблеми. Тој, со прекини, бидејќи бил многу прогонуван од неколку римски цара, 47 години бил архиепископ на Александрија. Овој светец, и како слава, го празнуваат многу семејства во Македонија. Неофицијално, во државава има минимум околу 150 црковни храма што го носат називот на овој светец.
За огромното значење на оваа голема личност ни укажува проф. д-р Виктор Недески, продекан на Православниот богословски факултет (ПБФ) „Св. Климент Охридски“ при УКИМ-Скопје, на кој ги предава предметите Патрологија и Агиологија со хеортологија. А, токму предметот Патрологија ги истражува животот, делата и учењето на светите отци и христијанските писатели од целокупната црковна историја. Меѓу нив особено значајно место зазема Свети Атанасиј Велики. Професорот Недески му посветил сериозно внимание на овој голем отец на црквата. Досега публикувал повеќе научни истражувања посветени на овој голем богослов, од кои најзначајна е неговата книга „Посланијата до Серапион – пневматологијата на Свети Атанасиј Велики“, во која се истражува најраното систематско учење на црквата за Светиот Дух, што е и тема на овие посланија.
Професор доктор Виктор Недески моментално работи на уште една значајна книга посветена на Свети Атанасиј, која ќе биде насловена „Словата против аријанците – тријадологијата на Свети Атанасиј Велики“. Во оваа книга се разработува учењето за Света Троица онака како што е изложено во овие слова на Свети Атанасиј, кои се едни од најрепрезентативните богословски творби во историјата на црквата.
Дополнително, и во учебникот по предметот Патрологија, кој го подготвува професор Недески, личноста и дејноста на Свети Атанасиј заземаат особено значајно место.
– Свети Атанасиј Велики е еден од најголемите поборници за православната вера и со право во неговиот тропар се нарекува „столб што со божествените догмати ја утврди црквата“. Живеејќи во тежок период, овој маркантен архијереј со ретки духовни квалитети, кои ги збогатил со невообичаеното христијанско благочестие, одиграл пресудна улога во сочувувањето на вистината во црквата. Во периодот кога внатрешните непријатели на црквата се покажале како поопасна закана од римските гонители, Свети Атанасиј се борел со нескротлива храброст за победа на вистините на верата, за што платил со многу искушенија и пет прогонства со времетраење од шеснаесет години. Во согласност со зборовите на авторот на пофалбата за него – Свети Григориј Богослов, „добродетелта и Атанасиј се синоними, бидејќи во него се собраа сите добродетели“. Свети Григориј завршува со зборовите: „Фалејќи го Атанасиј ја пофалувам добродетелта“.
Свети Атанасиј е автор на голем број дела со догматски, историски и поучен карактер. Тој е автор и на еден од најраните житијни текстови воопшто во црковната книжевност. Тоа е Житието на Свети Антониј Велики, посветено на таткото на христијанското монаштво и еден од најблиските соработници на Свети Атанасиј – вели проф. д-р Виктор Недески по неговите многугодишни истражувања на дејноста на Свети Атанасиј.
Живко Здравкоски
Човекот што придонел за утврдување на православието
Св. Атанасиј Велики архиеп. александриски. Роден е во Александрија во 296 година и уште од детството бил наклонет кон духовниот позив. Тој бил ѓакон кај архиепископот Александар и го придружувал во Никеја на Првиот вселенски собор. На овој собор Атанасиј се прославил со својата ученост, благочестие и ревност за православието. Тој многу придонел за сузбивање на Ариевата ерес, како и за утврдување на православието. Тој го напишал Символот на верата, кој бил усвоен на соборот. По смртта на Александар, Атанасиј бил избран за архиепископ александриски. Како архиепископ останал повеќе од 40 години, иако не бил цело време на архиепископскиот престол. Безмалку, речиси целиот свој живот бил гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеле: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите – Евсевиј Никомидиски со уште многу други, а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Бил принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, во пустини. На двапати морал да бега во Рим. Дури пред смртта, некое време проживеал мирно како добар пастир меѓу своето добро стадо, кое вистински го љубело. Малку се светители што биле така безобѕирно клеветени, така свирепо гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа поднела трпеливо сè поради љубовта Христова и најпосле излегла победоносно над сета таа страшна и долготрајна борба. За совет, утеха и морална поддршка честопати одел кај Св. Антониј, кого го почитувал како свој духовен отец. Човекот што ја формулирал најголемата вистина, морал и многу да страда за таа вистина додека Господ не го упокоил во своето царство како свој верен раб во 373 година. Р.З.